Кога имаш трн во ногата, го вадиш, па кинисуваш

Оваа поука ја знаат и децата. Јасна е, а јасно ни е на сите дека Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија ни се отровните трње во нашите нозе. Боли! Ние не да ѝ испорачавме на ЕУ, ние дадовме сѐ, а сега не ни остана ништо за давање. Толку имавме толку дадовме. Знаме, устав, јазик, национално малцинство, историја, образование, учебници и сега нѐ чекаат да ни го стават глоговиот венец. Сите сега
знаеме дека тоа е крајот, нашето национално распетие. Ако некој мисли дека потоа ќе почнеме нешто ново, навистина е поголем оптимист и од коцкарот на Достоевски. Сепак, тој коцкар во џебот зачувал еден гулден. Што зачувавме ние? Редно е да се прашаме. Затоа, без илузии, во Брисел никогаш нема да се пее „Македонско девојче китка шарена“

Трн на македонски (thorn на англиски, Dorn на германски, trn на чешки, trn на словенечки, gjemb на албански…) Според македонскиот Толковен речник, трн е именка од машки род. Логично. Значење на трн:
1. (бот.) Име на разни растенија обрастени со боцки. Расцутен трн. Суви трње.
2. Бодлив израсток кај некои растенија, боцка. Остар трн. Трн од глог. Растение со трње. Трн в нога. Па и трн во око! Исусов венец, од глогови трње.
Можеме да ја развиеме имагинацијата со трњето – трн, трнче, трниште. Растението со помош на трнот се штити од надворешни влијанија и предатори. Во суштина трнот е здрав. На пример, од магарешки трн се прави лек за срце. Нормално, се додава во ракија. Горчи, ама е лек, како и секој лек. Тој што нагазил на сув трн знае колку боли. А тој што нагазил на трн, или трнче, а не го извадил од за нему некои причини, ризикува да добие гноење, па и сепса. Ако од срам, мрзливост или не знам од што, ете можеби чорапите му се со дупчиња, не го вади трнот, ќе си го носи проблемот со себе. Ама каква корист од тој мазохизам?!
Веројатно забележавте во колку јазични групи трнот си е трн. Можеби во англискиот малку личи на галички говор, тооорн, ми влезе тооорн, но, да речеме, тоа е некоја случајност, само совпаѓање. Што секако не е за српскиот, хрватскиот, словенечкиот…, па дури ни за германскиот, кој е многу близок до нашиот трн и нивниот дорн. Можеби некогаш сме биле поблиски отколку што сме сега и јазично и културолошки, а и династички, затоа што еден германски крал, да речеме дека е Ото, се оженил со македонска кралица. Ни ја чуваат во саркофаг. Ние овде тешко дека и овци можеме да изброиме на попис, а не да се сетиме на некојаси наша кралица што се викала Теофана и била Македонка (крајот на 10 век, ран среден век), со текот на времето станала Византијка, а потоа самите Германци ја нарекуваат Гркинка, иако претходно ја сметаа за благородничка од Македонската династија. Не сум ја проверил бугарската Википедија ниту, пак, нивната историографија од некаков страв да не налетам на некои бугарски факти за европската и светската историја, непријатни факти што јас не ги знам.
Веќе спомнав два трна, а се подготвувам да кинисам. Каде со два трна во стапалата? Ни до продавница нема да стигнам, а камоли до моето патешествие до Брисел. И ако јас велам во моите стапала осеќам два трна, вие можеби имате три или четири, а и вие како мене заедно со нашето државиче сте тргнале кон Брисел. Боцка, боцка. Порано беше клацка, клацка (во воз, а возовите тогаш бавни), но ете сега боцка. Од четири страни забоцкани (сардисани). Ние сме во трње… „Да… јас сум веќе пропаднат… Но зошто не би можел да воскреснам? Доволно е само малку, само да се биде претпазлив и пресметлив, тоа е сѐ! Доволно е само еднаш да покажам карактер и да не дозволам да ме понесе еуфоријата и в миг можам да си ја променам судбината! Да, токму така, сѐ е во карактерот! Само треба да се присетам што се случуваше со мене во седумте месеци во Рулетенбург и да ги откријам грешките поради кои ги прокоцкав сите пари. Тогаш се залетав како бос по трње и изгубив сѐ, сѐ….“. Овој кус извадок од „Коцкар“ на генијалниот Достоевски во само неколку збора ни дава извонреден рецепт. Првин, сите на некој начин сме се нашле боси в трње, но таму не сме останале. Второ, верувај во воскресение, промена, нов почеток! И дека можеме сами да ја промениме нашата судбина.

Последните случувања во Брисел, поточно бриселските случувања, ни дадоа уште една лекција дека недоволно се потпираме на самите себе. Не ја научивме нивната игра. Тие знаат да возат, имаат ука и наука за тоа, тие се таму мнозинство, а ние без некоја посериозна поддршка. Тоа кажува дека не сме го извадиле трнот од ногата, а сме отишле на нивен терен. Пред два дена го читав извештајот на ЕК за Албанија и видов еден извештај каде што речиси сѐ е подвлечено со црвено, многу со жолто, а едвај нешто со зеленко. Албанија и не е подобра од нас, ако се гледа рендген-снимката на земјата и ако ја споредиме со нашата, ама таа ги отвори сите поглавја. Фер од Брисел, откако Албанија како што би рекол Никола Димитров – испорача, но испорачува и ЕУ. Договор за границите со Грција, кампови за бегалци, кампови за муџахедини, во 2017 му побараа на Рама да вметне Бугари како ново малцинство и испорача, и ќе видиме до каде ќе ја распостила Рама шведската маса.
Ние не да испорачавме, ние дадовме сѐ, а сега не ни остана ништо за давање. Толку имавме толку дадовме. Знаме, устав, јазик, национално малцинство, историја, образование, учебници и сега нѐ чекаат да ни го стават глоговиот венец. Сите сега знаеме дека тоа е крајот, нашето национално распетие. Ако некој мисли дека потоа ќе почнеме нешто ново, навистина тој е поголем оптимист и од коцкарот на Достоевски. Сепак, тој коцкар во џебот зачувал еден гулден. Што зачувавме ние? Редно е да се прашаме.

Не се оди со трње во нозете. Не. Го слушам грчкиот министер за надворешни работи како предупредува дека треба строго да ја почитуваме Преспанската спогодба, пазете ние, а не тие, а Атина ќор договор нема потпишано со Македонија. Ним им е тешко и еден сообраќаен знак да сменат. Ние кога се враќаме од халкидики-малкидики гледаме да не ја утнеме табличката каде пишува Скопја. Вртиме десно и по тоа крш патот (можеби им е рано да инвестираат во патишта во „нивна Македонија“) цепаме накај дома. Ќе оставиме околу две милијарди евра на ѕаѕики, суфлаки, гиренце, „митос“ пивце и третокласни студија. И последна вест од Бугарија – пак одбила регистрација на ОМО „Илинден“. Зошто биле Македонци, биле сепаратисти?! Знаеме дека проблемот е што еден голем дел од тамошното население се самоидентификуваат како Македонци и Софија не сака да го признае и да го завери тоа со државен печат. Но и сепаратизмот не е забрането овошје, ако се оди подлабоко во причините. Нека ги читаат мислењата на Европскиот суд за човекови права, каде што повеќепати се изјаснил за обвинувањата за сепаратизам.
Албанија, како заклучок, оти знам дека многумина сега ќе собираат тартуфи од тоа што Тирана го отворила и последното поглавје, не е понапред од Македонија во смисла на имплементација на европското законодавство. Да не зборуваме за стандард на инфраструктура, болници, корупција, наркомафија итн. Сето тоа е напишано во извештајот. Не беше ни Бугарија подобра од нас дури и кога ја примија, што беше признаено од највисоките врвови на Брисел, кои отворено велеа – згрешивме со Бугарија и со Романија. Европската хиерархија нема волја за Македонија и ќе настојува комплетно да ја видоизмени, па дури тогаш ќе реши каква ќе влезе во Унијата. „Македонско девојче китка шарена“… тоа не смее да помине во ЕУ. Не. Да ни е јасно, како што му било јасно на коцкарот дека во тоа време била погубна сервилноста на Русите пред европските фицфириќи.
Да се извадат трњето од нашите голи стапала е врвен приоритет и света задача, драги мои. Нека се преговараат во подобри времиња Преспанскиот и Договорот со Бугарија. Вака одиме по патот да станеме и официјално држава под вазалство на четирите соседи. Секоја во својот сектор. А ние чии пулени ќе бидеме на крајот?