Ме измести тажната приказна за мојот сограѓанин што фатално настрада од удар на мотор пред својот стан. Смртно прегазен од млад моторџија што летал на „кавасакито“ на пешачка патека во близината на паркче (Парк на франкофонијата), кое сељачиштата од урбаната мафија го токмат за своја идна градежна парцела. Можете ли да видите колку проблеми има во само неколку стотини квадратни метри простор? Урбанистичка мафија, моторџии што бегале од полиција, невин граѓанин што настрадал зашто се нашол на погрешно место во погрешно време. Простете, но тоа, особено во Скопје, не важи – Скопје стана простор каде што секој метар е погрешно време и погрешно место
Баш и не ме погоди многу кафеанското објаснување на темата што е идентитет од една бирократка на Европската комисија, па макар се викала и Марта Кос. Ние си ги познаваме јазиците, иако еврокомесарката не го спомена тоа, па ги знаеме и етимологијата и значењето на нејзиното име сочинето од два поима – март(а) и кос, црна птица, ја има насекаде. Зошто штама за јазикот? Кос не направила грешка, претпоставувам дека го опишала идентитетскиот карактер на еден изроден, а црпнат Македонец (ги има во сите народи, та не сме саде ние страдалници на овој век) познат по пиперки, бабури, пинџури. Најдобар ајвар е муртинскиот. Да се знае. Се продава и во синџирите на „Коско“, и тоа да се знае, ја освоил и Австралија. Така, Марта го има во главата тој македонски архетип што се распослал низ светот. И како да се лутиш?! Точна, прецизна дескрипција.
Дали треба да преминеме на друго, трето и не знам кое ниво на објаснување на македонскиот идентитет? Секако дека има и можеме и мораме, но сетете се најпрвин кои први скокнаа кога Македонците ја проширија македонската приказна низ светот, кога се зборуваше за брендот „Безвремена Македонија“ (Timeless Macedonia). Ви текнува кој го измисли терминот „антиквизација“? Не, не беа Грците, од дома дојде катиљ-ферманот. Се кренаа не црни, туку шарени птици за на цел глас да пискаат да бидеме тоа што не сме, и натаму одиме. Реката нѐ води кон тоа што не сме, да не бидеме, да се снемаме. Не е ова правописна грешка. Да се снемаме!
Тешка е темава и болна, но мене сега едно прашање ми тежи, тешка планина. Како стигнавме до тука? И дали претеравме во себеомразата, себепонижувањето, изгубеноста, некадарноста да го препознаеме предизвикот на 21 век? Можеме ли да се исправиме, да се истопориме како нација и да кажеме тука сме, ние сме тука!
Да повторам, да се истопориме не како поединци, такви за среќа има, туку како нација. Имаме ли систем што обезбедува вакво нешто? Тука ми е големата дилема.
Секој има своја приказна, многу лични примери, многу страдања, преселби, печалби, свои одговори на секојдневието, на иднината. Ме измести тажната приказна за мојот сограѓанин што фатално настрада од удар на мотор пред својот стан. Смртно прегазен од млад моторџија што летал на „кавасакито“ на пешачка патека во близината на паркче (Парк на франкофонијата), кое сељачиштата од урбаната мафија го токмат за своја идна градежна парцела. Можете ли да видите колку проблеми има во само неколку стотини квадратни метри простор. Урбанистичка мафија, моторџии што бегале од полиција, невин граѓанин што настрадал зашто се нашол на погрешно место во погрешно време.
Простете, но тоа, особено во Скопје, не важи – Скопје стана простор каде што секој метар е погрешно време и погрешно место. Опасно е. Не велам дека ќе бидеш убиен, но секојдневно си под ризик на некој начин да настрадаш. Па, дури и од твојот сосед, кој нормално поминува на црвено, зашто само што му се затворило жолтото, па нема да кочи?! Плус, во тоа време на љубовницата ѝ праќал СМС, чекал брз одговор, сѐ е брзање, брзање. Ова е социјален елемент, но тој не само што е потхранет туку е набилдан со витамински терапии од системот, кој создаде одметници од законот што сега имаат критична маса. Тој што почитува закон, ред и поредок е црната овца. И децата масовно ги воспитуваме да не бидат црни овци. Критичната маса ќе ја зголемуваат и ова е дел од нашиот идентитетски проблем.
Како се создава критична маса? Да го оставиме сега македонизмот настрана, да не зборуваме за македонштината во 21 век, тоа ќе го пишувам во некоја наредна колумна, а ќе пишувам, имам што да кажам. Сега важна тема се хулиганите од нашиот сокак. Тие себеси не се сметаат за хулигани, тие се ѓоа лојални граѓани, понекогаш незабележливи, тие ништо не даваат за заедницата. Тоа се наши сограѓани, соседи со кои се поздравуваме, ама не се разбираме за многу работи. Ако за мене е закон дека во 22 часот по дома е штама, тоа е така, но не и кај нив. Тие го окупираат просторот бесрамно и ќе се тепаат за нивните права да те вознемируваат. Тие ќе ги турираат моторите по Партизанска или каде-годе безмилосно, оти тие се јавачите на ноќта. Тие имаат право да се журкаат до ниедно време среде населба, да шетаат по три-четири кучиња што лаат по цел ден, а и не го собираат изметот зад нив. Не е проблем за нив да фрлат некоја пара за да подмачкаат, за нивна цел, за што страда општото добро. Тие газат луѓе по патиштата, тие користат хероин, марихуана и ги дилаат, тие го наметнаа нивниот закон на посилниот, кој важи и дење и ноќе. Порано беше само ноќе, но времињата се сменија. Нов идентитет.
Зошто и како? Се сеќавам кога професорот Трпе Стојановски ме замоли да учествувам во една обемна анкета за тоа како треба да изгледа работата на полицијата. Морав да одговорам на многу прашања, ми требаше повеќе од еден час за да ги поминам сите прашања. Многу обемна студија, а јас дадов неколку сериозни забелешки за тоа како работи полицијата. И полицијата е само еден дел од она што се нарекува спроведување на законите, каде што Македонија како држава потфрли. Не комплетно, што значи имаме ресурси за да се спасиме од бродот што тоне, но потфрли таму каде што не смее. Тоа е нејзиното неприсуство на терен и тука од осамостојувањето одиме во надолна линија. Полицијата не е присутна и не реагира одвраќачки, туку повеќе откако нешто ќе се случи. Не ја знам студијата што ја изготви Стојановски, но уште стојам зад моите предлози.
Не може моето Влае, или Ѓорче, Чаир, Лисиче да немаат реонски полицајци. Не може! Мора да има патроли. И тоа не е дефиниција за полициска држава, како што се мисли кај нас, туку тоа е спој на државата со граѓаните. Полицијата така испраќа порака – ние сме тука со вас и за вас!
Ја спомнувам полицијата, затоа што во моментов нејзината видливост и ефикасност се најпотребни. Чувствувам голема посветеност и волја кај министерот Тошковски да го крене нивото на довербата во полицијата и презема сериозни потези во таа насока, како што е на пример засилената внатрешна контрола. Тоа ќе даде резултати и ќе ја намали корупцијата во полицискиот строј. Не сакаме ние чесните граѓани да бидеме глинени гулаби. Бараме заштита. А таа полициска ефикасност, за што е потребна и реорганизација, ќе значи создавање многу посилна врска меѓу државата и граѓаните. Да си речеме, да, да имаме држава што нѐ штити.
Пред некој ден проаѓајќи низ плоштадот „Делфина“ во Влае пред стемнување видов група малолетници како во хај-расположение си пушеа марихуана. Веќе не се ни кријат. Мои пријатели велат дека по многу кафулиња без проблеми се дила дрога. Ми ги кажуваат по име локалите, но и некои луксузни ресторани во чии фрижидери имало јака стока, бел прав. Сакаш да шмркнеш и ти? И ова е начин да се смени нечиј идентитет.