Каде ќе тргне Македонија, сами одлучуваме

Изборите поминаа, еуфоријата полека почна да спласнува, сега доаѓа времето на оние на кои народот им ја даде довербата, да покажат и да докажат дека ќе го испорачаат сето она што го ветиле.
Во работната недела што е пред нас, претседателката Гордана Силјановска-Давкова ќе го додели мандатот за состав на новата влада. Откако ќе се случи тоа, мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба да го достави до Собранието составот на идната влада, како и нејзината програма.
Ако денот по утрото се познава, тогаш за очекување е дека Македонија во релативно краток рок би требало да ја добие новата влада бидејќи во вакви турбулентни времиња, луксуз е да се остави земјата без извршна власт подолг период.
И добро е да се случи тоа што поскоро бидејќи граѓаните имаат големи очекувања од идната власт, да ја врати земјата на вистинскиот колосек, да ги возобнови државните институции, да го врати владеењето на правото, да почне решителна и неселективна борба со корупцијата, да ја заживее економијата, да ги постави надворешната политика и евроинтеграциите врз основа на заемно почитување и заштита на националните интереси или, едноставно кажано, да го ресетира системот во кој се појавија многу вируси што го разјадуваат, како одвнатре така и однадвор.
Но да тргнеме со ред. Од она што можеше да се насети за време на преговорите меѓу идните партнери во Владата, тоа е дека повеќе никој не е обременет со етничката застапеност на министерските, заменичките или директорските места, туку сите инсистираат на квалитетни луѓе. Тоа е особено важно бидејќи институција без квалитетен човек на чело никогаш нема да проработи како што треба, а уште помалку ќе спроведе некаква реформска агенда. Воопшто не е важно кој од кој етникум е, ако утре испорачува резултати и бенефициите ги чувствуваат сите граѓани. Тоа е еден од важните пресврти што сега се случуваат, да се изгради консензус од сите политички чинители дека граѓаните сакаат квалитетна живејачка, а не статистика, колку министри биле Албанци, Македонци и слично. Значи првиот клучен услов, да се води сметка за квалитетот пред сѐ друго, барем начелно е исполнет, останува само и кадрите да го потврдат тоа.
Понатаму, во програмите на партнерите што планираат да бидат дел од Владата има многу заеднички точки поради кои веројатно и брзо одеше усогласувањето, така што и владината програма ќе биде насочена кон трите клучни сегменти, евроинтеграции, економија и борба со корупцијата.

Таа заедничка владина програма треба да биде своевиден владин устав од кој не треба да се отстапува по никоја цена бидејќи убедливо мнозинство од македонските граѓани дале легитимитет за таквите цели, така што времињата за изневерување на граѓанските очекувања поминаа.
Кога сме веќе кај програмата, сите идни владини партнери недвосмислено се согласија дека евроинтеграциите остануваат приоритет, но од друга страна, без оглед на претходната предизборна реторика, сега сите јасно истакнуваат дека евроинтеграциите не смеат да бидат предмет на уцени, туку да се базираат на Копенхашките критериуми. За да се дојде до таа позиција, потребна е дипломатска умешност, која досега ја немаше бидејќи надворешната политика ја монополизираше само еден човек, министерот за надворешни работи, кој носеше одлуки најчесто на своја рака, без консултации со никого.
Сега надворешната политика треба да се врати на вистинска позиција, како заштитник на државните и националните интереси, за разлика од она што го имавме досега, тргување со интересите само за да се остане ден повеќе на власт. Тоа подразбира изградба на искусна дипломатска мрежа, ангажирање изградени дипломати со кариера, а не заталкани дилетанти што немаат допирни точки со надворешната политика, туку одат по европските и светските метрополи само колку да се сликаат. Да беше поинаку, сигурно немаше да ни се случи таква девалвација на македонската надворешна политика, секој да си дозволува да бара од нас што ќе посака, погазувајќи го најдрско и нашиот суверенитет така што се меша во внатрешните работи, барајќи промена на устав, впишување малцинства, да ни кажуваат што смееме да чувствуваме, дали да кажеме „Македонија“ или не, и тоа тука, дома. Таа приказна мора да заврши. Надворешната политика е столбот на една држава и на односите што ги гради на меѓународен план, затоа мора да им се стави до знаење на сите, нема веќе распродажба на националните интереси. Така треба идната влада да се постави и во евроинтеграциите, да направи сѐ што е потребно за исполнување на Копенхашките критериуми, а од друга страна, да го брани националното достоинство по секоја цена.
Втор клучен столб во идната владина програма мора да биде економијата. И идниот мандатар, како и многу негови соработници, но и членови и на другите партии што претендираат да бидат дел од власта, пред изборите се сретнаа со бизнис-секторот, ги слушнаа нивните проблеми, ја соопштија својата програма и се обврзаа дека ќе работат на заживување на економијата. Тоа мора да се случи, оти ако економијата продолжи да тоне, тогаш и оние малку работоспособни луѓе што останаа во државата ќе си заминат, а земјава ќе се претвори во обичен пансион за пензионери што секој ден ќе чекаат да слушнат некаков абер од своите синови и внуци раштркани низ светот.

Во програмата на сите идни владини партнери е и борбата со корупцијата. Таа борба е круцијална ако сакаме да се искорени најголемото зло во нашево општество изминативе три децении. Таа борба мора да биде неселективна, институционална, врз основа на факти и докази, за да не може утре никој да каже дека е жртва на некаков политички реваншизам. Никој да нема илузии, не се прават милиони евра од плата заработена со пот, туку секогаш има и нешто дополнително, дебело дополнително. Органите треба да го проверат токму тоа дополнително, од каде и како дошло. Кога ќе почне да се треби високата корупција, многу брзо ќе исчезне и ниската корупција, онаа со сто грама кафе, виски и бонбониери.
Македонија избра претседателка со повеќе од половина милион гласови, што е огромен легитимитет, но и одговорност. Претседателката е на иста линија со заложбите втемелени во програмата на идната влада, владеење на правото, борба со корупцијата, враќање на достоинството во надворешната политика, заштита на националните интереси, силна економија… Тоа што двете највисоки функции во државата се обединети околу исти програмски цели значи дополнителна енергија сето тоа да ги даде првите резултати за релативно кус рок, да не се губи време на лоши закони, враќање назад во Собранието, оспорување на Уставниот суд и слично. Но од друга страна, претседателката е и тој коректор, а со својата експертиза и стручност, секогаш може да помогне да се донесат исклучително квалитетни закони и да се спроведат добри реформи, кои од Македонија ќе направат посакуван европски партнер.
Несомнено во самата ЕУ се случуваат големи превирања, а европските избори за некој ден ќе ја дадат вистинската слика каде оди Европа. Во една таква констелација, клучно за нашата нова влада е да одреди каде оди Македонија. Насоките се поставени, Владата само треба доследно да ги следи. Граѓаните гледаат…