Секој меѓународен договор најчесто е обврзувачки според меѓународното право, но важноста му е ништовна доколку се прекршуваат неколку принципи, како што се човековите права, националниот суверенитет, загрозување на културниот идентитет или јазикот на една нација. Постојат правни начини за докажување на ништовноста, како што е отворање на случајот пред меѓународни судови, повикување на одредби во самиот договор или дипломатски напори за обезбедување ревизии. Бидејќи Преспанскиот договор е во спротивност со воспоставените меѓународни конвенции за културно наследство и човекови права, следствено, тој ќе биде оспорен
Мисловниот развој има суштинска улога во обликувањето на начинот на кој децата учат, обработуваат информации и комуницираат со светот околу нив. Како што се развиваат когнитивните способности кај децата, така кај нив се развиваат основните вештини, како што се решавањето на проблемите, разбирањето на јазикот или паметењето. Според теоријата на Жан Пјаже за когнитивниот развој, децата се движат низ различни фази, од конкретно размислување во раното детство до поапстрактно расудување во подоцнежните години. Малото дете учи најдобро преку практични искуства и сензорно истражување, додека постарото дете може да сфати посложени концепти преку логичко расудување. Жан Пјаже верувал дека реалноста е динамичен систем на постојаните промени, односно дека реалноста вклучува промени и состојби. Во овој контекст е и неговото разбирање на асимилацијата, односно како процес што се јавува кај луѓето кога се соочуваат со нови или непознати информации.
Врз основа на овие истражувања, одредени политиколози тврдат дека националниот идентитет е динамичен, односно дека еволуира, како што општествата се менуваат луѓето апсорбираат нови влијанија и ги видоизменуваат своите вредности. Приврзаниците на политичката глобализација исто така тврдат дека светските интеракции доведуваат до пофлуидно чувство на идентитет, промени во идентитетот, разновидност и ценење на светските традиции. Но реалноста покажува спротивна состојба, односно ценење на сопствениот национален идентитет, култура, јазик и сѐ така до бесконечност. За ова постојат многубројни пример, како што се Кина и Јапонија, кои длабоко ги ценат сопствените култури, јазик и идентитет преку активното учење и зајакнување на културата и јазикот.
На што се должи тоа? Одговорот на ова прашање се наоѓа во истражувањата за мисловниот развој, кои велат дека тој е обликуван од искуствата, учењето и околината. Со други зборови, во текот на мисловниот развој кај човекот се создава и националниот идентитет, како и почит кон културата во која растел и се развивал. Секако дека има исклучоци, но практиката покажува дека културата е срцето на секое општество, таа го обликува идентитетот, ги поврзува луѓето и влијае врз напредокот на заедницата. Бидејќи станува збор за споделен систем на верувања, традиции, вредности, уметност, јазик и обичаи, не случајно во текот на мисловниот развој кај човекот се создава љубов кон нештата што го опкружуваат. Од друга страна, националниот идентитет што се создава под влијание на околината, односно на културата што го опкружува, кај луѓето создава чувство на припадност и поврзаност, но и социјална кохезија и вредности што се морален компас.
Доколку внимателно анализираме, неизбежен е заклучокот дека културата и национален идентитет се срцевината на општественото и политичкото битисување, без разлика дали некој ќе нѐ убедува во спротивното. Дека нештата се во овој правец потврдуваат и неколку меѓународни конвенции, како што се Универзалната декларација за човекови права (која го признава правото на слободно учество во културниот живот), Меѓународниот договор за граѓански и политички права (кој ги штити правата на етничките, религиозните и јазичните малцинства), Декларацијата за правата на лицата што припаѓаат на национални или етнички, религиозни и јазични малцинства (усвоена од Генералното собрание на ООН, оваа декларација ја нагласува заштитата на малцинските идентитети), Европската повелба за регионални или малцински јазици (насочена кон заштита и промовирање на јазичната разновидност), Договорот за Европската Унија (кој ја признава должноста за почитување на националниот идентитет во рамките на ЕУ) и други.
Оттука не треба да се зачудиме доколку прочитаме или слушнеме дека Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА) ја осудува бугарската политика на асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, бугарската политика на етничко таргетирање на македонското малцинство во Албанија за вештачко создавање бугарско малцинство преку масовно доделување и продажба на бугарски државјанства од ЕУ, напорите за асимилација, притисок врз властите и финансиски поткупи – јасна злоупотреба на членството на Бугарија во ЕУ.
Бидејќи идентитетот е суштествен, но е и заштитен од меѓународното право, на 8 мај 2025 година официјално беше објавена и започна да се потпишува петицијата за враќање на уставното име Македонија и за раскинување на Преспанскиот договор, поведена од повеќе македонски здруженија и организации во Европа и светот. Некој може да тврди дека станува збор за апсурдност, но Преспанскиот договор во суштина ги загрозува македонскиот национален идентитет, култура и јазик. Бидејќи националниот идентитет, културата и јазикот се заштитени со одделни меѓународни закони и договори, како што е Универзалната декларација за човекови права, Преспанскиот договор е во спротивност со меѓународното право и може да биде поништен.
Секој меѓународен договор најчесто е обврзувачки според меѓународното право, но важноста може да биде оспорена доколку се прекршуваат неколку принципи, како што се човековите права, националниот суверенитет, загрозување на културниот идентитет или јазикот на една нација. Постојат правни начини за поништување, како што се поведувањето на случајот пред меѓународни судови, повикувањето на одредби во самиот договор или дипломатски напори за обезбедување ревизии. Бидејќи Преспанскиот договор е во спротивност на воспоставените меѓународни конвенции за културно наследство и човекови права, тој може да биде оспорен.
Дека не станува збор за преседан потврдуваат и неколку примери кога нациите се повлекоа од договори за кои се сметаше дека се штетни за нивниот идентитет или интереси, како што е примерот со Турција и Истанбулската конвенција, кога во 2021 година Турција се повлече од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените, наведувајќи загриженост за националниот суверенитет, или Соединетите Американски Држави и Парискиот договор, кога во 2020 година САД формално се повлекоа од Парискиот договор за климатските промени, тврдејќи дека тој наметнува неправедни економски оптоварувања.