Пазете до каде сме дошле, всушност и на кое ниво Европа, еееј Европа, размислува за нас – ќе се потврделе јазикот и идентитетот. Ние сме зацапале баеги во 21 век, а овде се отвораат прашања од почетокот на 20 век. Кој е тој што за некого одредува кој му е јазикот и кој му е идентитетот. Па тоа е, простете, нацизам. Па, дури и нашите први соседи што се нарекуваат Бугари, нивно право, тврдат дека треба да стои дека тој идентитет се однесува за некои нови луѓе, измислени луѓе, создадени вештачки. Нова нација. Ние како да сме нација прототип на вештачката интелигенција. Ми се гади од оваа евробалканштина!
Има некои новинарски правила што се многу корисни. Како на пример позајмувај од други, проверувај стари весници, прашувај, биди љубопитен, чепкај во својата архива…, ќе најдеш нешто. Всушност, сѐ било напишано и пред да ни се случи ова што денес ни се случува. Ако не верувате, сега ќе извадам настани од тефтерот.
Европа ја снема од Македонија во 2005 година. Буквално. Изгоре прекрасниот хотел „Европа“ во Отешево како совршена метафора за исчезнувањето на европскиот стремеж кај нас. И тоа на едно од најубавите места не само во Македонија. Бугарите сигурно ќе се согласат, да немате дилеми, но за тоа подоцна (отом потом, де). Изгоре хотелот и никогаш не го обновија. Го опљачкаа до последна квака. Ами како! Потоа португалска „Аква пура“ имаше идеја да инвестира таму и да гради еколошко одморалиште, арно ама локалните власти испаднаа ербап, не дадоа земја на странци. И си остана пепелта како сведок дека надежите можат да изгорат, и тоа покрај вода. Оти понекогаш нема кој да гаси, едноставно алармот не се вклучил, а пожарникарите – кој играл табланет, кој спиел. Но бардот на македонското пишано новинарство, Менде Петковски, го овековечи тој настан. Штета што не може да се читаат старите текстови, зашто Македонија систематски си ја уништува архиата. Зошто? Ете, добро новинарско прашање.
Да заклучиме, во Преспа ја изгубиме Европа, не само како надеж, што е докажан факт, а пак во Преспа, во пограничното село Нивици (Парадес) ја изгубивме Македонија. Комплетно, отиде, ја снема во каверните на езерото со океанска боја. Најубавото езеро, каде што некогаш уживал и еден цар Самуил. Јако!
И додека го пишувам ова пак ми се појави сенката на некој Бугарин, како предупредување, некакво предупредување, не знам какво, но ќе го протолкувам.
Да, се сетив, оти бев сведок на настанот. Во 2000 во скопскиот хотел „Холидеј ин“ се одржа промоција на здружението „Радко“, настан на кој да ти е мерак да присуствуваш зашто имаш „прича“ (новинарски жаргон). Летен и врел ден, попладне, вестите на Радио Скопје ќе тргнат во 15.15, а во хотелот насобрани десетина стокмени луѓе, новинарски пера. Се интонира „Изгреј зоро на свободата“, сите се станати, кога во еден момент летнуваат димни бомби. Хаос, пиштење, некој (лудак) извади и пиштол, летнаа неколку шлаканици. Младите момци што ги фрлија бомбите ја здувнаа, но стресот си го направи своето. Доајенот на македонското новинарство, Спасе Шуплиновски, додека земаше изјава беше турнат на земја. Човекот на стари години се искрши на плочникот. Имаше потоа и судски процес и кај нас и во Стразбур. Ќе запаметам една реченица на еден Бугарин од круговите на Вачно Михајлов-Радко: Јас не сум глуп како што изглеждам. Има реченици, макар и биле „глупи како точак“ што се паметат цел живот. Ве прогонуваат и затоа е најдобро да не се паметат и да не се запишуваат или да се снимаат на лента.
Ама… ништо од тоа, остана запаметена, врежана што би се рекло. „Радко“ го доби случајот пред Судот за човекови права во Стразбур, откако, каква иронија, регистрацијата на здружението беше поништена во време на Љубчо Георгиевски и Доста Димовска, што, за оние што добро ги знаат нивните ставови за македонската нација и за нивните врски со бугарските служби, е во најмала рака пародија. „Радко“ ја победи државата Македонија, а таа ја спроведе пресудата. Сум известувал од Стразбур десетици пати, а ги знам и сите случаи на македонски здруженија од Бугарија против таа држава. Ги знам сите случаи до точка и запирка, ги чувам во посебна папка. И Македонците од Бугарија имаат извојувано повеќе победи, но Бугарија нема спроведено ниту една судска пресуда. Апсолутно ниту една, освен што платила судски трошоци. Тоа се вика мајтапење со Европскиот суд за човекови права. Со поранешниот комесар за човекови права, Томас Хамамберг, сум разговарал отворено и еднаш го прашав – дали сте оптимист дека Бугарија ќе ги спроведе пресудите. Со наведната глава ми одговори – не сум. Гледате дека изгоре Европа, или не гледате?
Но веројатно двојните стандарди на Брисел и на Стразбур доведоа до тоа димните бомби на двајца припадници од навивачката група „Комити“ да станат факели на бугарштината во Македонија. И тоа во најбрутална, најдолна и подмолна смисла. Толку се раскрили бугарскиот шовинизам во однос на Македонија и македонштината, што решија и да го натепаат парламентарецот Томас Вајц, зашто тој е за потврдување на македонскиот идентитет.
Каде нѐ носи овој бугарски параход? И каде нѐ однесе преспанската етногеноцидна мелница? Брзо ни дојде сметката. Обезличени сме, коренот ни е одземен, поточно го продадоа. Читајте внимателно во договорите што пишува, но и судете. Зошто не ги судиме тие што потпишаа? Пазете до каде сме дошле, всушност и на кое ниво Европа, еееј Европа, размислува за нас – ќе се потврделе јазикот и идентитетот. Ние сме зацапале баеги во 21 век, а овде се отвораат прашања од почетокот на 20 век. Кој е тој што за некого одредува кој му е јазикот и кој му е идентитетот. Па тоа е, простете нацизам. Па, дури и нашите први соседи што се нарекуваат Бугари, нивно право, тврдат дека треба да стои дека тој идентитет се однесува за некои нови луѓе, измислени луѓе, создадени вештачки. Нова нација. Ние како да сме нација прототип на вештачката интелигенција.
Со ваков однос кон Македонија и Македонците, а поткрепено со геноцидните договори со Грција и со Бугарија, отворен е патот кон ставање крај, точка на ерата на македонската цивилизација, сакаат да кажат без да докажат, дека такво нешто не постоело, тоа било самоизмислено. И дека сето тоа што со милениуми се викало Македонија и со сето азно што таа го создала и им го давала и на други, сега сето тоа им припаѓа на сите, освен на единствените директни наследници – Македонците. А има ли други Македонци, освен тоа што сме ние? Вештачката интелигенција веројатно е способна да измисли сѐ, па и нова нација, со нова историја, нов јазик…
Ми се гади! Ми се гади не толку од нашата балканштина, туку од евробалканштината, која сѐ повеќе смрди и како монструм го освојува континентов.
И така, одамна изгоре Европа во Македонија. Запомнете ја оваа реченица. И знајте дека Бугаринот, сепак, бил во право со неговата реченица „глупава ко точак“.