ЕУ до 2003 година можеби и беше некаков фактор, а ако беше малку попаметна и се водеше според заклучоците од Солунскиот самит, тогаш процесот на проширување Унијата ќе го завршеше до 2009 година со сите земји. Ни билатерални ни идентитетски ни уставни ни какви било други прашања, туку исклучиво европски критериуми и брз прием на сите земји од Балканот. На тој начин, сета енергија ќе можеше да се насочи кон средување на внатрешните состојби во Унијата, а таква компактна ЕУ во голема мера ќе беше кредибилен партнер на светската политичка сцена. Истовремено, тоа ќе значеше и креирање сопствена надворешна политика, водена исклучиво од сопствените интереси, а не исполнување желби на партнерите преку океанот
(или според Нуланд: F*ck the EU)
По Минхенската безбедносна конференција многу работи станаа кристално јасни, дека ниту САД ниту другите поголеми светски играчи не гледаат во Европската Унија некаков фактор што може да носи одлуки и да ги менаџира состојбите ниту внатре во самата Унија, а не, пак, во Европа и пошироко.
Вонредниот состанок на европските лидери што го свика Макрон е само одраз на европската немоќ да се спротивстави на новите текови и воспоставувањето нов мултиполарен свет во кој повеќе нема да има само еден светски полицаец, туку се наметнуваат повеќе играчи што сакаат да бидат вклучени во новите геостратегиски прераспределби. И веќе работат на тоа.
ЕУ тука буквално остана со прстот во раката откако американскиот потпретседател Џ.Д. Венс им го плесна директно во фаца она што Македонија се обидува со години културно да им го каже, дека со напуштањето на европските вредности, ЕУ всушност ги разурна темелите врз кои беше изградена и сега е само обична заедница на држави на која никој повеќе не гледа сериозно.
Ако пред повеќе од десет години Европа остана глува на зборовите на поранешната помошник-државна секретарка на САД, Викторија Нуланд, кога таа во еден телефонски разговор со американскиот амбасадор во Киев, Џефри Пајт, упати навредлив коментар на адреса на ЕУ во врска со украинската криза со зборовите „Е.и ја ЕУ“ (F*ck the EU), сега работите стануваа многу појасни.
Имено, САД уште тогаш сфатиле и дури на некој начин испратиле порака дека ЕУ не е фактор што носи одлуки и што може нешто да направи, туку обична бирократија што носи регулативи дали може или не може да се вари приватно ракија, дали ќе престане зимското и летното сметање на времето, дали ќе се користи брашно од ларви и слични будалштини. Дури и за нив не може да постигне согласност.
Како сега некој ќе ја доживува ЕУ како фактор? Сега истата таа ЕУ ќе стои од страна и ќе гледа што другите ќе се договорат за Украина, а неа ќе ѝ го испорачаат цехот за обнова на разурнатата земја. Значи ЕУ само ќе плаќа. Впрочем, која беше логиката да се отвораат пристапни преговори за членство со земја во војна кога некој друг ќе ја одредува нејзината судбина, а Европа го кркаше стапот? ЕУ е таа чија економија крахира поради заблудите за зелената енергија и едностраното откажување од гасот, од одлуката да увезува мигранти како работна сила, кои културолошки не се вклопуваат во ниту еден европски концепт, па секојдневните терористички напади низ европските градови се резултат на таквите непромислени политики. Без моќни економии што ќе ја движат, ЕУ забрзано се движи кон самоукинување. Германската економија крахира, Франција се врти секаде каде што гледа сопствен интерес, Италија го прави истото тоа, со други зборови, секој си гледа за себе.
Додека Венс им држи лекција по демократија на бриселските бирократи среде Минхен, претседателката на ЕК излегува со уште поапсурдни најави дека ЕУ морала и сакала значително да ги зголеми трошоците за одбрана и да ги прошири своите капацитети за оружје. Според неа, ЕУ уште сака да војува и со вака исцрпени економски капацитети. Еве, нека направат еден највисок демократски чин, нека организираат референдум на ниво на цела ЕУ, да прашаат дали обичните луѓе сакаат да се трошат нивните пари на оружје и војни. Па половина и повеќе земји во Унијата не се согласни да финансираат безумна војна во која единствен губитник се Украина и украинскиот народ. Половина членки на НАТО почнаа да се бунат уште на најавите за можно зголемување на издвојувањето пет отсто од својот БДП за одбрана, што за нив ќе значи финансиски крах по кратка постапка. Крајно време е безумието со трошење пари на оружје и војни конечно да запре, а тие пари да се пренасочат за изградба на инфраструктура, за храна, здравство, подобар живот на граѓаните.
Кој како сака нека ги сфати зборовите на Венс, но факт е дека тие се повеќе од вистинити, а вистината боли, онака како што го заболе германскиот канцелар Шолц. Боли вистината дека ЕУ повеќе не е демократска, дека ги напушти европските принципи и целата европска идеја за прифаќање на различностите. Па таа ЕУ не можеше да прифати едно суверено право на мал народ да си ја именува сопствената држава онака како што ја именувале неговите предци, да го нарекува јазикот како што отсекогаш го нарекувал, македонски, да си гради сопствена историска нарација како што сите го прават тоа. Каде е тука демократскиот капацитет на ЕУ? Каде е капацитетот на истата таа ЕУ да прифати дека некој не се согласува со нивните мигрантски политики, со политиките за учество во туѓи војни, за свесно уништување на сопствената економија, за двојните критериуми…
Да, Макрон може да држи колку што сака вонредни состаноци со европските лидери, но кога некој не си стои на зборот, тогаш и она што ќе се заклучи во Париз, ќе биде само обична утеха за веќе „отпишаните“. Макрон вети преговори за Македонија по промената на името, па му текна да ја менува методологијата за пристапување. И сега едно ќе каже на вонредниот состанок во Париз, а утре друго ќе направи. Не е за верба.
Како и да е, ЕУ до 2003 година можеби и беше некаков фактор, а ако беше малку попаметна и се водеше според заклучоците од Солунскиот самит, тогаш процесот на проширување на Унијата ќе го завршеше до 2009 година со сите земји. Ни билатерални ни идентитетски ни уставни ни какви било други прашања, туку исклучиво европски критериуми и брз прием на сите земји од Балканот. На тој начин, сета енергија ќе можеше да се насочи кон средување на внатрешните состојби во Унијата, а таква компактна ЕУ во голема мера ќе беше кредибилен партнер на светската политичка сцена. Истовремено, тоа ќе значеше и креирање сопствена надворешна политика водена исклучиво од сопствените интереси, а не исполнување желби на партнерите преку океанот. Да направеа така, Европејците сега немаше да се соочуваат ниту со царини ниту со енергетски кризи, ниту, пак, со војни на европско тло. Вака, друг ќе ја води војната, а цената ќе ја плаќа Европа.
На крајот, можеби ова е добра лекција и за ЕУ, да увиди дека мора да се врати на сопствените принципи ако сака да опстане. Нека прекине со демагогиите околу проширувањето и со политичка одлука веднаш да ги прими сите земји од Западен Балкан, да ги заокружи надворешните граници и да почне да разговара за внатрешна и надворешна европска суверена политика. Само со таков европски суверенистички пристап ЕУ може да опстои и да се најде на преговарачката маса, во спротивно, ќе остане само обична монета за поткусурување, односно ќе се користи само како подизведувач на туѓи политики. А тоа не беше во основата на европската идеја, беше нешто друго…