Нашата заедничка поддршка значи дека повеќе не сме на сите страни раштркани со нашата кауза. Тоа е знак на сѐ
пошироко сплотување. Овој пат за тоа заслугата е на олимпијците, утре на научниците, истражувачите, по извесно време, тоа ќе бидат и политичарите и државното раководство. Затоа што сите тие се шпиц-играчи на оваа наша македонска нација, дел од нашата репрезентација. Носиме ист грб на градите, исто знаме, ја пееме заеднички нашата македонска химна. Овој пат, во Париз, нашата поддршка ни овозможува да бидеме и индиректни учесници во кариерата на македонските спортисти и во успехот на македонскиот спорт. Само обединети можеме да уживаме во успесите на македонските спортисти, но да не забораваме да ги поткрепиме и за неуспесите. Да се биде дел од нивното патување е нешто посебно и уникатно, нешто што треба да се доживее, а тоа може да се направи само преку поддршка и бодрење
Угледната американска писателка Хелен Келер, која беше слепа и глува, но и покрај тоа постигна многу во својот живот, ја искажа следната мудра мисла – несебичниот напор да се развеселат другите ќе биде почеток на посреќен живот за нас самите. Но која е суштинската порака на искажаното? Како нација, држава и општество треба да разбереме дека само доколку сме обединети можеме да ги оствариме заедничките цели, а ова се однесува и на националниот спорт. Сите спортисти работат напорно, а напорот што го вложуваат во тренинзите и натпреварите е неспоредлив. Оттука, како нација, најмалку што можеме да направиме е да им ја покажеме нашата поддршка и да ги охрабриме. Речиси секој спортист пред некој голем настан се соочува со анксиозност, сомнеж во себе или недостиг од самодоверба. Сето ова може да влијае на емоциите, фокусот и мотивацијата, нешто што може да влијае на квалитетот на спортската изведба.
Затоа охрабрувањето и поддршката имаат суштинско значење! Охрабрувањето на спортистите им дава дополнителна доза мотивација, која можеби ја изгубиле во одредени моменти на сомнеж. Кога како нација и општество ги бодриме македонските спортисти, тогаш тие се чувствуваат поддржани. Ова ја зајакнува нивната решителност и може да доведе до зголемување на нивниот физички напор за возврат. Со други зборови, охрабрувањето ги подобрува спортските перформанси, а како општество само треба да се погрижиме нашето охрабрување да биде корисно за оние за кои навиваме.
Но ние, како нација и општество, како да не ја разбираме оваа порака. Шеснаесетгодишниот пливач Никола Ѓуретановиќ е најмладиот член на македонскиот олимписки тим, а наедно беше и првиот Македонец што настапи на Олимписките игри во Париз. За него, на социјалните мрежи се појавија многу пораки со омраза и критики. Македонските граѓани како да заборавија дека станува збор за шеснаесетгодишно момче пред кого претстои светла спортска иднина. Како да забораваме дека во изминативе години немаше доволно финансирање на македонскиот спорт, како да забораваме дека без финансиска и морална поддршка македонските спортисти едноставно не можат да продолжат да го прават она што го прават најдобро – да победуваат.
Затоа треба да ги поддржуваме, секој според можностите, бидејќи вложувањето во спортот е поттикнување кон извонредност во македонскиот спорт. Колку повеќе ги поддржуваме македонските спортисти, вклучувајќи ги и младиот Никола Ѓуретановиќ и сите наши претставници во Париз, толку поздрави и поуспешни ќе бидат сите македонски граѓани. Од друга страна, нашите олимписки или аматерски спортисти многу повеќе ќе ја ценат нашата поддршка и ќе одлучат да ги бранат или да ги претставуваат македонските спортски бои, тие засекогаш ќе ја паметат нашата поддршка, бидејќи таа може да биде клучна во нивниот живот.
Истовремено нашата поддршка значи дека повеќе не сме на страна, односно сме дел од заедницата или општеството, нашата поддршка ни овозможува да бидеме и индиректни учесници во кариерата на македонските спортисти и во успехот на македонскиот спорт. Само обединети можеме да уживаме во успесите на македонските спортисти, но да не забораваме да ги поддржуваме и за време на нивните неуспеси. Да се биде дел од нивното патување е нешто посебно и уникатно, нешто што треба да се доживее, а тоа може да се направи само преку поддршка и бодрење.
Вистинското бодрење треба да гласи како она на Бранислав Максимовски, кој ја испрати следнава порака: „Ова дете е Никола Ѓуретановиќ. Ова дете е македонскиот претставник во пливање на Олимпијадата во Париз 2024. Ова дете ја исполнило олимписката норма за да ја претставува гордо Македонија. Родителите на ова дете издвојувале средства од својот семеен буџет за тоа да се усовршува и секаде гордо да ги брани боите на Македонија. Нашиот Никола има само 16 години. Нашиот Никола, убеден сум дека во иднина ќе постигнува големи резултати во пливањето. Ти што пишуваш со омраза за својот претставник на една голема спортска манифестација навистина треба добро да се замислиш што се случува со тебе“.
Нацијата се сплотува со храбрење, мотивирање и заедничка напорна работа, кој колку може и каде што може и онаму каде што е способен да придонесе за севкупен одржлив развој! А не со „хејтање“. Да се знае!