Кога светилките ќе светнат за енергетска независност(?)

Во далечната 1994 година заминав на курс на „Ројтерс“ во неговото седиште лоцирано на историската Флиндерс стрит во Лондон. Со група новинари од држави од бившата СФРЈ и од СССР учевме за занаетот на „Ројтерс“ од врвни новинарски пера. Работевме на компјутери, а во тоа време ние во „Нова Македонија“ работевме на машини за пишување. Само дактилографките (веќе заборавена професија) имаа електрични машини. Некаде по 15 часот, кога почнуваше шпицот во Дескот, како да врнеше пороен дожд создаден од нивните машини додека ги пренесуваа новинарските реченици на хартија. Потоа текстовите одеа на планирање, прелом, па во печатницата. Долг и макотрпен процес, но на крајот производот беше прекрасен. Тој фотослог, тој новинарски прелом повеќе го нема. Еден од нашите ментори на една утринска ни даде простор за прашања и тогаш јас прашав и останав засрамен. Бидејќи кога одиме некаде надвор со нас си ги носиме и нашите маки и проблеми, навики и предрасуди, сакале или не, го прашав: Што правите кога ќе снема струја? Менторите се загледаа со чудење, се консултираа меѓу себе. Еден од техничкиот персонал рече: Не се сеќаваме дека такво нешто се случило. Струја постојано имале! Ние тогаш струја постојано немавме, имаше многу паѓања на електроенергетскиот систем, па мораа да се вклучуваат двата огромни дизел-агрегати за колку-толку да ги туркаат машините.
Струја немавме, а и претходно во бивша СФРЈ состојбата беше очајна. Имаше денови на штедење кога среде зима на минусни температури се исклучуваше струјата по 6-8 часа во цели квартови, цели градови. Од Ѓорче до Карпош 3 темница, а светло во другата половина на Скопје. И така трпи. Тоа беше таа напредна Југославија, денешнава младина не го видела тоа, а стариве како мене кукаат по таа убавина – меѓу другото царини за кафе, па пиевме „дивка“, прашок за перење со бонови, бензин со бонови, сива економија, бугарски гаќи од тезги на тротоари, арачиновски цигари…
И тогаш се зборуваше за енергетска независност, која ние и денес ја немаме. Во фиоките на МАНУ имав можност да видам некои анализи и проекти што никогаш не видоа бел ден. Еден од нив беше градење една нуклеарна централа некаде во Мариово (Грците секогаш беа против, ќе биле озрачени?!), меѓу нив беше и името „Вестингхаус“, како и вечниот проект „Чебрен-Галиште“ (за кој некогаш напишав колумна со наслов „Нашите Радојка и Тине Живковиќ“, според брачниот пар кој свиреше на хармоника). Зошто не се изградија овие капацитети можеме само да нагаѓаме, но и да погаѓаме. Според мене, главната причина е што политичките елити не размислуваа сериозно за енергетска независност, туку струјата ја користеа за пикање долари, марки и евра во нивните џебови, што приватни што партиски. Милиони и милиони испарија низ лавиринти на корупцијата, а не се инвестираа во енергија. Инженерите не беа тие што ја предадоа енергетската кауза. Во тоа сум убеден и подготвен сум да потпишам. Така испадна на референдумот во 1991 година, каде што се изјасни народот за независна, самостојна и суверена Македонија, политичарите да не ја следат таа силна енергија за своја држава со свои суверени капацитети и атрибути, туку тргнаа спроти народот и денес сме енергетски зависни, па дури сме и во вазален статус, главно со Грција. Тие дури имаат и нафтовод од Солун до Скопје, кој има и „дипломатски статус“ на екстериторијалност. Иако е приватен проект, тој сепак ја претставува и Грција, што значи по маршрутата на нафтовод, Грција си обезбедила и територија во наша Македонија. Анексите за договор со „Окта“ се криеја и од пратениците. Така не се гради држава, туку така се продава држава.
Денес се зборува за суверенитет, тоа е главниот и клучниот збор. За суверенизам деновиве се зборуваше и во Давос. Американскиот претседател Трамп, кој сака да го чита во неговата суштинска порака, вели дека првин си го почитува својот, американскиот суверенизам, а за другите и не се грижи многу. Секој треба да се пресмета и да види дали може да застане на свои нозе, да се потпре на своите сили, да ги искористи своите ресурси. Ако немаш силна војска, треба да бараш друг да те штити и за тоа да плаќаш, порачува Трамп. Европа можеби сега ќе го разбере и му се лути. Во ред, можеби од лутината ќе излезе нешто добро. Овој концепт на демократија (и суверенизмот е тоа) бил применуван уште во раната антика, кога старата македонска држава исто така им гарантирала безбедност на народите, кои ако немале силни војски, тоа го плаќале со служење војска, со злато, храна, што имале. Ако немаш, ќе те снема или ќе бидеш нејзин вазал.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Давос учествуваше на еден од најважните панели, тој за енергијата (и за другите ресурси поврзани со енергетскиот комплекс) и упати порака и до македонското општество дека мораме и ние да станеме енергетски независни и ефикасни. Да фатиме чекор со светот што се менува брзо. Клучните пораки од тој панел се следниве: „Трансформацијата на електроенергетските системи се забрзува низ целиот свет. Побарувачката за електрична енергија расте двојно побрзо од вкупната побарувачка за енергија, водена од електрификацијата на индустријата и транспортот, брзата експанзија на центрите за податоци, греењето, ладењето и пошироката дигитализација. Во 2024 година, глобалната побарувачка за енергија порасна за 2,2 отсто, додека употребата на електрична енергија се зголеми за 4,3 отсто, надминувајќи ги и историските трендови и растот на глобалниот БДП. 1) До 2035 година, побарувачката за електрична енергија веројатно ќе се зголеми на околу 37.800 терават-часа – зголемување од 40 отсто од денес. 2) Трендовите на инвестициите го одразуваат ова поместување: глобалните инвестиции во енергија се очекува да достигнат 3,3 трилиони долари во 2025 година, при што околу 2,2 трилиони долари ќе бидат насочени кон обновливи извори на енергија, нуклеарна енергија, мрежи, складирање и електрификација – двојно повеќе од износот инвестиран во фосилни горива. 3) Електрификацијата стана основен двигател на економската конкурентност, правејќи ги современите електроенергетски системи централни за енергетската безбедност и одржливиот раст“.
Овој тренд не е случаен. Развојот на вештачката интелигенција, дигитализацијата и растот на центрите за податоци создаваат нов тип индустриска инфраструктура што функционира исклучиво на стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија. Во таа смисла, електричната енергија станува стратешки ресурс, споредлив со безбедноста и храната. Во оваа реченица се содржат трите столба на суверенизмот: енергија, храна и безбедност, а потоа секако дека се и образование, здравство итн.
Македонија сега може да отвори широк процес на барање виновници за тоа кој ја донесе земјата до состојба да дише само на едно белодробно крило, откако сега станува сѐ појасно дека РЕК „Битола“ умира во тешки маки, а другите ресурси не обезбедуваат доволно енергија ниту за нормално функционирање на домовите, а уште помалку за развој на индустријата, а секако и за влез на странски инвестиции. Сега ќе ги имаме и европските јаглеродни тарифи, со што македонските производи ќе стануваат уште помалку конкурентни. Заостанавме во развојот. Тоа е. Продадовме убава земја на која може да се сади и да се жнее, а храна ќе ни треба и мораме да ја имаме, која сега ја немаме доволно, за странски компании да ги претвора во соларни полиња од кои нам ќе ни продаваат струја. Лоша позиција за земјава. Проектот што премиерот го најавува како „мораме“ се „Чебрен и Галиште“ плус „Бошков мост“, кој, пак, беше контроверзен и ги крена екологистите на нозе затоа што е закана по екосистемот на Радика. „Чебрен и Галиште“ се нашата вечна карта, која никогаш не ја одигравме, а најблиску беше СДСМ да ја одигра, но тој проект и целата вода ќе ни ги лапнеа Грците. Сега не знаеме што конкретно планира владата, но најдобро е ако веќе се инвестира, тоа да биде наш проект, капацитет на Македонија и за Македонија. Од анализите што сум имал можност да ги слушнам од покојниот академик Јордан Попјорданов, разбрав дека реката Црна има нестабилен проток, во лето речиси ја нема, и тогашните анализи упатуваа на тоа дека економски е неисплатливо да се прави брана во Мариовско. Но, сепак, новите технологии велат дека „Чебрен-Галиште“ има шанси. Тогаш нека се инвестира во тој проект, ама нека инвестира Македонија.
Подалекосежните анализи велат дека спасот ни е во два големи, во два енергетски капиталци. Едниот е проектот „Вардарска Долина“, кој во себе има и енергија, но и храна и наводнување, па и транспорт, што за една земја без излез на море или поголемо пристаниште е важно, а во иднина ќе биде уште поважно. Вториот е враќање во игра на проектот „Нуклеарна централа“. Зошто да не! Зошто конечно да не размислуваме империјалистички како што размислувале нашите предци? Нема пречки за такво нешто, особено што сега е дојдено време на суверенизмот. Ако не го поминеме и овој тест, нема да им биде лесно на идните генерации Македонци. Слушнете како плачат Германците, тие велат згрешивме што се откажавме од нуклеарната енергија, која, сепак, е најчиста и наседнаа на притисоците на зелените.
Ја замислуваме Македонија како енергетски независна, земја на чиста енергија, просперитетна и во голема мера самоодржлива.