Како што нѐ учеше Крсте Мисирков: На нашето да гледаме со наши очи

Во историскиот роман на Димитар Талев, „Илинден“, посветен на македонската револуционерна борба, зборот македонски народ се сретнува повеќепати, вклучувајќи и во следнава реченица: „Бедниот македонски народ не се бори за да го замени едниот господар со друг, еден изедник со друг, туку се бори за слободата на Македонија, за својата народна република“

Деновиве македонската јавност беше информирана дека бугарската влада го задолжила министерот за култура Најден Тодоров што поскоро да ја започне постапката за купување на родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп. Дополнително, бугарскиот премиер Димитар Главчев истакна дека ова прашање не треба повеќе да се одложува и повика на итно дејствување, нагласувајќи дека мора да се „најде итно решение, да се преземат сите активности за спас на куќата на големиот бугарски писател, вклучувајќи и дипломатски зафати (?!). Им должиме на нашите деца, куќата мора да се зачува, реставрира и да се претвори во музеј“. Неколку дена подоцна бугарските медиуми информираа дека две третини од родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп биле купени од бугарската фондација „Манол Пејков и пријателите“, како и дека треба да се извршат итна поправка на покривот, подготовка на план и тим за реконструкција и реставрација со експерти и градежници од Бугарија и Македонија, да се назначи лице со трајна посветеност за одржување и стопанисување со куќата.
Во меѓувреме, македонското Министерство за култура информираше дека нема надлежност по прашањата на купопродажен недвижен имот, со оглед на тоа што истиот тој не претставува заштитено културно наследство, но доколку до министерството се достави допис за споменатата куќа, во зависност од поставените прашања ќе биде даден соодветен одговор, од аспект на надлежноста на самото Министерство за култура. Дополнително во македонскиот медиумски простор беше лиферувана и шпекулацијата дека доколку се решат имотните односи околу куќата на Димитар Талев, нејзината обнова и претворање во музеј треба договорено да се прават помеѓу македонската и бугарската влада, како и помеѓу соодветните министерства. Со други зборови, куќата на Димитар Талев ќе биде можност за унапредување на македонско-бугарските односи и пријателство. Но оваа теза е апсурдна затоа што официјална Софија ги негира македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., а претворањето на куќата на Димитар Талев во музеј на крајот ќе се оформи во идолопоклонство на великобугаризмот, шовинизмот и иредентизмот.

Зборот Македонци исто така повеќепати се сретнува во романот „Илинден“ на Димитар Талев, како во реченицата: „Тука сме повеќето Македонци“ или „вчера нашите тукашни Македонци“. Зборот Македонија исто така се споменува повеќепати, како во реченицата: „Никој од нас да не заборава, дека Македонија им припаѓа на сите Македонци“

Како се доведовме во оваа апсурдна ситуација? Еден од најдобрите одговори ни го дава Гане Тодоровски, кој велеше дека „едноумието во Република Македонија, во периодот 1945-1990 година, остави свои последици: не ни дозволи на нашето да гледаме со наши очи, како што настоеше да нѐ поучи и насочи Крсте Мисирков“. Затоа, ајде да погледне со наши очи, низ македонска призма, кој е всушност Димитар Талев. Роден е на 1 септември 1898 година во Прилеп, неговиот татко е Тале Палиславов, со потекло од пелагониското село Светомитрани, а неговата мајка е Донка Хаџитолева, прилепчанка. Неговиот постар брат Георги Талев е член на Македонската револуционерна организација (МРО) и учествува во редактирањето на револуционерниот весник „Шило“, кој се одликува со мотото „Македонија на Македонците“. Во 1907 година неговиот брат бил уапсен од османлиските власти и во 1908 година бил протеран од Македонија. Во екот на овие настани Димитар Талев сѐ уште бил дете, но македонскиот револуционерен дух на неговото семејство оставил вечни траги кај него. Димитар Талев се школувал во Солун, Стара Загора, Битола, Загреб, Виена и во Софија. Во 1927 година бил лектор на весникот „Македонија“, а подоцна станува и негов главен уредник. Учествува во активностите на македонската емиграција во царството Бугарија, а кога во 1934 година со декрет беа забранети сите бугарски политички партии, како и македонските здруженија, вклучувајќи го и весникот „Македонија“, Талев станал соработник на весникот „Зора“. Како писател останува запаметен по многубројните раскази, приказни, историски романи итн., а негово најголемо дело е „Преспанската тетралогија“, кое се состои од романите „Железниот светилник“, „Преспанските ѕвона“, „Илинден“ и „Ги слушам твоите гласови“.

Придавките македонско или македонски се сретнуваат исто така повеќепати, како што се зборовите македонските градови, македонски планини, македонските си браќа, македонските преселници, македонски друштва, македонските работи, македонските вилаети, македонско ослободување, македонското дело, македонското ослободително движење и сѐ така до бесконечност!

Но за што точно пишува Димитар Талев? Во неговиот историски роман „Илинден“, посветен на македонската револуционерна борба, зборот македонски народ се сретнува повеќепати, вклучувајќи и во следнава реченица: „Бедниот македонски народ не се бори за да го замени едниот господар со друг, еден изедник со друг, туку се бори за слободата на Македонија, за својата народна република“. Зборот Македонци исто така повеќепати се сретнува во романот „Илинден“, како во реченицата: „Тука сме повеќето Македонци“ или „вчера нашите тукашни Македонци“. Зборот Македонија исто така се споменува повеќепати, како во реченицата: „Никој од нас да не заборава, дека Македонија им припаѓа на сите Македонци“. Придавките македонско или македонски се сретнуваат исто така повеќепати, како што се зборовите македонските градови, македонски планини, македонските си браќа, македонските преселници, македонски друштва, македонските работи, македонските вилаети, македонско ослободување, македонското дело, македонското ослободително движење и сѐ така до бесконечност!
Доколку на нашето гледаме со наши очи, како што нѐ учеше Крсте Мисирков, а постојано нѐ потсетуваше и Гане Тодоровски, тогаш очигледно е дека Димитар Талев е Македонец што пишувал за својата татковина Македонија и за својот македонски народ. И тука завршува сета дискусија!