Европските девијации се забележани од традиционална Америка. И вербално осудени. Регистрирањето на таквите негативни европски тенденции од страна на традиционалната Америка беше особено очигледно во експликацијата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Минхен. Тој јасно образложи дека европските влади ги напуштиле темелните европски вредности, па и светските универзални вредности на индивидуата и колективите. Америка ѝ воочи на Европа дека вистинскиот проблем на ЕУ се внатрешните дегенеративни тенденции, почнувајќи од персоналните, преку семејните, па до пошироките колективни и политички, каде што се загубило чувството за темелните морални и етички вредности…
Суштината на слободарска Европа и изворните европски вредности произлегуваат од францускиот устав од 1791 година, најточно од Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот. Во споменатата декларација станува збор за слобода и еднаквост во правата, суверенитетот произлегува од нацијата, никој не смее да биде вознемирен поради неговите мислења, слободното изразување на идеите и мислења е едно од најскапоцените права на човекот и сѐ така до бесконечност. Во овој дух е и асномска Македонија и не случајно споменатите европски вредности најдоа свое место во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот, во која меѓу другото се наведува дека „сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи ги нивната народност, пол, раса и вероисповед“, како и дека на „сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението“.
Но каде е денес Европа и дали постои криза околу универзалните вредности? Денес Европската Унија се соочува со криза, а слободарските европски вредности се осуетени од некакви новокомпонирани неолиберални политики, меѓу другото и со алатката за практикување т.н. идентитетски политики. Терминот идентитет беше популаризиран од психологот Ерик Ериксон, а идентитетската политика се пројави преку културната политика во последните децении на 20 век. Под влијание на идентитетската политика, политичкото дејствување не беше повеќе насочено кон остварување и промовирање на изворните демократски вредности, туку кон трансродовите лица или обиди за промена на суштината на половите.
Идентитетската политика во Европа на голема врата влезе со француските протести од 1868 година. Дотогаш традиционалната француска левица беше фокусирана на првата на работничката класа, но по споменатите протести, дојде до идеолошка измена, како што се правата на малцинствата, имигрантите, статусот на жените, екологијата итн.
Неолиберализацијата на европската левица продолжи и во другите европски држави, како што се Германија и Холандија, со што акцентот повеќе не беше на работничката класа туку на поддршката за правата на широк опсег на групи. Низ годините идентитетската политика постојано беше дополнувана, како што беа барањата за еднаков третман за жените во економските односи, правата на лицата со посебни потреби или имиграцијата. На крајот, идентитетската политика на европските „либерали“ се насочи кон прашањата за хомосексуалците, лезбејките и трансродовите луѓе.
Регистрирањето на таквите европски тенденции од страна на традиционалната Америка беше особено очигледно во експликацијата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Минхен. Тој јасно образложи дека европските влади ги напуштиле темелните европски вредности, а наедно и светските универзални вредности на индивидуата и колективите. Америка ѝ воочи на Европа дека вистинскиот проблем на ЕУ се внатрешните дегенеративни тенденции, почнувајќи од персоналните, преку семејните, па до пошироките колективни и политички, каде што се загубило чувството за темелните морални и етички вредности…
– Заканата што најмногу ме загрижува за Европа не е Русија, не е Кина, не е некој друг надворешен фактор. Она што ме загрижува е заканата одвнатре, повлекувањето на Европа од некои нејзини основни вредности што ги споделува со САД… Гледам во Брисел, каде што комесари на Европската комисија ги предупредуваат граѓаните дека имаат намера да ги затворат социјалните медиуми за време на граѓански немири веднаш штом ќе видат, како што тие оценуваат, цитирано, содржина на омраза… Се плашам дека слободата на говорот е во опаѓање во Европа – говореше Џеј Ди Венс.
Колку и да звучи чудно, денес кога целиот европски континент се соочува со висока инфлација, невработеност или скапи енергенти, главното политичко прашање во Европската Унија е дека мажите што себеси се сметаат за жени може да учествуваат на женски натпреварувања, како што е атлетиката или пливањето. Каков апсурд!
Европа мора да се врати на своите изворни вредности, како што е слободното изразување идеи и мислења, во спротивно ќе се самоуништи. Дека Европската Унија и другите западни демократии се соочуваат со мисловна и идеолошка криза беше нагласено од неколку истакнати мислители и интелектуалци. Во таа насока е и тврдењето дека подемот на идентитетските политики во современите либерални демократии е една од главните закани со кои се соочуваат и доколку не можеме да се вратиме на поуниверзални сфаќања за човечкото достоинство, ќе се осудиме себеси на континуиран конфликт.