Многумина бугарски граѓани имаат македонски корени, но низ децениите кај нив се оформува бугарската национална свест, нешто што е резултат на средината во која растеле и живееле, нешто што не е спорно. Но проблемот настанува бидејќи тие не можат да се соочат со реалноста, односно не можат да се соочат со фактот дека македонскиот народ има свои особености, кои го одделуваат од бугарското национално ткиво. Оваа групација бугарски граѓани со македонски корени се високопозиционирани во бугарското општество и политика и тие се причината за раздорот помеѓу Бугарија и Македонија, тие се носителите на великобугарзимот и македонофобијата
Македонско-бугарските национални и политички односи имаат своја предисторија што датира повеќе од 100 години наназад. Доколку внимателно се анализираат настаните и состојбите од историски и политички аспект, очигледно е дека и од двете страни отсекогаш имало личности што се стремеле за зближување на македонскиот и бугарскиот народ. Во оваа конотација треба да се спомене Бугаринот Јанко Саказов, кој не штедеше „симпатични зборови за каузата на Македонецот“ или неговата сопруга Ана Карима Саказова, истакната бугарска писателка, која ги промовираше „желбите на вистинските воини за македонското дело – Македонија за Македонците“. Доколку внимателно се проследат македонско-бугарските односи, очигледно е дека постои искрена соработка и заемна поддршка, но позитивната атмосфера отсекогаш зависела од бугарската страна, односно од нејзиниот став во однос на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн.
Но позитивните односи помеѓу македонскиот и бугарскиот народ се обременети и со една апсурдност, односно од бугарските граѓани што имаат македонско потекло, нешто што е очигледно и од искажувањето на Киро Глигоров. Поранешниот македонски претседател посочува дека Жељу Желев отворено говорел дека во Бугарија има два милиона луѓе што дошле од Македонија, по потекло од Македонија. Желев исто така нагласувал дека овие луѓе и тој дел од бугарското население се многу влијателни во бугарската држава, како и дека тие не биле согласни да се признае Македонија како независна држава.
Дека бугарските граѓани што имаат македонско потекло отсекогаш биле влијателни во бугарското општество се потврдува од повеќе историски документи. Тука би го споменале бугарскиот дипломат Григор Начович, според кого, „Македонците се честити во Бугарија, тие се примаат во сите служби, прават трговија и се најбогатите. Има Македонци министри, и пратеници, и адвокати, и владици, и свештеници и секакви. Министрите треба да им платат клучари зашто се влијателни, дури кнезот се плаши од нив, бидејќи можат да му сторат големи пакости“.
Од денешна перспектива, многумина бугарски граѓани имаат македонски корени, но низ децениите кај нив со оформува бугарската национална свест, нешто што е резултат на средината во која растеле и живееле, нешто што не е спорно. Но проблемот настанува бидејќи тие не можат да се соочат со реалноста, односно не можат да се соочат со фактот дека македонскиот народ има свои особености, кои го одделуваат од бугарското национално ткиво. Оваа групација бугарски граѓани со македонски корени се високопозиционирани во бугарското општество и политика и тие се причината за раздорот помеѓу Бугарија и Македонија, тие се носителите на великобугарзимот и македонофобијата.
Дека е тоа така потврдува и досегашната активност на фамозната македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која беше формирана во согласност со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. Доколку внимателно се анализира, неизбежен е заклучокот дека во комисијата некои од бугарските членови имаат македонско потекло, како што е Кирил Топалов со потекло од Дебар, или се контроверзни личности, како што е Ангел Димитров, кој присуствува на погребот на Ванчо Михајлов. Доколку се земат предвид нивните изјави, како онаа на Топалов дека Македонија е „Северна Кореја на Балканот“ или искажувањето на Ангел Димитров дека „јасна е неподготвеноста за промени на основите на македонизмот, како и неспособноста на македонската држава да го промени она што ги дефинираат постулатите на доктрината на македонизмот“.
Комисијата за историски и образовни прашања беше формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, на паритетна основа, и треба да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“, со цел продлабочување на заемната доверба. Искажувањата од форматот дека Македонија е Северна Кореја или дека македонската држава треба да ги промени постулатите на македонизмот се потврда дека сѐ додека Ангел Димитров и Кирил Топалов се членови на комисијата за историски и образовни прашања нема да има напредок во нејзината работа. Очигледно е дека комисијата за историски и образовни прашања треба да биде деполитизирана, а тоа може да се случи само доколку во нејзините редови има членови што објективно и научно ќе ги толкуваат историските настани.