Како од кошмар

Сакам да потенцирам дека она што е многу поважно е каква разврска ќе има целиот овој случај. За жал, жртвите не може никој да ги врати назад, повредените ги чека долга битка за заздравување со оглед на повредите, семејствата веројатно никогаш нема да бидат како порано… но затоа сите ние очекуваме, за почеток, правосудните органи да си ја одработат својата работа како што пропишува законот и во разумен рок

Трагедијата во Кочани нѐ погоди сите. Секој од нас со мачнина ги преживува овие денови обидувајќи се да остане присебен. И навистина е тешко да се каже нешто повеќе, единствено да се испратат зборови на утеха, на сочувство, на желби за закрепнување на повредените…
Но она што во овој момент не треба да се испушти од вид е ефектот на шок на ниво на цела држава, нешто со што се соочува речиси секој наш човек. Токму тој момент ми го задржа вниманието, бидејќи праксата покажува дека во вакви ситуации најчесто тоа резултира со момент на будење, на отрезнување, на соочување со вистинската слика во огледалото. Со момент на преиспитување на вредностите.
Праксата покажала дека таквата ситуација генерално предизвикува прочистување, по што следува и преземање мерки во сите сегменти на општеството. Очекувам и посакувам така да биде и овој пат. Да се преземат мерки со кои ќе покажеме и докажеме дека сме научиле нешто од оваа несреќа, но и од сите слични ситуации во изминатиов период, а кои неправедно сме ги забошотувале, сме ги поттурнувале под тепих или едноставно целосно сме ги игнорирале. Да покажеме дека сме созреани да управуваме со една своја држава, да создадеме институции што ќе функционираат онака како што е замислено и пропишано.
Само така ќе покажеме дека навистина си ја сакаме оваа наша држава. Мала, голема, каква е таква е, ама наша си е. Некој ја фали, некој ја критикува, друг гледа да ја здувне што подалеку, некој трет сонува да се врати… Ама наша си е. Ако ние не ја средиме како што треба, нема никој од надвор да дојде и да ни каже што е најдобро за нас. Додуша, душегрижници и советници од надвор има колку ти душа сака, но кој од нив навистина ни мисли добро, тоа се гледа и од авион, така што да не се залетуваме многу и да не веруваме на слаткоречивите пророци.
Затоа, ако си ја сакаме државата, не е потребно да се расфрламе со „бесни пароли“ и да си ги помодруваме градите удирајќи се со стисната тупаница. Треба да се свестиме и да си ја вршиме својата работа, затоа што, според мене, тоа е највисокиот степен на патриотизам. Да, токму тоа. Секој да си ја врши својата работа, секој да го дава својот мал придонес за општото добро. Бидејќи, само така се гради државата.
Ако навистина си ја сакаме.

А, дека има што да се сработи, не треба посебно да објаснувам. Доволно е само со отворени очи да проанализираме какви сѐ чудесии излегоа на површина, а кои биле длабоко вкопани во сите пори на нашето општество и го потопувале одвнатре, разјадувајќи го на сите нивоа, за на крајот да кулминира со стравотниот пожар во Кочани.
Токму затоа, да ја обележиме брзата реакција веднаш по трагедијата, како по книга, речиси на сите институции. Но, и тука треба да бидеме внимателни и да не избрзуваме. Тоа е само првата фаза. Институциите реагираа како што би требало да се реагира, но ние изгледа не сме навикнати некој да си ја врши работата како што треба, па одеднаш сме изненадени дека брзата помош, пожарникарите, полицајците дошле навреме или дека некој друг си ги презел дејствата што му се пропишани на неговото работно место.

Јавноста со нетрпение очекува во сите сегменти целиот случај да биде третиран и заокружен како што треба да биде, токму онака како што е во светот каде што владее правото, каде што владеат законите, правилата, принципите и каде што се придржуваме на стандардите што обезбедуваат сигурност, безбедност, благосостојба, просперитет и одржлив раст и развој за граѓаните… Може ли конечно и ние да видиме дека работите полека ги поставуваме на своето место?

Оттаму, сакам да потенцирам дека она што е многу поважно е каква разврска ќе има целиот овој случај. За жал, жртвите не може никој да ги врати назад, повредените ги чека долга битка за заздравување со оглед на повредите, семејствата веројатно никогаш нема да бидат како порано… но затоа сите ние очекуваме, за почеток, правосудните органи да си ја одработат својата работа како што пропишува законот и во разумен рок. Да не дозволиме повторно целиот случај да се развлекува до бескрај, да дојдат до израз сите дупки во законот, кои вешто ќе ги користи една или друга страна.
И не само тоа туку очекуваме во сите сегменти целиот случај да биде третиран и заокружен како што треба да биде, како што е во светот каде што владее правото, каде што владеат законите, правилата, принципите и каде што се придржуваме на стандардите што обезбедуваат сигурност, безбедност, благосостојба, просперитет и одржлив раст и развој за граѓаните… Може ли конечно и ние да видиме дека работите полека ги поставуваме на своето место?
За жал, мора да констатираме дека поводот за еден ваков пресврт, едно разбудување, е страшен, никогаш да не се повтори, но ако успееме по ова барем малку да ги помрднеме работите на подобро, тогаш верувам дека и јавноста ќе најде мала утеха по сите овие разурнувачки вести што циркулираат деновиве.