Отсуството на претставници од Македонија во европските институции (затоа што комисиите во нашето собрание сѐ уште не се целосно конституирани, по изборите) го искористија во полн капацитет грчките претставници. Така, во Советот на Европа, Ципрас и Папандреу се најдоа во улоги соодветни за една балканска поговорка – кадија те тужи, кадија те суди. Имено, европската бирократска поставеност им овозможи на поранешните грчки премиери да настапат како грчки (кадии) тужители, а да судат од позиција на европски функционери, односно Ципрас како претседател на поткомисија во ПССЕ да ја повикува ЕУ и да ја предупредува Македонија за последиците од непочитувањето на Преспанскиот договор (?!)
Преспанскиот договор создава парадоксални ситуации и на европска сцена, т.е. во европските институции со сѐ поагресивните настојувања на грчките политичари за негово еднострано почитување и спроведување од македонска страна. Таквата „привилегија“ за користење на парадоксите му овозможи на поранешниот грчки премиер и еден од главните заговорници на Преспанскиот договор Алексис Ципрас да се најде во две привилегирани улоги во Советот на Европа за да издејствува своевидни реперкусии за Македонија доколку не се придржува до контроверзно наметнатата спогодба. Ципрас како актуелен грчки европарламентарец добил улога на „претседател на поткомисијата за Западен Балкан на Парламентарното собрание во Советот на Европа (ПССЕ)“! На состанокот на оваа поткомисија, одржана зад затворени врати и без присуство на новинари, Ципрас како претседавач побарал ЕУ и меѓународната заедница јасно да ги стават на знаење последиците што непочитувањето на Преспанскиот договор ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Македонија?! Ципрас подвлекол дека треба да се води активна борба против национализмот и дестабилизацијата во регионот, а тоа, според него, пред сè значи поддршка на Договорот од Преспа и динамична дипломатска улога на ЕУ на Западен Балкан пред целосно да го загуби својот кредибилитет и дополнително укажал на потребата меѓународната заедница, а особено ЕУ, јасно да ги разјасни последиците што непочитувањето на договорот ќе ги има врз регионот, секако пред сѐ врз Македонија. Поддршка за ваквите побарувања на Ципрас од ЕУ, на затворениот состанок на поткомисијата на ПССЕ за Западен Балкана, имало и од еден друг поранешен грчки премиер, Јоргос Папандреу, кој присуствувал како известувач на ПССЕ за европските интеграции и перспективи на земјите од Западен Балкан. Па така, во отсуство на состанокот на претставници од Македонија (затоа што комисиите во Собранието сѐ уште не се целосно конституирани, по изборите), грчките претставници во Советот на Европа, Ципрас и Папандреу, се најдоа во улоги соодветни за една балканска поговорка – кадија те тужи, кадија те суди. Европската бирократска поставеност пак им овозможува на поранешните грчки премиери да настапат како грчки (кадии) тужители, а да судат од позиција на европски функционери, односно Ципрас како претседател на поткомисијата во ПССЕ да ја повикува ЕУ и да ја предупредува Македонија за последиците од непочитувањето на Преспанскиот договор.
Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој Македонија го вгради во својот устав и го смени историското име на државата, додавајќи географска одредница, Грција го актуализира пред европските и меѓународните институции како предупредување и закана за новоизбраните македонски власти дека повторно ќе ги блокира со вето нашите евроинтеграции. Барањата и очекувањата на Грција, за кои бара поддршка и од ЕУ, се наметнатата географска одредница во името на државата целосно, секаде и секогаш да се рефлектира во националниот идентитет на Македонците. Дури се очекува и Македонците во секојдневна внатрешна комуникација да се идентификуваат со таквиот вештачки и насилно конструиран идентитет, а на Грција да ѝ се овозможат механизми да го контролира тоа и на внатрешен план во Македонија, а според Атина – контролата на меѓународен план се подразбира. Грчките медиуми и политичари дури „педантно“ бројат колкупати во јавни обраќања новата претседателка и премиер на македонската држава употребуваат Македонија. Но за апсурдот и парадоксот да бидат поголеми, кои мораат да ги видат дури и во Брисел (ЕУ) и Стразбур (Совет на Европа), Грција смета дека таа никако не е обврзана да спроведува ништо (од малкуте обврски што ѝ се доделени) од Преспанскиот договор. Преспанскиот договор за Грција очигледно претставува само погоден инструмент за уцена спрема Македонија.
Кога станува збор за Македонија и македонските евроинтеграции, европските институции (ЕУ, па и Советот на Европа) некако се навикнаа на двојни стандарди, вртење на погледот и миење раце на прекршувањето на основните човекови права и извртување на принципите на меѓународното право од страна на нејзините земји членки, како Грција и Бугарија. Вметнувањето на билатералните договори со овие ЕУ-соседи во преговарачката рамка на Унијата со Македонија е уникатен преседан на стандардите за проширување, одредени со копенхашките критериуми.
Барањето (уцената) на ЕУ да се додадат Бугарите како малцинство во македонскиот устав за да се отворат поглавјата во преговорите, што се претставува како „почитување на човековите права“, а притоа да се игнорираат пресудите на Европскиот суд за човекови права (тело на Советот на Европа) против Бугарија за оневозможено почитување на човековите права на Македонците во оваа ЕУ-држава, во најмала рака претставува селективно, еднострано почитување на меѓународното право и на сопствените принципи и вредности од страна на европските институции. Дури и ситуацијата во која на грчките политичари (сега европратеници) им се овозможува да настапат во улога на тужители и судии во билатерална ситуација каде што нивната држава е привилегиран актер, сериозно ги деградира кредибилитетот и авторитетот на најстарата европска институција како Советот на Европа. „Балканскиот начин“ на водење политика, кој го подметнуваат во европските институции, балканските држави како Грција и Бугарија, е кукавичиното јајце што ја загрозува безбедноста на регионот и на ЕУ, а не отпорот на Македонците спрема Преспанскиот договор, со кој се погазуваат универзалните човекови права на самоопределување и самоименување, како и принципите и вредностите на кои се поставени европските институции.