Непринципиелно е да се зборува за слобода на медиумите, а да му се ситиме на Асанж дека го стигнала правдата зашто не бил вистински новинар. Но кој ги определува вистинските новинари? Оние разоткриените, кои сега толку лесно ја лепат етикетата „лажна вест“ и за вистината што не им се допаѓа? За светот е важно да постојат Викиликси и Асанжи, бидејќи без нив многу потешко ќе ја дознаваме вистината за големите кројачи на судбините
Мачно беше да се гледа како основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, го влечат од еквадорската амбасада во Лондон, небаре е најозлогласениот криминалец на светот. Такви сцени обично се „резервирани“ за наркобосови, мафијаши и диктатори, зад кои се гледаат траги од крв и коски од нивните жртви. Но многумина сакаат да нѐ убедат дека Асанж не се разликува од нив. Тој не бил новинар, хакер, активист или борец за слобода, туку предавник, кој загрозил стотици животи. Новинари и медиуми, главно западни, посочуваат дека Асанж речиси никогаш не објавил валканици против „западните ривали“. Основачот на Викиликс можеби не бил странски агент, ама во најмала рака бил корисен идиот („Економист“). Обвиненијата против него во САД не биле напад врз слободата на медиумите, зашто се фокусирале на хакерските, а не на новинарските активности, па затоа не било страшно ако го екстрадираат во САД.
Асанж и неговата организација Викиликс обелоденија едни од најдраматичните информации за последиците од западните воени авантури во Ирак и во Авганистан, објавија илјадници тајни американски документи што разоткрија како функционираат дипломатските односи на САД со преостанатиот дел на светот, како и мејлови на демократите, за што Американците ги обвинуваат дека во име на Русите ја свртеле претседателската трка во прилог на актуелниот шеф на Белата куќа, Доналд Трамп. Поддржувачите на Асанж со право прашуваат што од ова е поразлично од претходните случаи на соработка меѓу медиуми и т.н. свиркачи кои разоткриваа незаконски/неморални дејности на држави и корпорации?
Како што посочува еден колумнист на „Гардијан“, на државите што извршуваат злосторства во воените авантури во трети земји им е битно пасивното прифаќање за да избегнат одговорност. Пасивно прифаќање е можно на повеќе начини. Еден од нив е да се прикажат жртвите како небитни и далечни – од нив да се избрише човечноста, зашто ако далечните жртви (мажи, жени и деца) ги приближите и ги поистоветите со своите деца, роднини и соседи, тогаш сигурно нема да го толерирате нивното страдање. Друг начин е ако тие се претстават како предавници или како колаборационисти со непријателските сили. Сето ова се прави за да се прикријат последиците од странските авантури, а на луѓето им се сервираат приказни дека воените операции што се водат во нивно име се водат за заштита на меѓународното право, иако често вистинските причини се далеку од „хумани“ и главно се однесуваат на освојување странски територии и ресурси или за зголемување на моќта и влијанието врз одредени региони.
Ваквите прикривања потешко одат во ерата на Викиликс, Асанж и подоцна на Едвард Сноуден. Напредната технологија промени многу нешта, но ги отвори и портите од занданите во кои владите сакаат да ги скријат своите валкани тајни. Од една страна, како што вели самиот Асанж, ние сме последната слободна генерација, бидејќи живееме во глобално набљудувачко општество во кое милијарди лични податоци завршуваат кај владите и компаниите, кои потоа ги злоупотребуваат. Од друга страна, глобалниот надзор и податоците некогаш им се удираат од глава на самите држави и корпорации, зашто одвреме-навреме ќе се појави некој совесен свиркач и ќе ги разоткрие. Се разбира, добро е кога е разобличен ривалот, ама не и обратно. Викиликс и Асанж беа по мера на Трамп, но денес не се. За Западот беа херои, а сега се „руски корисни идиоти“.
Зад овие поделби можеби се кријат заговори, баш какви што разоткрива Асанж. Апсењето на основачот на Викиликс не се случи во вакуум. Администрацијата на Барак Обама не сакаше да го гони Асанж за објавување тајни, зашто знаеше дека ако го стори тоа, истовремено ќе ја загрози и слободата на новинарите. Такво нешто за „Вашингтон пост“ изјави бивш портпарол на министерството за правда на САД. Атмосферата сега е поинаква, бидејќи во Белата куќа е Трамп, а тој не е баш пријателски настроен кон свиркачите и новинарите. Информациите за наводно хакирање наведени во обвинението против Асанж биле познати и кога Обама бил претседател, но тогашната администрација не ги искористила. Тоа, пак, можеби нема толку врска со наклонетоста на претходната власт кон свиркачите (ниту една не сака свиркачи), колку што има врска со помалите шанси Еквадор тогаш да го предаде Асанж. Економијата на Еквадор сега е соочена со рецесија и со голем јавен долг, а неодамна беше спасувана од ММФ, каде што САД имаат водечка улога. Сето ова звучи заговорнички, ама токму со луѓе како Асанж ваквите сомнежи можеби порано ќе излезат на виделина.
Своевремено сакавме да читаме што американските дипломати рекле за Македонија, како се воделе преговорите со Грција или што се случувало во регионот. Тоа беше возможно со документите на Викиликс. Деновиве во едно интервју го прашаа Горан Бреговиќ што мисли за Преспанскиот договор и за промената на името на Македонија, а тој одговори дека што и да мислиме, еден ден ќе ни се потврди/негира кога ЦИА или друга голема разузнавачка служба ќе реши да ги отвори своите документи. Со Асанж, Викиликс и со слични организации можеби не треба да чекаме толку долго.
Асанж треба да одговара за обвинувањата за силување во Шведска, но без заканата за екстрадиција во САД. Тие што ја бранат неговата позиција со право велат дека само затоа што некој му се восхитува не треба веднаш да ги отфрли тврдењата за силување како лажни. Тоа треба да се истражи и Асанж треба да одговара ако се докаже дека е виновен. Но тоа нема никаква врска со обидите за екстрадиција во САД. Многумина во САД со задоволство велат „сега е наш“, па се ситат дека ќе скапувал во затвор во Трампово време, иако му помогнал да стане претседател. Се разбира, сега секој го толкува случајот „Асанж“ на свој начин и за свои потреби. Западњаци велат дека е „корисен идиот“ кој шири „лажни вести“ во полза на Москва, посочувајќи оти објавувал тајни документи само за западни држави, ама не и за нивните ривали. За првото треба да се нагласи дека „лажните вести“ не се нова појава и не го напаѓа само Западот. Сами разузнавачи и шпиони нагласуваат дека ширењето лажни вести е вообичаено за сите агенции и се користи секогаш кога се сака да се влијае врз трети земји. Разликата била во намерите. Се разбира, сите за себе велат дека тоа го прават за доброто на другите. За второто тврдење, пак, вреди да се посочи дека живееме во светски поредок предводен од западните држави и од западниот светоглед, а тие често ги укоруваат другите за непочитување на владеењето на правото. Затоа е уште побитно да се разоткрие кога токму тие не го почитуваат правото и дејствуваат само за да ги заштитат своите интереси.
Конечно, непринципиелно е да се зборува за слобода на медиумите, а притоа да се ситиме дека Асанж конечно го стигнала правдата, зашто и не бил новинар во вистинска смисла на зборот. Но кој треба да ги определи вистинските новинари, оние разоткриените што сега толку лесно ја лепат етикетата „лажна вест“ и на вистината што не им се допаѓа? За помалите земји како Македонија е важно да постојат Викиликси, Асанжи и Сноудени во светот, зашто без нив многу потешко ќе ја дознаваме вистината за кројачите што ни ги кројат судбините.