Кога политикантството е добредојдено во меѓународниот спорт

Овие политикантски ниски калкулации од Атина и на европските спортски „елити“ се добро познати и порано видени, а смислената провокација од грчка страна да се направи инцидент и да не се признае поразот на спортскиот терен е уште една црна дамка во нејзиното спортско досие. Ова, пак, само уште еднаш нѐ увери дека политикантството и интересите на европските елити се присутни во сите сегменти од нашите животи, вклучувајќи го и спортот

Вчера се очекуваше Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Виена да реши каква одлука ќе донесе поради неодиграниот возвратен меч во финалето на Европскиот клупски куп меѓу екипите на Алкалоид и грчки АЕК од Атина, кој поради неразбирливо, но однапред добро смислено сценарио, грчкиот претставник одби да го одигра. Или, наводно, претседателот на грчкиот клуб се солидаризирал со грчките навивачи, познати по својот хулиганизам каде и да одат да навиваат, кои и му упатија ултиматум да не го игра натпреварот во Скопје, во спротивно да не се враќа назад во Грција! Какво ли сценарио… Ете, на тој начин, една непринципиелна коалиција на клупскиот менаџмент и клупските „навивачи“ уште еднаш демонстрира низа елементи што немаат врска со спортот, и тоа пред очите на цела Европа. Со тоа и пред целата поширока светска јавност ја најавија нивната хронична заткулисна и подла игра надвор од теренот: без никаков срам, достоинство, морал, етика, без ферплеј, а со висока доза политикантство, дволичност, па и шовинизам, ако сакате.
Зошто политикантство? Еве зошто. Заднината на ова неизлегување е очигледно сосема друга, само не спортско-навивачка.
Едноставно грчкиот клуб не го одигра натпреварот за да избегне двоен пораз – и спортски и политички. Четирите гола предност (29-25) од првиот дуел на младата и полетна македонска екипа предводена од тренерот Кирил Лазаров, која му одржа вистинска лекција по модерен ракомет на фаворизираниот ривал во Атина, секако тамошните навивачи тешко ја поднесоа и добро знаеја дека уште потешко ќе биде достижна на гостински терен пред многубројната и спортски гласна скопска публика. Политичкиот аспект на бојкотирањето на натпреварот од страна на АЕК, пак, беше да се спречат веењето на државното и националното македонско знаме, громогласните скандирања Македонија – Македонија и пеењето македонски песни во спортската сала, што за грчката страна би претставувало тежок удар со оглед на долгогодишната негаторска политика што ја води кон Македонија. Токму ова ни го кажа во напад на искреност еден навистина многу гостопримливо (како и секогаш) дочекан навивач од таборот на АЕК. Тој самиот рече дека поразот на грчкиот претставник ќе беше повеќеслоен и тежок: спортски, но и политички. Поразот на АЕК ќе беше само слика и прилика или огледало на неодржливоста и неперспективноста на политиките на официјална Атина кон Македонија. Групата што дојде од Грција не можеше да си го дозволи тоа, ни призна соговорникот. Скандирањето „Македонија, Македонија“, како и веењето на знамето од Кутлеш требало да се спречат на кој било начин, е изјавата на изворот од Грција. Според неговата процена, биле мобилизирани човечки ресурси на повеќе нивоа, „дури и на повисоко ниво“ за реализација на ваквото планирано сценарио…
На овој начин со неиграњето на натпреварот, Атина едноставно избегна јавна бламажа од тежок пораз, како спортски така и политички?! Па затоа спасот го побараа во нивите заткулисни кујни, со добро осмислен план уште пред да дојдат во Скопје, како да се извадат или да си го олеснат вториот меч, ако воопшто дојде до него.
Овие политикантски ниски калкулации од Атина и на европските спортски „елити“ се добро познати и порано видени, а смислената провокација од грчка страна да се направи инцидент и да не се признае поразот на спортскиот терен е уште една црна дамка во нејзиното спортско досие. Ова, пак, само уште еднаш нѐ увери дека политиката на Балканот е присутна врз сите сегменти од нашите животи, вклучувајќи го и спортот.
Изјавата од грчките навивачи дека грчкиот клуб се вратил горд во Грција и притоа играчите и „плашливиот“ претседател на клубот се сликале со своите навивачи, кои и пред временски да започне дуелот во Скопје си „збришале“ за Грција, е само уште еден обид да се задоволи сопственото его дека постигнале успех, иако добро знаат дека воопшто не се во право и дека политичка одлука им го скрати правото на ракометарите на АЕК, кои сакаа да истрчаат на теренот и да го одиграат реванш-мечот.
И на крајот во сета оваа приказна, како да се вклучи и Европската ракометна федерација со својата несвојствена изјава по неодиграниот меч.
„Натпреварот од финалето на Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК е откажан поради безбедносни причини“!
Чија безбедност беше загрозена, ако се знае дека грчките ракометари и навивачи во ниеден момент не беа во опасност од домашните навивачи, само ЕХФ знае! Патем, првиот човек на оваа федерација, Михаел Видерер, најави дека ќе се кандидира за трет мандат на претстојните избори, закажани за време на 17. Конгрес на ЕХФ, кој ќе се одржи на 19 и 20 септември годинава во Австрија. Тој ја објави својата кандидатура преку официјално писмо упатено до 50-те членки на ЕХФ. Видерер е претседател од 2016 година, а од 1992 до 2016 година беше генерален секретар на ЕХФ. Е па, господине Видерер за да бидете повторно лидер на ЕХФ, треба да носите праведни и непристрасни одлуки, оти само на тој начин ќе бидете и повеќе ценет.
А нам ни останува да веруваме дека ЕХФ ќе донесе правилна и правична одлука, водена единствено од спортските принципи, а не од заткулисни игри, со што ќе се зачува интегритетот на ракометното натпреварување. Во конкретниов случај во беспрекорна организација на македонски ресурси околу овој меч, одлуката треба да биде 10-0 за македонскиот претставник и победничкиот пехар да заврши во неговите витрини.