Како ја запознав Мариет Вестерман

При неодамнешната посета на Њујорк, „Соломон Р. Гугенхајм“, разбирливо, ми беше едно од приоритетните места за посета. Но нешто што требаше да биде вообичаена прошетка низ еден светски музеј се претвори во највозбудливото и најнеобично искуство во мојата долгогодишна новинарска работа како редовен проследувач на културните случувања. Оттука, ова не е само уште една обична колумна во низата, туку е приказна за тоа како се најдов на отворање на голема изложба на светска уметница во овој исклучителен музеј, и тоа со специјална покана од неговата новоизбрана директорка!

Сместен во срцето на Менхетн, на Петтата авенија, во елитниот Апер Ист Сајд, според желбата на неговите основачи членови на угледното американско семејство Гугенхајм, а изграден според проектот на познатиот архитект Френк Лојд Рајт, њујоршкиот музеј „Соломон Р. Гугенхајм“ отсекогаш ме одушевувал со својата инспиративна спирална градба од армиран бетон, слична на школка. Оваа органска архитектура, која стреми кон природните форми, поради својата специфична структура често била изложена на поделени мислења во однос на функционалноста како галериски простор (отежнато е поставувањето на поединечни дела на адекватен начин, дури и комплетно е невозможно изложување на големи формати), но токму таа негова карактеристика (според едни предност, а според други недостаток) отсекогаш ми била на некој начин предизвикувачка. Има музеи што самите по себе, како архитектонска целина, се уметничко дело. Таков е на пример француски „Лувр“ во Абу Даби, вистинско чудо на уметноста и на архитектурата, дело на прославениот француски архитект Жан Нувел. А таков е и „Гугенхајм“.
При неодамнешната посета на Њујорк, „Соломон Р. Гугенхајм“, разбирливо, ми беше едно од приоритетните места за посета. Но нешто што требаше да биде вообичаена прошетка низ еден светски музеј се претвори во највозбудливото и најнеобично искуство во мојата долгогодишна новинарска работа како редовен проследувач на културните случувања. Оттука, ова не е само уште една обична колумна во низата, туку е приказна за тоа како се најдов на отворање на голема изложба на светска уметница во овој исклучителен музеј, и тоа со специјална покана од неговата новоизбрана директорка!
Значи, вака. Веќе трет ден сум во градот и веќе ги посетив МоМА и „Метрополитен“ (жал ми е што ми остана „Витни“, можеби намерно го оставив за да се вратам повторно). Денот е резервиран за „Гугенхајм“. Седиме со син ми (кој тукушто го заврши семестарот на Њујоршкиот универзитет) на ѕитчето пред онаа чудесна инспиративна структура, дојадуваме некој сендвич со бурата и рукола (чиј вкус секогаш ќе го паметам, ќе прочитате подолу и зошто), земен патем, затоа што немаме многу време за безделничење кога толку многу можности се пред нас. Се одушевуваме однадвор на тој прекрасен ум што умеел да создаде архитектура со концептуален и градежен интегритет, една ваква пространа градба што се шири во сите насоки… Покрај нас забрзано поминува симпатична елегантна жена во темносин класичен костум. Син ми скокнува и вели: „Мојата директорка од Абу Даби!“ (Њујоршкиот универзитет има свој кампус и во Емиратите, меѓу другите). Му велам, дојадувајќи го сендвичот: „Поздрави се, јас ќе те почекам“, не сакајќи да се наметнувам, што за само неколку минути ќе се покаже како мнооогу погрешна одлука. Ги гледам од дистанца како разговараат, за кратко се враќа и егзалтирано ми кажува дека таа сега е директорка на „Гугенхајм“!? Не можам да поверувам во тоа што го слушам. Парче рукола ми се заглавува во грлото, се засркнувам од нејзиниот горчлив вкус, уште посилен по примањето на оваа информација што тешко ја преработувам во главата. Одеднаш сфаќам дека тукушто пропуштив ретка можност, една во милион, и професионално и лично. Ми се одјадува во истиот момент. Доволно срам „изедов“ што не се поместив од она проклето ѕитче да се поздравам.

Мариет Вестерман. Тоа е нејзиното име. Назначена е минатиот ноември за извршна директорка на Музејот и на Фондацијата „Соломон Р. Гугенхајм“, под чија надлежност се четири музеи во светот. Доаѓа на местото на Ричард Армстронг, кој е на оваа функција во последните 15 години. Официјално започнува со својата работа на 1 јуни 2024 година… Така стои во официјалната информација што ја наоѓам на веб-страницата на музејот (несудената средба кај ѕитчето се случува на 17 мај). Во светот на уметноста, Вестерман, која е родена во Холандија, е необичен избор затоа што во игра се неколку американски експерти, но веста за нејзиното назначување на функцијата ја одушевува меѓународната уметничка сцена поради нејзината импресивна биографија. Таа има докажана историја во успешно водење светски познати организации во високото образование и во филантропијата, посветени на уметноста и на хуманистичките науки, со себе носи длабоко знаење за историјата на уметноста, музеите и истражувања, во комбинација со експертиза за институционален менаџмент и меѓународни односи. Патем, таа е третата жена што го предводи „Гугенхајм“ во неговата 86-годишна историја и прва што ја извршува функцијата директор и извршен директор. Прва директорка на институцијата е уметницата Хила фон Ребај, која тесно соработувала со Соломон Гугенхајм во нејзиното основање во 1937 година. Во годините потоа меѓу имињата на челната позиција на музејот се појавува и тоа на Лиза Денисон, која го предводи њујоршкиот „Гугенхајм“ од 2005 до 2007 година…
Го читам на врат на нос сево ова и не можам да се помирам со фактот дека сегашната директорка на „Гугенхајм“, Мариет Вестерман, која предмалку помина покрај нас, сега се наоѓа на својата работна маса во некоја канцеларија сместена на некој од катовите во оваа грандиозна зграда, во однос на која сега почнувам да се чувствувам поситно од зрно. За еден посветен новинар и уредник од културата повеќе од две децении (особено ако доаѓа од мала земја каква што е Македонија, земја со релативно изолирана и недоволно позната култура и уметност во светски рамки, земја со ограничени можности за комуникација со светот) нема поголема професионална можност од таа лично да се запознае со првиот човек на еден од најрепрезентативните музеи во светот и да размени некој збор и, којзнае, можеби да добие некоја изјава, во најдобар случај да договори интервју. И додека комплетно поразено одново ја премотувам случката во глава, не го ни слушам син ми како ми кажува дека имаме официјална покана за отворањето на вечерашната изложба, за само некој час од моментот на средбата. Покана за него и за „мајка му“, хахаха. Насмевката почнува да ми се развлекува до уши. Брзо правам планови, не сме баш соодветно облечени за отворање изложба во „Гугенхајм“, на која веројатно ќе дојдат сите што нешто значат во културните кругови на Њујорк, а немаме доволно време да се подготвиме (престојуваме кај пријатели во Њу Џерси), ама во едно сум сигурна – нема едни износени фармерки, влечкани цел ден по њујоршките метроа, да ме спречат да отидам на отворање голема и значајна изложба во светскиот центар на уметноста. Особено не ако моето име е ставено на листата на поканети, и тоа лично од директорката на музејот!

Станува збор за изложбата „Светлосна линија“ на славната американска неоконцептуална уметница Џени Холцер, позната по својот феминистички и општествен ангажман и по јавните уметнички инсталации, првата уметница избрана да ги претставува Соединетите Американски Држави на Биеналето во Венеција во 1989 година, добитничка на „златен лав“. Комплетно мое поле на интерес, мојата прва авторска книга „Од собата до Холивуд – слика на жената уметник во биографскиот филм“ има фокус на жените автори (Фрида Кало, Силвија Плат, Дајен Арбус и Вирџинија Вулф), цел живот пишувам статии со акцент на родовите прашања и теми, а современата ликовна уметност ми е најголема слабост (за изложбата подетално пишувам во денешниот прилог за култура ЛИК). Но, најмногу од сѐ сум возбудена што сме поканети лично од новоизбраната директорка на „Соломон Р. Гугенхајм“, Мариет Вестерман, и што ќе имам уште една можност, во тој момент сум крајно детерминирана, да ја запознаам барем накусо и лично.
Се врткаме по улиците на Апер Ист Сајд уште некое време, немам ни желба да истражувам понатаму по градот, а ни идеја како да го потрошам времето до отворањето на изложбата. Пред музејот сме точно во 18:30 часот, време во кое е закажано отворањето на изложбата. Ни минута не доцниме, а веќе има редица луѓе што како змија го обвиткуваат објектот во недоглед. Тивко и трпеливо чекаат. Досега не сум била сведок на толкав интерес за уметност, за култура… Додуша и првпат сум на настан од ваков ранг и на вакво ниво. Овие тековни изложби низ светските музеи обично ги разгледуваме во деновите по официјалното отворање, кога се отворени за широката јавност, па вистинска реткост е да се има шанса да се присуствува на самото отворање. Дури и уметницата, како што беше кажано во воведното обраќање, е присутна, но во толпата не успеавме да ја видиме.
Изложбата е импресивна, атмосферата уште повеќе. Ова е своевидна инаугурација и на новата директорка на „Гугенхајм“, Мариет Вестерман, нејзина прва изложба по преземање на функцијата. Си мислам дека можеби тоа ги намалува шансите да нѐ забележи, без да ѝ се наметнеме. Сигурно секој ќе сака да се поздрави и да размени некој збор со неа. На моја радост и изненадување, истовремено, се доближуваме да ѝ честитаме и конечно добивам шанса да се претставам. Таа е премногу срдечна и природна, и шармантна, и заинтересирана. Кусо разговараме за изложбата, за уметноста, за тоа што работам, за мојот весник, за медиумите, за Македонија… Ме запознава со својот пиар-тим, договараме интервју (ќе го најавам попрецизно наскоро). Мојата мисија е завршена. И срамот отсрамен. И разочарувањето се претвора во задоволство. Го гледам син ми како слободно и неоптоварено си продолжува во разговорот со неа, за неговите студии, за идните планови, за Абу Даби, за Њујорк…
Јас конечно можам да им се посветам на делата од изложбата на Џени Холцер. Почнувам да се искачувам по спиралите во внатрешноста на музејот, сѐ до најгорната. Ги читам светлечките лед-пораки што кружно се движат по ѕидовите на објектот. Станува збор за сериозен политички ангажиран одговор на уметницата на денешното социополитичко опкружување, со акцент на војните, но и за пример на женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација, политичка, економска, образовна, но и интимна, лична, приватна. Оваа изложба всушност претставува реимагинација на историската инсталација на Џени Холцер од 1989 година во „Гугенхајм“. Искачувајќи ги сите шест рампи на ротондата до врвот на зградата, инсталацијата, специфична за локацијата, ја трансформира зградата со приказ на нејзините моќни, иконични фрази во движење.
Веќе сум на врвот на зградата, одгоре ја гледам целата поставка и чувствувам како почнувам полесно да дишам и како конечно залчето во грлото, она од попладнево, полека ми се одглавува. Не верувам дека некогаш повторно ќе пробам сендвич со бурата и рукола.