- По канадскиот премиер, денес е впечатлива анализата на Минхенската безбедносна конференција, која е всушност извонреден говор на погребот на неолибералниот свет, а тоа особено се однесува на Европа (ЕУ) како бастион на светот што умира – светот на глобалистите. За нив, покрај Русија и Кина, главен светски проблем е Доналд Трамп, чија политика и администрација се синоним за ѓуле, односно како што пее Мајли Сајрус „Wrecking ball“. Ако ја следиме оваа анализа, тогаш сосема пристојно би било да прашаме – зарем ѓулето не е и во рацете на германскиот канцелар Фридрих Мерц или ние во Европа ќе ставаме розови очила и нема да сакаме да го видиме тоа
- Што треба во овој драматичен свет на промени да прави Македонија? Може многу, но првин треба да си изгради куќа со своја тапија!
Ќе се навратам на клучната поента од насловот, искористен од мегахитот на некогаш позната како Хана Монтана, а потоа разголена до гола кожа како Мајли Сајрус да направи голем чекор во кариерата. Ова се едни од песните со визија.
Таква визија имал и актерот Џерард Батлер, и како продуцент и како главна фаца во филмскиот хит од 2020 година со едноставен наслов „Гренланд“. Како знаел? Како? Ако Ијан Флеминг имал многу добри разузнавачки информации базирани на копањето на МИ6 и сето тоа му го дал на ликот Џејмс Бонд, како Батлер дошол до информација дека Гренланд ќе биде една од клучните точки на геополитиката во 2025 година, па натаму? Не знам. Да речеме дека ништо не е случајно, па, така, и премиерата на „Гренланд 2: Миграција“, која се случи на почетокот на 2026 година. Во првиот дел клучна поента е тоа што Американците својот спас од падот на некоја комета го гледаат во нивната воена база под земја токму на Гренланд. Денес администрацијата на Доналд Трамп во Гренланд гледа стратегиска кота на својата империјалистичка политика како замена за старите идеи на влијание во западната хемисфера на Монро, за да ги задоволи апетитите на американската корпоративна машинерија, која сака да расте, да биде поголема и помоќна. Што има на Гренланд, и не е толку важно, туку што има под мразот на тој голем некогаш осамен остров. Денес таму се тркаат кој ќе го постави своето државно знаме. Така, Франција, која не сака да се смалува, ама губи влијание во некогашните свои колонии, а потоа и Канада, која не сака да биде изедена од американската ајкула (што да правиме кога е на американското мени), отвораат генерални конзулати. Што нудат тие? Трамп нуди безбедност и пари. Многу пари. Ќе биде тешко да се најде слободно парче земја за да се отворат дипломатски претставништва на Гренланд. Исто како во Ерусалим, каде што нема педа земјичка за, ете, да речеме Македонската црква да подигне своја црква на Светата Земја како што е ред. Затоа, пак, има доволно места во Газа, која, според провидението во Библијата, ќе биде центарот на светот пред апокалипсата, која, сепак, уште е далеку од нас. Господ ни дал шанса, покрај избор.
Да се вратиме на „зелениот остров“ – не знам кој ја издава дозволата за конзулатите – дали Гренланѓани, кои сакаат независност, или Данска, која им ја одзеде еднаш независноста и не им ја враќа. Малку е комплицирано, но таков е светот денес, се измешаа картите, мирниот живот, идилата замина. Но, некој ќе праша, и тоа со право, зарем не им пречи големата американска база таму, како сега се сетија дека не сакаат Американци?! Или не ги сакаат овие Американци на Трамп?!
Да влеземе во филмот на Батлер (тој не е режисер, но му дава печат). Ако таа комета мавне, каде ќе одат да се кријат Македонците? Дали на пример Криволак (Пепелиште) е идеална локација? Личи на пустина, жив човек нема на километри, а може да се оди под земја. Плус сме го делеле Криволак со НАТО и други партнери. Добра локација, и да речеме дека до 2030 година имаме шанса да го изградиме нашето колективно прибежиште и да бидеме сигурни дека барем пет-шест месеци ќе издржиме таму. Криволак како нашата „Дина“ каде што ќе го имаме на располагање тајниот зачин за долговечност. И тоа без партиски, етнички, јазични и не знам какви поделби. Сите на едно место, како фабриче за одгледување марихуана – топличко, чист воздух, обезбедена храна.
Друга можна локација е Мариово, и тоа пусто, некаде во околината на Чебрен-Галиште. Еве им можност на нашите стратези да го земат предвид и тој дел.
Оваа комета може да не биде и вистинска комета, туку реална закана од поширок и жесток конфликт на почвата на Европа. Нашето сценарио за филм може да ја сврти приказната во реално време со реални проблеми, а не да бапне изненадувањето од небо. Доста ни е од такви громови од ведро небо! Токму затоа и ја отворам темата за обезбедување колективно засолниште. Тоа веќе на големо се прави низ Европа и еден ден ќе се изненадиме колку се копало. Така биле изненадени и Германците и Европа, кои немале поим дека под Берлин се градат подземни сообраќајници. Ама се изградиле. Понекогаш не треба да се бара логика, туку најдобро е само да се констатира. Зошто под земја?!
Сега почнуваме да ја слушаме хит песната на Мајли Сајрус – „Ѓуле“ (Wrecking ball), тоа ѓуле што се користело од антиката до денес за да се урне некоја ѕидина и да се влезе во некој град за да се ограби, запоседне, да се освои. Денес ова ѓуле има уште поголемо значење во годишниот извештај на Минхенската безбедносна конференција (МБК), која повторно ја собира светската елита во Минхен за да констатира дека денес во светот владее политиката на ѓулето, дека наместо конструкција, светот е во деконструкција (се урива). Ако еден дипломат од калибарот на Германецот Волфганф Ишингер со својот тим го констатира тоа, ние нема да противречиме туку сакаме да чуеме предлози како понатаму. Но и да забележиме – не се сите во деконструкција, иако изгледа така. Има нации што изградиле цврсти системи и градат ново и надежно. За волја на вистината, и ние констатиравме дека меѓународниот светски поредок се урива пред нас, се урива еден свет создаден од неолибералните елити, кои сега грчевито се борат да го зачуваат својот систем. Ѓулето според оваа неолиберална елита, која е утврдена и во Минхен, сега е контролирано од Трамп, но и други помали лидери, кои се нарекуваат булдожери или „бичкиџии“, со алузија на аргентинскиот претседател познат по својата електрична пила. Треба да звучи застрашувачки, а дали е така? Ако јас се прашувам, за мене не е, туку по говорот на канадскиот премиер ние добиваме уште еден извонреден говор на погреб на еден поредок кому историјата му пресудила. Ние не можеме да ја смениме орбитата на нашата планета, но можеме, имаме сили да го смениме текот на историјата, а тоа се случува сега. Револуција на ѓулето. Што значи тоа? Според стиховите на Сајрус, која, сепак, зборува за возвишеното, а тоа е љубовта, станува збор за сили што можат да уриваат ѕидови, системи наметнувајќи нови односи во светот.
Нема мирни места, нема невидливи точки, сите сме на ачик место следени од сателитите на Илон Маск. Еден голем „сејф сити“. Оние што денес плачат на својот погреб, до вчера беа горди на сето ова што денес им личи на булдожер-дипломатија, зашто ѓулето им затропа на вратите.
Во анализата на МБК се поставува клучното прашање, каде можеби и треба да се бара одговор – кон што треба да се движи нашата цивилизација – дали се движиме кон свет каде што хуманоста ќе биде клучна точка и поента на политиките. Ние под доминација на неолибералите, особено таму каде што сме географски, но не и духовно, во Европа, не видовме хуманистички свет, но имавме шанса да живееме во свет создаден во илузии без да се грижиме за поголемиот свет на мрак, страдања, болести, воени интервенции, колонијализам, ропство. Свет што денес на пример го откриваат во Англија, каде што еден од газдите на Манчестер јунајтед вели дека Обединетото Кралство е колонизирано од имигранти. Премиерот Стармер побара тој јавно да се извини, но Најџел Фараж застана во одбрана аплаудирајќи на констатацијата со ветување дека кога ќе дојде на власт, а натаму оди работата, тој ќе се расправа со „колонијалистите“.
Да заокружиме – денес Европа изгледа разединето, обединета е само околу Украина, а кормилото ќе оди во рацете на мал гравитациски центар на супермоќ без одобрување од повеќето членки на ЕУ. Денес Брисел полека својата моќ му ја предава на Берлин, како претставник на единствена моќна земја способна да ја води Унијата напред. Ако некој мисли дека Мерц не е вооружен со ѓуле, тој или не сака да го види тоа или, пак, сака да продава холандски лалиња за да имаме убав двор. Станува сѐ појасно дека само пет-шест земји од ЕУ ќе ја решаваат судбината на ЕУ, а можно е и на континентот, затоа што Берлин е уморен некоја ситна боранија (национални парламенти со национални законодавства што повеќе одмагаат отколку што помагаат) да решава за крупни прашања како што се економија или одбрана, особено ова второто. Европа ќе се задолжува билдајќи го воениот арсенал за да фати некаков чекор со на пример Русија во воена смисла. Затоа рековме дека е добро да градиме едно наше колективно засолниште. Тие што денес ќе почнат да го прават доцнат, но сепак за четири-пет години ќе можат да кажат дека имаат каков таков излез за спас. Тоа е задачата на македонските суверенисти – да изградат заеднички дом способен да ги издржи сите налети што доаѓаат. Да се потсетиме дека не издржавме не така одамна кога ни се случија Преспанскиот договор (предавнички и корумпиран како крунски доказ на перфидната неолиберална политика) и Договорот за пријателство со Бугарија. Сегашните предизвици се можеби и поголеми, па затоа што поскоро треба да се види чатијата на цврстата македонска куќа, изградена според нашиот архитектонски архетип. Но за тоа од катастарот треба да се избришат двајцата косопственици на земјата, а тоа значи поништување на договорите со Грција и со Бугарија.































