По постојаните искричења на релацијата Софија – Скопје, вчера пристигна уште една убава вест што треба да биде пример како вистински треба да соработуваат две соседни држави. По неодамнешното успешно гостување на Македонската опера и балет во Софија, кое, за жал, беше засенето од политичките провокации со непоставувањето на македонското знаме за време на средбата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, повторно се случи нешто убаво. Имено, од вчера почнаа активностите во рамките на проектот „Воспоставување нов граничен премин Струмјани – Берово (Клепало)“, за што се обезбедени средства преку ИПА-програмата на Европската Унија за прекугранична соработка со Република Бугарија.
Овој граничен премин со години од македонска страна е подготвен за користење, но недостига инфраструктура од бугарска страна и затоа досега не се користеше. Ако се тргне настрана политиката и ако се гледаат исклучиво интересите на граѓаните, тогаш добро е овој граничен премин што поскоро да профункционира и населението од двете страни на границата уште повеќе да ја засили соработката.
Парите за овој зафат се од ИПА-програмата на Европската Унија, со што де факто ЕУ се јавува како еден вид посредник меѓу Македонија и Бугарија за тоа како треба да се трошат европските пари за заеднички интерес, во случајот за граничен премин.
Значи, ЕУ е класичен посредник во овој случај меѓу земја членка и земја кандидат, така што ако веќе Унијата успешно посредува кога треба да се префрлаат пари за реализација на заеднички проекти, нема зошто да не може да посредува кога одредени земји членки имаат некаков проблем со некоја земја кандидат. Исто е, посредништво си е посредништво.
Наместо Бугарија експресно да го одбие посредништвото на ЕУ што неодамна го понуди Унгарија како претседавачот со Унијата, можеше да подразмисли малку дали веднаш треба да ја треска секоја отворена врата за комуникација или, пак, да остави простор барем да слушне што има да понуди другата страна, во случајот Македонија. Не мора да прифати ништо, но да даде шанса да се изнесат аргументите на маса зошто уставните измени остануваат заглавени.
Одбивањето воопшто да се разговара и да се наметнува наративот дека работата е завршена и дека нема за што повеќе да се разговара говори само за задните намери на бугарската страна, која очигледно го потпишала Договорот за пријателство и соработка без „бона фиде“, односно го користи како легална алатка за уцена на Македонија.
И како капак на сѐ, бугарското МНР држи „европски“ лекции дека процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не допушта посредување меѓу ЕУ и земја кандидат.
Неколку работи се контрадикторни во изнесениот став на бугарското МНР. Прво, ако процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги, што подразбира оцена на реформите во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата, односно на темелните вредности, зошто тогаш Софија инсистира на историската комисија, на негирањето на македонскиот јазик и на идентитетот, на протоколите?
Со други зборови, ако се оценуваат сопствените заслуги, тогаш Македонија треба да се оценува според сопствениот напредок во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата, а колку за започнување на преговорите има исполнето.
Второ, апсурдна е и тезата на бугарското МНР дека процесот на европска интеграција не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја кандидат. А дозволува ли посредување кога се земаат европски пари меѓу земја членка и земја кандидат? Колку за потсетување, пред нешто повеќе од десетина години ЕУ беше посредник во територијалниот спор меѓу Словенија како земја членка на Унијата и Хрватска, земја кандидат. Благодарение на ЕУ, проблемот со посредништво беше надминат така што се договори арбитражна комисија, која и денеска ги утврдува фактите на терен, повеќе од 10 години откако Хрватска е членка на Унијата.
И Кипар влезе во Унијата благодарение на посредништвото на ЕУ, која одигра некаква посредничка улога меѓу некои земји членки што се противеа да влезе во Унијата земја што нема контрола врз целата територија. Да биде апсурдот уште поголем, ЕУ посредуваше и за самата Бугарија, која и самата се соочи со вето од некои земји членки и не стана членка во 2004 година при големото европско проширување бидејќи тие оцениле оти државата според степенот на корупција и според степенот на владеење на правото не заслужува членство. Токму Брисел, заедно со САД, беше посредник во пеглањето на разликите меѓу Бугарија и дел од земјите во ЕУ, за на крајот бугарското зачленување во ЕУ да се случи во 2007 година, исклучиво со политичка одлука, без повторно целосно да се исполнат критериумите.
Сето ова јасно говори дека Бугарија сега го злоупотребува членството во ЕУ само заради скриени цели, кои не соодветствуваат со европските принципи и воопшто со светогледот во 21 век.
Како и да е, примерот со заедничкиот проект за воспоставување нов граничен премин Клепало покажува дека ЕУ може да биде успешен посредник секогаш кога треба да се надминуваат проблемите, денес оние што ги тиштат граѓаните од двете страни на границата за полесно минување и комуникација, а утре истата таа ЕУ може да помогне и за наоѓање креативни решенија за излез од ќор-сокакот во кој завлегоа македонските евроинтеграции, но уште повеќе односите меѓу двете земји. Ако официјална Софија сфати дека разговорите се единствениот начин да се надминат недоразбирањата, тогаш многу брзо ќе се отворат можности за уште поголема соработка во сите сфери. Денес граничен премин, утре железничка линија, задутре автопат, ЕУ нека посредува колку сака ако ни ги отвори фондовите за заеднички проекти, така што многу брзо сите ќе ја прифатат европската посредничка улога, особено ако тоа подразбира европски пари со кои ќе се подобрат животот и односите меѓу граѓаните од двете страни на границата. Друг начин нема, во спротивно, ќе останеме сите само со клепалото.