Јулиј Цезар во германска верзија

„Цело е кога има сѐ“, но цело може да биде и ако биде малку повеќе од половина. И тоа се вика демократија. Токму ова правило се потврди при изборот на новиот германски канцелар Фридрих Мерц, кој мандатот го почнува со синдромот на славниот Цезар – да биде политички опоменат (ранет) од своите блиски. Дали неговиот од на стаклени нозе ќе има некакво влијание и врз Македонија? И дали Македонија има свој македонски Цезар?

Римскиот владетел Јулиј Цезар, современик и најверојатно љубовник на македонската владетелка со Египет, Клеопатра, бил историски лик и инспирација за многу уметници. Па и еден Шекспир ќе напише трагедија посветена на неговата контроверзност и бруталност. Еден македонски режисер каков што го даде Бог, изрежира спектакл наречен Цезар, а тоа секако беше Љубиша Георгиевски. Фасцинантна претстава направена во време кога Македонците веруваа во театар, во својата театарска магија и сценска изразност и во својата самобитност, а не самобендисаност.
Кај Цезар имаме сѐ, и моќ и воена стратегија и желба за крв, за освојување, па дури и дрскост да им се спротивстави на сенаторите и преминувајќи го Рубикон да предизвика граѓанска војна од која Рим нема да закрепне. Под белиот плашт на театарската магија на Георгиевски сенаторите предводени од Брут ќе му зададат на императорот 23 смртоносни бодежи. Крај на претставата? Неее!
Секој што ќе влезе во високата политика веројатно е соочен со проклетството на белиот плашт, уште од првиот ден ќе се бори со дворските игри на најблиските и е потребна умешност за да се преживее, не секогаш симболично, политичкиот живот. Кај нас народот рекол и прорекол дека „каменот доаѓа од близина“, и уште поблиску до синдромот на Цезар – „до балчак“.

Еден, несомнено, лидер со амбиции да стане моќен е новиот германски канцелар Фридрих Мерц од демохристијанската партија, ЦДУ, кому Цезар неочекувано му се појави во Бундестагот за гласањето за неговиот канцелариски мандат. ЦДУ заедно со сестринската партија од Баварија, ЦСУ, и со опозициската и неодамна сериозно поразена на федералните избори социјалдемократска партија (најстара), СПД, сега во владина коалиција, во раце има потребно мнозинство да биде Мерц изгласан, но по тајното гласање нему му фалеа гласови. Кои 18-мина од неговиот табор не гласаа за Мерц? Германските медиуми веднаш објавија дека вакво нешто не се случило во поновата историја на Германија?! А, Мерц е стокмен да ја поведе Германија низ немирните геополитички води на светот што набрзина се преуредува (зарем е случајно што воено се судрија Индија и Пакистан?) и тамам да го фати кормилото, некој на бродот го вклучи алармот за тревога.
Набрзина е најдено меѓупартиско решение да се продолжи со ново гласање, при што најверојатно левицата од центарот ќе добие во иднина извесни политички концесии, а АфД, на која ѝ се закануваат со бришење од регистарот на партии заради екстремизам само соопшти во стилот – ви рековме дека не ве бива. И тука треба да се премине во нова фаза на анализа зашто Цезар остава траги, рани кај Мерц. Но Германците се практичари и тие едноставно мора да се движат напред, Можеби овој пат побрзо отколку што е тоа типично за нив, за тевтонската школа, но мора напред. Како еден од првите потези што ги презеде канцеларот е укинување 25 владини позиции како што се комесари или советници, а меѓу нив се и советниците за Балканот (Мануел Сарацин), но и за Украина и за Либија, и еден за нас невообичен постсоветник за феминизам во надворешната политика. Мерц на располагање има (само) 17 министри (кај сме ние???), со што се потврдува практичноста на Германците, но сега со укинување на комесарските места се појавува и дилемата дали Берлин се централизира.

Втора кота што е интересна за Европа, па и за светот, е новата имиграциска политика со што ЦДУ ја раскинува папочната врска со политиката на отворени имиграциски врати на Ангела Меркел. Германија почнува строго да ги контролира своите граници, а соседите сигурно ќе имаат своја реакција. Тоа е еден прескок што го прави Мерц, а вториот е, можеби, геополитички уште позначаен, а тој е давање до значење на односите со Полска. Поминаа триесетина години од германско-полскиот пакт за добрососедство за конечно токму сега, во екот на руско-украинскиот конфликт, за Мерц како втора точка на неговиот надворешен излет по Париз да биде Варшава. Тоа е индикатор дека старата политика на Берлин – „на Исток најзначаен сосед за Германија е Русија“ (Хелмут Кол) веќе е заменета со Полска. Секако, во односите со Полска ќе треба да се расчистат и некои прашања од Втората светска војна, а едно од нив е и тоа за воените репарации. Но, добри соседи можат да изградат куќа, а во овој случај не треба да се изгуби од вид настојувањето и на двете земји да ја зајакнат одбранбената моќ во светлина на заканите од Русија.
Одбраната била една од клучните теми на разговорите во Париз со Макрон, но во првите моменти по средбата нема многу детали за тоа како ќе изгледа тој заеднички одбранбен совет и како на тоа ќе реагира Обединетото Кралство.
Ако се прави споредба со потезите на Мерц со тие на неговиот претходник Шолц, прво што се забележува е дека и двајцата првин отидоа во Париз, но Шолц го избра и Брисел, а сега лидерот на ЦДУ Варшава. Голема разлика. Коментарите во европските медиуми уште сега сметаат дека Европа ќе мора да се соочи со стаклените нозе на Мерц и тоа е една од лошите пораки, кои мора да се примат со сета сериозност. Прашањето е дали Германија може да биде европската локомотива, може политички да биде кохезивната сила на Унијата, па и на Европа? Дилема! Не помала е и таа како ќе се развиваат односите со Америка. Засега Мерц вели – не мешајте ни се во внатрешните работи! Но Америка не може да не се меша, постојат договори што уште се важечки, постои базата во Рамштајн, постои зоната на воено влијание (истото тоа важи и за Британците и за Французите). Постои и јавна американска поддршка за АфД. Можеби односите не се премногу компликувани, но некој ќе мора да легне на брашното. Да погодуваме кој? Да почекаме, ние сме навикнати да чекаме, Македонци сме, 20 години чекаме еден европски воз да нѐ однесе во Брисел.
Но, Брисел сега го насочил возот кон Украина, за која Фон дер Лајен предлага брза пруга, ние ќе се клацкаме билатерално во возот Ќиро. Каков ќе биде одговорот на Берлин на овој предлог? На другите членки? Унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе кажа дека е против такво нешто, но тој не е сам. Дали со брзиот прием на Украина во ЕУ всушност Европа ќе ги реши геополитичките проблеми и ќе создаде нова Европа од Лисабон до Одеса? И дали Одеса ќе остане во Украина? Воопшто не е едноставна европската слика, а кон тој распарчен европски мозаик се и Балканот и Македонија. Ние имавме многу очекувања од Солунската агенда, од Берлинскиот процес, од процесот Брдо, Блед… уште веруваме во Копенхашките критериуми, сите процеси со отворени врати, но на крајот останавме заглавени во геополитичките пресметки што се водат од век и веков.
Дали смееме да влеземе во една смела геополитичка анализа за да видиме каде е Македонија сега на мапата на Берлин, па и на Европа, ризикувајќи да зацапаме во поле со капини? Би можеле, но очигледно е дека многу нешта не зависат и нема да зависат од нас. За нас е важен домашниот есап, нашиот „до балчак“. Кој би бил македонскиот Цезар, а кој „зарем и ти, сине Бруте“? Реков дека моќта подразбира вештина да се предвидуваат потезите, да се види кој на која карта игра. На премиерот Христијан Мицкоски сигурно му се сервирани солидни анализи кој ја тргна колата, која добро возеше, кон удолница, кога и со која цел. Белиот плашт симболично е фрлен, а тројанскиот коњ парадира во Македонија.