Службени лица, чија службена должност е преземање мерки за заштита на недвижното културно наследство, биле дел од групата што се најде на удар на Обвинителството дека била вклучена во уривањето објект во старата скопска чаршија, кој според пропишаното никако не смеел да биде урнат. Старата чаршија сѐ повеќе се разградува и се унаказува, а состојбата не е ништо подобра низ целата држава. До кога вака?
И додека целиот свет со забрзано темпо ита напред, во Македонија нема ништо ново. Велам ништо ново затоа што навистина сѐ што се случува му доаѓа некако како дежа ви во земјава.
Ете, и последната акција на МВР и на Обвинителството во која 11 лица се осомничени дека во старата скопска чаршија буквално си правеле што си сакале. Според соопштението на Обвинителството, тие злосторнички се здружиле и уништиле објект што бил заштитен од државата како културно наследство. Најмизерно е тоа што меѓу нив има и вработени во државни институции што требало тој објект да го заштитат.
Чисто малку да појаснам што точно правеле. Според диспозитивот на наредбата за спроведување истражна постапка, четворицата првоосомничени во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година создале група на која припадници станале другите осомничени. Првоосомничениот како претседател на одбор на директори на акционерско друштво, со намера за себе и за другите членови на групата да прибави противправна имотна корист, иако знаел дека хотелот „Шар-ан“, кој се наоѓа во рамките на старата скопска чаршија, претставува културно наследство и е дел од заштитена споменична целина и не може да биде предмет на продажба, не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од некои од припадниците на групата да извршат негово противправно уривање и уништување. Четворица припадници на групата како градежни работници, употребувајќи механизација, извршиле противправно уништување на автентичниот објект, хотелот „Шар-ан“. Во исто време двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица, чија службена должност е преземање мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект, хотелот „Шар-ан“, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејство со кое ќе го запрат или спречат незаконското уривање на објектот од културно наследство.
Второосомничениот, пак, како еден од организаторите на групата во текот на целиот период на уривање бил запознаен и се согласил со преземањето на противзаконските дејства, од кои требало да оствари директна корист. Тој до Агенцијата за катастар на недвижностите поднел пријава за запишување промена односно бришење урнат објект, па кон пријавата приложил изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од правно лице, сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик-директор на Агенцијата за катастар на недвижностите, кому му биле познати законските постапки за вршење упис и промени во катастарската евиденција и кој презел низа дејства давајќи конкретни насоки и обезбедувајќи услови за извршување на промената во катастарската евиденција.
Пократко да објаснам не можев, ама со сигурност можам да образложам дека ние во земјава имаме сериозен проблем со заштитата на културното наследство, бидејќи, за жал, ова не е прв ваков случај.
Сите нормални земји се трудат на што е можно подобар начин да ги заштитат знаменитостите, старите објекти што како споменици говорат за едно поинакво минато време, а се дел од неменливата историска нишка на една земја.
Кај нас такво чувство за историјата очигледно нема.
Старата скопска чаршија е симбол на Скопје, таа е срцевината на градот, која говори за историските корени и за мултиетничкиот живот во главниот град со векови. Таа веќе секако изгуби огромен дел од својата автентичност поради тоа што се изградија премногу нови и модерни објекти, кои го нарушија нејзиниот амбиент.
А повторно ќе кажам, не треба ни ова да ни биде шок. Да не почнам да ги набројувам Струга и Охрид, каде што едвај успеавме да го задржиме статусот на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
Неконтролирана урбанизација, неодржливи туристички практики, несоодветен третман на отпадните води и цврстиот отпад, нелегално градење, прекумерен риболов, несоодветно користење на крајбрежјето, загадување од зголемениот воден сообраќај, инвазивни видови и друго, сето тоа води кон забрзана деградација на квалитетот на водите, што директно му штети на екосистемот и ги осиромашува природните особености на регионот.
Непланските и несоодветни урбанистички интервенции ги видоизменуваат автентичниот лик на градот и крајбрежниот пејзаж, што ја нарушува исклучителната вредност на регионот.
Струга пак и тамошниот градоначалник се сосема друга приказна. Таму локалната власт е слепа и не ги гледа дивоградбите, бидејќи општинскиот татко, Рамиз Мерко, пред две години нагласи дека Струга немала проблем со дивоградби, но оти платформите покрај езерото се уривале во знак на солидарност кон Охрид…
Ете, и не мора да изведам заклучок. Дури и на мало дете ќе му стане јасно каде живееме. Ние сме мини-верзија на Див Запад, ама поздивена.
И онака имаме сериозен проблем со губење на вековната пишана историја, но очигледно ќе ја изгубиме и видливата, објектите и градбите, кои се неми сведоци на едно поинакво време, време во кое се градело, но и се чувало изграденото.