Кога блујачите на оган ќе стивнат

Фактот дека сето ова се случува во предизборен период и оти стана дел од политичките меѓупартиски препукувања не само што не помага во решавањето на проблемите со пожарите туку, напротив, се користи за поентирање за партиски интереси. А во таква ситуација, паушалните изјави од блиското минато во кои се велеше дека Македонија ќе гори, сега одекнуваат како своевидни злокобни пророштва

Сотир Ристо

Пожарите што беснеат летово низ Македонија кулминираа со горење на депониите околу Скопје, што доведе до невидена опсада од чад и загаденост врз главниот град. Од пепелта излезе и неминовен сеопшт заклучок во јавноста дека палежите се резултат на координирана намера, а не на случајност. Но дали се запалени со чкорче или можеби со уште посилен потпалувач – запаливата реторика.
Фактот дека сето ова се случува во предизборен период и оти стана дел од политичките меѓупартиски препукувања не само што не помага во решавањето на проблемите со пожарите туку, напротив, се користи за поентирање за партиски интереси. А во таква ситуација, паушалните изјави од блиското минато во кои се велеше дека Македонија ќе гори, сега одекнуваат како своевидни злокобни пророштва.

Кон запалива реторика прибегнуваат политичарите во состојба на немоќ, кога немаат што да им понудат на граѓаните во нивните изборни програми, па очајнички се обидуваат да добијат гласови преку сеење страв и раздор во јавноста. Но запаливата реторика не е одлика само на Македонија. Таа носи деструкција насекаде, што го гледаме и преку бранот политичко насилство во САД, каде што се случија низа атентати во изминатите неколку години, за кои се смета дека се поттикнати од поларизираното општество и острата реторика. Истакнатиот политички активист Чарли Кирк беше убиен во САД, во последното звучно злосторство за кое се смета оти е реторички мотивирано. Таквиот остар говор згаснува животи, ги „гори“ и меѓучовечките, односно меѓуетничките односи, а веројатно и шумите, депониите, автомобилите и сѐ друго на што ќе налета…

Владата и надлежните институции веќе најавија жестоко справување со подметнувачите на пожарите, преку предложена промена на законските решенија за третирање на подметнувањето пожари како тероризам, при што деновиве беа приведени околу 20 осомничени. Можеби овие построги мерки ќе ги наведат и оние што блуеја „оган“ во нивните говори двапати да размислат што ќе кажат, пред повторно да ја „горат Македонија“

Тие зборови веројатно се „чкорчето“ зад подметнатите пожари, каков што е оној во скопската населба Пинтија. Снимката од безбедносните камери само ги потврди досегашните индиции за подметнати пожари, а ова веројатно не е изолиран случај, оти тешко е да се поверува дека сите пожари се дела на бесцелни пиромани или на приватни интереси. Горливите пораки на оние што стојат зад овие акти на насилство се сѐ погласни, а истоштувањето и трошењето на нашите ресурси за да „ги угасиме проблемите, а не да ги спречиме“ се сѐ поголеми. Според одредени информации, најмногу ресурси се потрошени за справување со пожарот во резерватот Јасен, што претставува една од стратегиските коти во Македонија.

Кој има мотив да креира хаос преку огнот? Експерти од безбедносно-криминалистичката фела упатуваат и на следниве битни прашања. Кој има ресурси? Кој има логистика? Кој има знаење и вештини за ова? За нив нема никаква дилема дека само добро организирани структури можат систематски да ја повторуваат оваа горлива шема. Според нив, пожарот во Јасен бил подметнат, како и пожарите во депонијата Дрисла и во Вардариште. За пожарот во Пинтија, на снимките од безбедносните камери, сите видоа подметнување на дело. Континуитетот на пожарите низ Скопје е во насока на тезите дека станува збор за организирана диверзија како резултат екотероризам, т.е. оштетување на животната средина заради остварување политички цели преку ширење страв и паника.

Владата и надлежните институции веќе најавија жестоко справување со подметнувачите и нивните поттикнувачи, преку предложена промена на законските решенија за третирање на подметнувањето пожари како тероризам, при што деновиве беа приведени околу 20 осомничени. Можеби овие построги мерки ќе ги наведат и оние што блуеја „оган“ во нивните говори двапати да размислат што ќе кажат, пред повторно да ја „горат Македонија“.