Неодамна имав можност да разговарам со Златко Христов, Македонец, вонсериски, светски ум, кој во Австралија развива проект на полето на сајбер-безбедноста, кој успешно го продава низ целиот свет. Од интервјуто што го објавивме во „Нова Македонија“ посебно ме фасцинираше неговата љубов кон родната грутка, кон неговата Гевгелија и желбата да дојде тука, да се врати и во земјава да постави дел од компанијата, да може да ги пласира своите производи како македонски…
Зарем е можно да се откажавме од сите нив, од оние како што е Златко?!
Деновиве на Фејсбук, благодарение на вредниот хроничар Златко Ангелески, можевме да се потсетиме на една стара новинска вест од 1968 година, дека токму тогаш во Македонија се произведувал македонски шампањ. Вештите агрономи и енолози од земјоделскиот комбинат во Куманово успеале да произведат пенливо вино што го споредувале со славното француско, кое се прослави низ целиот свет. Колку траело ова производство не знаеме, но она што ми остави впечаток е фактот дека уште во она време, за кое многумина зборуваат со потценување, некој се потрудил да направи производ со кој ќе се обидеме да одиме во чекор со светот.
Оваа стара новинска вест ми го врати сеќавањето на радоста и возбудата на мојот стрико Никола Палчевски, кој беше еден од конструкторите на првиот македонски минибус во „златните денови“ на ФАС „11 Октомври“. За помладите и оние со кусо паметење, ФАС беше индустриски гигант што произведуваше автобуси, од кои добар дел ги извезуваше на неколку континенти. Но некому сето тоа му бидеше очи, па како и другите македонски индустриски гиганти го приватизираа и го уништија по кратка постапка. Оти така им одговараше на големите куклари зад сцената. Денес склопуваме автобуси за странски компании или монтираме некакви склопки за автомобилската индустрија во индустриските зони, но сето тоа за туѓи интереси и пред сѐ како евтина работна сила.
Но да се вратам на мојот стрико, со колкава радост зборуваше уште за првите нацрти, за прототипот, а потоа и за првите произведени минибуси, кои беа практично автентичен македонски производ што имаше перспектива да се пласира во светот. Тимот на инженери во ФАС го даде најдоброто од себе да создаде нешто што ќе биде со наш печат, што можеби ќе отвореше простор за нови проекти во иднина. Но некому не му одговараше таквата перспектива…
Ова беа само два случајно избрани примера и воопшто не претставуваат ламентирање за некои дамнешни времиња, ниту пак обид да се каже дека некогаш поубаво се живеело, иако и тоа е тема за дискусија. Едноставно, не можам да се помирам дека денеска се најдовме во ситуација да бидеме светлосни години од некои вакви „работни победи“, како што тоа се нарекуваше во она време. Лакрдијата со наводно производство на електрични автомобили во Тетово кратко траеше, уште пократко од некои други слични налудничави предизборни ветувања и најави.
Минуваат годините и, освен повремени индивидуални блесоци со некои поситни пројави, на планот на индустриското производство не се најдовме во ситуација на светот да му понудиме нешто ново и наше. Како некој упорно да притиска од горе врз македонскиот казан и да не ни дозволува да се крене некоја глава над чорбата во која сите вриеме.
Неодамна имав можност да разговарам со Златко Христов, Македонец, вонсериски, светски ум, кој во Австралија развива проект на полето на сајбер-безбедноста, кој успешно го продава низ целиот свет. Од интервјуто што го објавивме во „Нова Македонија“ посебно ме фасцинираше неговата љубов кон родната грутка, кон неговата Гевгелија и желбата да дојде тука, да се врати и во земјава да постави дел од компанијата, да може да ги пласира своите производи како македонски. Зар се откажавме од нив?
Кога веќе зборуваме за наши успешни луѓе надвор, не можам а да не го спомнам Славче Таневски, Македонецот што дизајнира автомобили „мерцедес“. Овој млад човек со потекло од Свети Николе, по неколку успешни креации, кои се преточени во модели што се вистински престиж во светот на автомобилите, од минатата година има нова позиција, сега е тим-лидер на „Мерцедес-Бенц екстериер“, дел од менаџментот на компанијата.
Ова се, од друга страна, само два примера на наши млади и успешни луѓе во светот, а колкумина ги има неспомнати или непознати. И сите тие се излезени од овде, од Македонија. Зарем тоа не е најдобар доказ дека имаме потенцијал, дека имаме млади и надежни умови, кои имаат што да кажат и да направат, секој во својата област. Сигурно е дека имаме и дома луѓе што можат да се носат со светот и кои, ако се создадат соодветни услови, би твореле овде, за просперитетот на својата земја.
Но што направивме како држава за тој потенцијал да избие на површина, да дојде до целосен израз, па повторно да можеме да зборуваме за некои нови „работни победи“. Ништо. Се претворивме во бесчувствителна политичка арена во која гледаме бескрајно надмудрување на политичарите. А за тоа време се полнат автобусите и авионите што возат во еден правец, празнејќи ги нашите градови и села.