Кога најчистата љубов се претвора во насилство

Неодамна јавноста беше потресена од немил настан што е тешко да се опише со зборови. Мајка на возраст од дваесет и три години го претепала сопственото шестмесечно бебе, кое со видливи повреди и крвавење од носот било пренесено во Ургентниот центар. Малтретирањето на бебето од страна на несовесниот родител, според сознанијата на Обвинителството, траело извесно време. Овој немил настан потсети на еден сличен од пред околу четири месеци. Низ медиумите и на социјалните мрежи се прошири видео на кое се гледа како татко брутално со тупаници и шлаканици ја удира својата четиригодишна ќерка, и тоа во присуство на нејзината мајка. Таа потресена, со емотивна порака го прошири видеото, кое за кратко време стана вирално и предизвика лавина од гнев и осуда. Против двајцата насилници Основното јавно обвинителство отвори соодветна истрага.
Овие два настана не само што го шокираа општеството туку и го натераа секој родител и, пред сѐ, секој човек, да си постави едно болно но неизбежно прашање: Како е можно родителската љубов, која треба да биде најчиста, да се претвори во насилство?
Со кнедла во грлото, поради тежината на ваквите дела, мораме конечно да си признаеме дека општеството недоволно го третира родителството и ги занемарува неговите последици. Резултат на тоа се вакви недела, кои не само што се за секоја осуда туку едноставно немаат оправдание, ниту изговор. Но покрај осудата, која е неминовна, без да нурнеме подлабоко во причините и контекстот, ќе продолжиме да живееме во општество што реагира по трагедија, а не пред неа.
Родителството е најтешката, а можеби и недоволно разбрана улога во животот. Колку македонското општество е подготвено да се занимава со оваа појава е клучно прашање во моментов. Помеѓу првите насмевки и непроспиените ноќи, меѓу љубовта и исцрпеноста, се кријат стотици невидливи борби. Сепак, во нашето општество сè што не изгледа совршено се премолчува. Ако мајката каже дека ѝ е премногу тешко, ја осудуваат велејќи дека е „лоша мајка“. Ако таткото признае дека не се снаоѓа, дека не може секогаш да биде „столбот на семејството“, ќе го прогласат за слаб и неспособен.
Во нашето општество зборувањето за овие предизвици е речиси табу. „Мораш да бидеш силна“, „ова не е ништо, не знаеш што те чека понатаму“, „дали мислеше дека родителството е лесно“ се исто така дел од коментарите што, за жал, најчесто несоодветно и безобѕирно им ги упатуваат на родители што секојдневно поминуваат низ предизвици, па така, наместо утеха и мир, им предизвикуваат сѐ повеќе немир и притисок. А под притисок на „совршеното родителство“, многумина се „дават“ во тишина.

Токму тишината е најопасна. Во неа се собираат фрустрации, стравови и неизговорена болка. Некои луѓе, без поддршка, без информации и без ментална стабилност, ја губат контролата – и тогаш се случуваат трагедии што не смеат да се повторат.
Денес живееме во време кога реалноста се филтрира преку екрани. На социјалните мрежи родителството изгледа како бајка: насмеани мајки со беспрекорен изглед на кои доењето среде ноќ не им претставува тешкотија туку задоволство, татковци што во секој момент имаат трпение, деца што не плачат, стокмени домови. Кратки видеа во кои сè е чисто, уредно и сјајно — идеална сцена што трае петнаесет секунди. Но таа сцена има многу малку допир со вистинскиот живот. И токму тука лежи замката. Оваа слика најчесто е лажна претстава за родителството. Нема дом во кој нема неизмиени бебешки шишенца, во кој нема купови неиспрани алишта и дом во кој секојдневно се готви. Овие лажни „јунаци“ нѐ тераат да мислиме дека и покрај обврските со бебето, и покрај телесната и менталната трансформација низ која минува мајката, таа сепак мора да изгледа фит, да има време за вежбање, да биде ментално силна. Таткото, пак, секогаш со филозофска смиреност и мудрост треба да ги решава сите проблеми, без трошка паника и недоумици.
Но вистината е дека зад камерата има изморени мајки што се прашуваат дали се доволно добри. Татковци што не знаат како да реагираат кога детето плаче, а чувствуваат срам да побараат совет. Луѓе што, наместо да се поддржуваат, се споредуваат со туѓи животи.
Така социјалните мрежи создаваат совршено родителство што никој не може да го достигне. И токму таа илузија носи вина, страв и чувство на неуспех кај вистинските родители. Наместо да зборуваме за реалните тешкотии, се криеме зад филтрирани моменти. Наместо поддршка, нудиме фасада.
Родителството не смее да биде натпревар, ниту фасада создадена за социјалните мрежи. Тоа е најодговорната улога во животот, но и најкршливата. Затоа мора да научиме дека барањето помош не е слабост, туку сила. Да побараш совет од психолог, од баба, дедо, пријател, роднина, да кажеш дека не се снаоѓаш, дека си исцрпен – тоа е чин на храброст, а не срам. Тоа е знак дека си совесен родител и дека се бориш за своето дете, но и за своето ментално и физичко здравје. Во моменти на растење и созревање, на детето најмногу му е потребен здрав родител.
Државата мора системски да создаде услови за поддршка – достапна психолошка помош за родители, едукации, советувалишта, програми за ментално здравје. Но и ние, како општество, мора да престанеме да ги осудуваме оние што гласно признаваат дека не можат сами. Моментите на изливи на бес и чувство на немоќ не се емоции на омраза кон своето дете, туку нормални реакции на човек што е на работ на физичката и менталната граница.

Родителството не треба да се идеализира, туку да се разбере. Да зборуваме гласно за тоа дека е тешко, дека понекогаш боли, дека понекогаш не знаеме како понатаму. Само така можеме да го спречиме насилството, да ја замениме тишината со дијалог и да им дадеме на децата – но и на родителите – шанса за поинаков почеток.
Во овој мозаик мајката природно се наметнува како примарна, но каде е улогата на современиот татко во грижата за детето? Долги години улогата на таткото беше ставана во втор план. Балканските стереотипи дека таткото треба да е нем набљудувач во процесот, дека тој е оној што носи пари, но не и оној што менува пелени или храни бебе ноќе, дека мајката е таа што мора да го носи целиот товар на родителството веќе одамна се застарени и избледени модели, кои не придонесуваат кон здраво семејство. Денес времињата се променија, барем формално. Современиот татко треба да биде емотивно присутен, нежен и да дава поддршка. Во родителството, но и во секое модерно домаќинство, веќе одамна нема „машки“ и „женски“ обврски. Но дали навистина му даваме простор на таквото размислување?
Многу мажи растеле во систем што ги учел дека емоцијата е слабост, дека плачењето е срам, а грижата за дете „женска работа“. Па, кога ќе станат татковци, често се изгубени меѓу две спротивности – старите очекувања и новите вредности. Тие многу ретко или воопшто не зборуваат за стравот, за исцрпеноста, за чувството дека не се доволни. И тогаш, без поддршка, без простор за емоции, некои од нив реагираат со гнев. Токму затоа улогата на таткото мора да се преиспита и редефинира. Таткото не е гостин во воспитувањето, туку еднаква половина од тимот. Татковството не е само авторитет – тоа се карактеризира со присутност, нежност, разговор, граници исцртани со многу љубов.

Кога татковците ќе почнат да зборуваат за своите тешкотии без страв од осуда, кога мајките ќе престанат да се чувствуваат обврзано да бидат „совршени“, кога општеството ќе прифати дека родителството е тимска, а не индивидуална борба, тогаш ќе имаме поздрави семејства.
Затоа, за да не слушаме повеќе вести од кои ни смрзнува крвта, мора да почнеме да зборуваме за она што го чувствуваме сите, а никој не се осмелува да го каже: дека родителството е љубов, но и товар, радост, но и грижа. Дека совршен родител не постои, но постои одговорен – оној што ќе побара помош пред да биде предоцна.
И нема ништо срамно во тоа да се зборува за тоа. Нема ништо погрешно да се понудат помош и охрабрување од страна на оние што го поминале и се справиле со тоа. Совршен родител не постои. Постојат само оние што се доволно храбри да бидат искрени – со себе, со партнерот, со децата.
И додека не научиме сите – и мајките и татковците – да бидеме емотивно присутни, да зборуваме и кога е тешко, ќе продолжиме да ги губиме децата и себеси во тишината на срамот и во светот на илузиите.