Повеќе од јасно е дека никој не може да влијае на музичкиот вкус на граѓаните, но овде се работи за нешто многу посериозно. Ако самите не се погрижиме да им дадеме шанса на македонските музичари да се наметнат со квалитет, ако не им овозможиме барем приближен пристап до парите на даночните обврзници преку општинските каси, како можеме да очекуваме да создаваат поквалитетни музички дела што публиката ќе ги бара. Далеку од помислата дека не поседуваме квалитет или талент, но во недостиг од квалитетна продукција и целокупна атмосфера како што ја имаат нивните
колеги од соседството, тогаш да се обидеме барем на некој начин да ги стимулираме да направат чекор напред во својата кариера
Наближува Нова година, па може да се навратиме на една област што често е спомнувана токму во овој период, но која ни малку не е за запоставување, туку напротив, бара сериозен третман. Станува збор за музиката, за забавата во целина, област што вообичаено се остава во втор план, благодарение на нашата опседнатост со политиката. Токму затоа, а и за малку да одмориме од политиката, решив да се навратам на една тема што заслужува да биде „пробуричкана“.
Непосреден повод е последната реакција на поголема група од педесетина (50) домашни музичари, водители и технички персонал, кои преку медиумите обзнанија дека сѐ уште не го добиле хонорарот за учество во минатогодишниот пречек на Нова година на скопскиот плоштад. Станува збор за еднонеделна програма, за која учесниците требало да го добијат хонорарот најдоцна за три месеци, но еве мина цела година, а тие сѐ уште не ги виделе парите. Во недостиг од официјална реакција на градските власти, овој пат нема да коментираме, туку само ќе ја нотираме реакцијата на засегнатите изведувачи.
Дополнително, оваа информација се совпадна со прегледот изготвен и презентиран неодамна пред јавноста околу тоа какви се хонорарите што им ги исплаќале македонските општини на музичките ѕвезди во изминатиот период. На тој преглед убедливо на врвот се музичарите од поблиското и подалечно соседство, додека македонските изведувачи морале да се задоволат само со „трошките“ од богатата трпеза на градските татковци и мајки.
Очигледно, сликата тешко се менува од пред некоја година кога исто така пишувавме за големиот мерак на нашите градоначалници да бидат широкогради при исплаќањето хонорари на разните регионални ѕвезди и ѕвездички, што вообичаено резултираше со насмеани лица што блескаат на заедничките фотографии, гордо обесени над работното биро во службените канцеларии. Времињата се менуваат, но навиките по сѐ изгледа тешко се надминуваат, па дури и се префрлаат во наследство од еден на друг градоначалник. Едноставно, немаше викенд во земјава без да дефилираат разни Цеци, Меци, Карлеуши и Ацалукаси, а градските плоштади беа преполни со народ.
Но тоа е изборот на градоначалниците, избраниците на народот, и тука не можеме многу да влијаеме.
Ако народот е задоволен, тогаш нема што да се приговара. Единственото што можеме да го истакнеме е настојувањето на голем број општини, кога неодамна се одбележуваа деновите на ослободување на градот или на други слични свечености, листата на учесници да биде составена исклучиво од македонски изведувачи, евентуално со еден гостин од странство. Работите полека се менуваат, па да веруваме дека ќе си дојдат на своето место.
И тука се наметнува уште една идеја, поточно пракса применета во повеќе земји, а нашите музичари се беа соочиле со неа при гостувањето во Австралија, на пример. Имено, тамошните даночни власти наложуваа секој гостин што настапува во Австралија да мора во програмата да вклучи и соодветен број домашни изведувачи, идентично колку што сочинува групата што гостува. Се разбира и да се погрижи за нивниот хонорар. Дали оваа мерка остана и до денешен ден, немаме прецизна информација, но овде ја наведуваме само како една мерка што ја преземаат и многу побогати земји од нашата. Мерка што во секој случај е интересна за дискусија, ако се сака да се стави некаков ред не само на гостувањето на музичарите по општинските прослави туку и за другите комерцијални гостувања по спортски сали или угостителски објекти.
Повеќе од јасно е дека никој не може да влијае на музичкиот вкус на граѓаните, но овде се работи за нешто многу посериозно. Ако самите не се погрижиме да им дадеме шанса на македонските музичари да се наметнат со квалитет, ако не им овозможиме барем приближен пристап до парите на даночните обврзници преку општинските каси, како можеме да очекуваме да создаваат поквалитетни музички дела што публиката ќе ги бара. Далеку од помислата дека не поседуваме квалитет или талент, но во недостиг од квалитетна продукција и целокупна атмосфера како што ја имаат нивните колеги од соседството, тогаш да се обидеме барем на некој начин да ги стимулираме да направат чекор напред во својата кариера.