Нешто опасно не штима во европското лидерство, кое се обидува и оној мал призрак што остана од демократска и прогресивна Европа да го задуши по забрзана постапка, градејќи атмосфера на предвоена состојба низ европскиот континент слична на онаа пред Втората светска војна.
Ситуацијата отиде дотаму што веќе никој не се нафаќа да преземе некаква раководна функција на челото на ваква Европа (освен ако не гледа можност нешто набрзина да добие), ниту, пак, во земјите што на некој начин се сметаат за европски предводници. Новата француска влада падна по само еден месец затоа што премиерот Лекорну стана свесен какви се вистинските состојби во државата, но уште повеќе кои се интенциите на француската република (или на Макрон) во услови на длабока економска и политичка криза. Тоа најдобро го отсликува и одговорот од актуелната директорка на Европската централна банка, Кристин Лагард, која јасно одби да биде потенцијален кандидат за француски претседател со образложение дека тоа е „ужасна работа и дека треба така да си скроен за да можеш да вршиш таква ужасна работа“.
Впрочем, повеќе од очигледно е дека Лагард не сака да си става здрава нога во трн гледајќи во која насока се движи Франција и Европа со неа, па пресметала дека е подобро да биде онаму каде што се контролираат европските пари отколку да влегува во внатрефранцуските дворски игри, кои ја туркаат цела Европа кон војна.
А дека Стариот Континент се подготвува за војна е повеќе од сигурно. Германскиот канцелар јасно кажа дека Европа не е во војна, но не е ниту во мир. И кога ќе почне повторно да се лоцира закана од само една страна и да се посочува само на еден непријател, тогаш е повеќе од јасно кон што се движи работата. Европските индустрии забрзано се реструктурираат кон производство на оружје, на европските граѓани веќе три години им се пере мозокот за безбедносна закана од Истокот, во повеќето земји почнува да се враќа редовниот воен рок, а работите се поставуваат само на црно-бела заднина, или си со нас или си со другите. Поинакво мислење нема.
Како поинаку да се протолкуваат изјавите на поранешниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, како и на неговиот актуелен колега Марк Руте, дека европските држави треба да скратат од парите наменети за образованието и здравството и тие средства да се пренаменат за војната во Украина. Со други зборови, Европа треба да осакати цели генерации граѓани само за да се финансира апсурдна војна на украинска територија, која на крајот никој нема да ја добие. Или, ќе ја добијат богатите корпорации, кои и сега си го делат пленот, а украинскиот народ продолжува да страда само затоа што нивната територија се користи за пресметка меѓу светските сили.
Не попусто е кажано дека ако сакаш да уништиш една држава, уништи ѝ го образованието, а во овој случај и здравството, па што помалку необразовани генерации, толку повеќе контрола над нив. Дополнително, што полошо здравство, дотолку повеќе пократок век на живеење. Да се изразам со прост речник – на европските либерални елити им одговараат глупави генерации, кои полесно ќе се обликуваат, а оние постарите и пообразовани, побрзо да ги снема од овој свет. (Хенри Кисинџер и на 99-годишна возраст беше дипломат што постојано беше консултиран за голем број светски проблеми, порачувајќи дека ако не била приказната со влезот на Украина во НАТО, немало да дојде до руско-украински конфликт).
Затоа, кој здраворазумен човек во оваа денешна Европа ќе најде логика да се скратат пари од образованието и здравството и да се трошат на оружје во Украина? И која одговорна власт во секоја земја ќе се согласи на такво нешто, под услов да не е слеп послушник на европските либерални елити, кои очигледно ќе ги одведат Европејците во војна, само за да останат на власт. Своевремено постоеше моќна европска дипломатија, тешкаши од висок калибар слични на Кисинџер, кои ќе го решеа украинско-рускиот конфликт за 24 часа. Или, што е уште поважно, немаше да дозволат воопшто да се случи, немаше да дозволат замешателства преку океанот, кои јасно водеа кон дестабилизација на Европа. Но тие тешкаши еден по еден си заминаа, а оние што дојдоа ни оддалеку не може да се наречат лидери. Повеќе дејствуваат како инфлуенсери на кои поважен им е имиџот на социјалните мрежи додека се гостат со чај и бисквити на состаноците отколку да донесат некоја суштинска одлука или да најдат решение за некој проблем.
Наместо овие европски политички елити да фрлаат повеќе од 800 милијарди евра на оружје, подобро е тие пари да ги пренасочат во образованието и здравството. Потребни се здрави и образовани генерации што ќе ја земат европската судбина во свои раце, кои ќе го гледаат светот низ космополитска призма, а не низ нишанот на пушката и градењето постојани непријатели. Ковид-кризата покажа дека Европа не е подготвена за предизвици од ваков калибар, така што по две години од пандемијата некој да зборува за кратење на парите од здравството е како некој по хаваријата во Чернобил да сакал веднаш да прави ново тестирање на системите за ладење. Ако првите луѓе на најголемата светска воена организација размислуваат така, тогаш ништо поинаку не размислуваат ни европските челници, кои играат како што некој друг им свири. Е поради тоа победи Бабиш во Чешка, поради тоа победи Навроцки во Полска, затоа Орбан е на чело на Унгарија, Фицо на Словачка… Можат европските либерални кругови колку сакаат да градат наративи за нивно приклонување кон Русија, но сите овие земји своевремено беа во советскиот блок и добро ја почувствуваа советската чизма, затоа влегоа во ЕУ и во НАТО бидејќи веруваа дека конечно ќе се почитува нивната сувереност, ќе живеат во слободен и демократски свет, без цензури, притисоци, наметнување туѓа волја.
Сега само се борат за својата сувереност така што им пркосат на застранетите европски политики, ништо друго. Гледаат да си обезбедат евтини енергенти, да овозможат повеќе работни места за своите граѓани, да донесат повеќе инвестиции и слично.
Можеби затоа е крајно време Европа да се свести, да се врати на своите стари демократски основи, да ги остави граѓаните слободно да ја изразуваат својата волја, да се ослободи од полтронскиот однос кон трети страни и да почне вистински да се обединува. Една таква Европа обединета во различностите, како симбол на мирот и просперитетот, самата ќе може да стави крај на руско-украинскиот конфликт и јасно да порача дека нема да дозволи какви било конфликти на европско тло. Никој ништо нема да ѝ може на една таква Европа. Со тие аргументи Стариот Континент одново ќе стане фактор, со нови образовани и здрави генерации што ќе се стремат кон мир и благосостојба, развој, меѓусебно поврзување, кон тргање на границите, визите и ЕТИАС и какви ли не ограничувачки системи, Европа во која секој ќе се чувствува горд што е Европеец. Затоа можеби е најпаметно да се скратат парите за одбраната секаде и тие да се пренасочат за образование, здравство, инфраструктура, храна, вода, односно за сите потреби на обичните луѓе, кои никогаш не сакале и нема да сакаат војна!