- Безбедноста во сообраќајот не е тема што се активира по трагедија, туку обврска што се почитува секој ден
Во изминатите денови повторно сме сведоци на болни вести во низа, кои се враќаат како ехо од кое се чини не можеме да побегнеме. Секоја утринска хроника личи на непожелна реприза. Сѐ уште се свежи и болни сеќавањата за трагичната загуба на младата Фросина Кулакова, која беше покосена од несовесен возач-убиец на скопскиот асфалт, а неодамна бевме сведоци дури на три сообраќајни несреќи што, за жал, однесоа животи. Овие незгоди ја потресоа јавност,а која алармираше за небезбедноста на патиштата. Некои од граѓаните и граѓанските организации се организираа на протест на кој јасно укажаа за нивната загриженост во однос на безбедноста. Но, наместо подобрување, и покрај напорите на надлежните институции, патиштата сѐ уште личат на корида во која животот го губат невини учесници. Овој проблем сѐ повеќе личи на епидемија, која како чума се шири низ македонските патишта и коси животи.
Минатата недела јавноста беше сведок на три тешки сообраќајни незгоди, кои се случија во интервал од дваесет и четири часа. На регионалниот пат Прилеп-Росоман, во судир што заврши со кобни последици, животот го загубија двајца, а петмина беа повредени. Во Скопје, на мостот „Гоце Делчев“, возило „пасат“ удри во велосипедист што се движел на пешачки премин и го усмрти на самото место. Истиот ден, на пешачки премин пред средното училиште „Јосип Броз“, поради неприспособена брзина, возач прегази жена што поминувала на пешачки премин… Сите тие се трагични настани што го обележаа овој период што ќе остане како темна страница на календарот.
Патиштата ни станаа огледало што не сакаме да го гледаме, затоа што во него се рефлектираат нашето заедничко занемарување, нашата брзина, нашето одлагање, нашето „ќе биде добро“, кое никогаш не било доволно. Она што се случува периодов не се само несреќи. Тоа е хронична национална уморност од истите причини што ги знаеме наизуст. Неконтролирани брзини, патишта што имаат повеќе дупки отколку сигнализација, автобуси што се движат со последен здив, инспекции што се појавуваат како периодични сенки и култура на возење каде што сигурноста е „трет“ гостин на маса.
И додека бројките растат, наративот останува ист: кратка осуда, неколку дена шок, искра гнев, а потоа колективно враќање во будниот сон. Општеството продолжува да се движи како воз без сопирачки, со надеж дека ќе стигне некаде навреме, иако никој не гарантира дека колосекот е чист.
Она што недостига е јасно чувство, свесност, дека патиштата не се место за јуначење, туку простор каде што ни се испреплетуваат животите. Недостига идејата дека безбедноста не е административна фраза, туку култура што почнува од дома, од училиштата, од институциите, од секојдневните мали одлуки што определуваат дали ќе се вратиме безбедни дома навечер.
Овој период ни покажува дека не е доволно да се надеваш на среќа, ниту да се потпираш на навика. Потребни се патишта што не личат на компромис меѓу дизајн и случајност. Потребни се контроли што имаат „заби“, а не само присуство. Потребно е чувство на општествена зрелост каде што „брзам“ не се претвора во руски рулет на четири тркала.
Се чини дека граѓаните прескапо плаќаат некои од старите навики, кои никако системски да ги искорениме.
Во целата таа бледа кореографија стои и проектот „Сејф сити“, кој никако да проработи. Камерите се тука, но системот што треба да ги вклучи нивните очи останува во некаква полусонлива состојба. МВР го претстави како штит што ќе го преобликува сообраќајот, но реалноста создаде поинаков наратив. „Сејф сити“ гледа, но сѐ уште не реагира. Снима, но малку спречува. Технологијата што требаше да ја измени културата на возење се претвори во нем сведок што не знае што да прави со она што го гледа.
А што е со културата на возење? Таа е нашата најтешка лекција. Брзината се третира како престиж, претекнувањето на непрегледни делници како вештина, возењето со телефон в рака како нешто што воопшто не е вредно за споменување. Се однесуваме како да сме гости на патиштата, а не нивни одговорни домаќини. Во целиот тој црн мозаик, никако не смеат да се изземат и пешаците, кои многу ретко внимаваат на патните сигнализации. Бурни реакции во јавноста донесе и пакетот на закони за безбедност на пешаците од страна на МВР, во кој пешак ќе биде санкциониран доколку носи слушалки или зборува на телефон додека преминува пешачки премин. Полициски службеници во вид на театарски актери само неколку дена патролираа пред семафорите и опоменуваа, но потоа сликата се врати по старо. Само неколку недели по донесувањето на законот, ретко кој навистина го почитува. Пешаците како да не можат да ја напуштат старата, опасна навика секогаш да гледаат во мобилните, па дури и кога поминуваат низ фреквентни делници.
И токму затоа нема повеќе простор само за анализа. Потребни се конкретни чекори што ќе создадат нов сообраќаен екосистем. Тие чекори не треба да се сметаат како револуционерни решенија во сообраќајот, туку како минимум што мора да се направи ако сакаме да ја смениме утрешната вест. Редизајн на критичните делници со реални инженерски стандарди. Не поправки, туку преосмислување. Таму каде што патот убива, не се става фластер, туку ново решение. Видлива, функционална и редовно одржувана сигнализација. Пат без јасни ознаки е пат кон смрт. Конечно вклучување на „Сејф сити“ и негова функционална намена. Камери што не само што ќе снимаат туку и автоматски ќе санкционираат. Систем што работи постојано, не само кога ќе се појави политичка потреба да се спомне. Зголемени контроли на техничка исправност со недвосмислени стандарди. Автобус што не би минал технички преглед во соседна земја не треба да мине ни тука.
Потребна е строга и брза санкција за најопасните прекршоци. Брзото возење, поминувањето на црвено, возењето под дејство на алкохол и користењето телефон додека сте на волан мора да станат скапи навики. Потребни се радикална промена во едукацијата на возачите, повеќе практични часови, подобри инструктори, посериозни тестови, урбано преуредување што ги штити пешаците, осветлени премини, физички острови на раскрсници, зони со ограничена брзина во урбани средини, кампањи што не звучат како морални лекции, туку како реални приказни што ја допираат совеста и ја одразуваат секојдневната опасност.
Овие препораки не се тежок потфат. Тие се најобичен список за да престанеме да живееме во хроничен сообраќаен страв. Ништо од ова не е радикално, туку сè е неопходно. Македонија може да има побезбедни патишта. Може да има институции кои реагираат пред да се случи трагедија. Може да има технологија што работи и возачи што разбираат дека разумот не е слабост, туку сила. Но тоа ќе се случи само кога конечно ќе решиме дека безбедноста не е тема што се активира по трагедија, туку обврска што се почитува секој ден.































