Изградбата на црквите, првите книги (напишани на македонски народен говор), борбата против Цариградската патријаршија и грчкото културно влијание,
црковно-училишните општини, борбата против странските пропаганди, антиегзархиското движење, револуционерното движење, политичкиот и националниот сепаратизам, народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна „се мост, а не цел“. На 2 август 1944 година заврши историскиот процес што започна во почетокот на 19 век, на тој начин завршија и беа надминати сите сложености и особености што беа карактеристични за овој период, беше надминато сѐ што му претходеше на создавањето на македонската нација и македонската држава. Затоа треба да се изучува историјата!
Не толку одамна ни глаголеа дека треба да се насочиме кон минатото и да погледнеме кон иднината, обидувајќи да го релативизираат значењето на историјата како наука и како предмет за изучување во основните и средните училишта во Република Македонија. Во оваа конотација треба да ја разбереме и поранешната концепција за основно образование според која дојде до интегрирано изучување историја и општество како еден предмет. Дополнително на ова, повеќемина академици, професори, научници и историчари укажаа дека во новата наставна програма по историја дојде до намалување на содржините, а најпоразителен беше фактот дека македонската национална историја во новата наставна програма беше сведена само на четири содржини. Каков апсурд!
Македонската национална историја има свои вредности, свој наратив и нѐ потсетува на нашето минато. Историјата ни овозможува да го цениме минатото на нашите предци, ни овозможува да создадеме мост меѓу генерациите. Историјата е важна затоа што нѐ потсетува на личностите и настаните што се значајни за нашата држава и нација, историјата е чувар на националните сеќавања. Но што вели националната историја? Одговорот е едноставен, македонскиот народ има свои корени, своја традиција, свои обележја. Македонецот и македонската држава не се вештачка творба, како што некој се обидува да нѐ убеди.
Зошто треба да се изучува историјата? Никола Милошевиќ, истакнат филозоф, книжевен теоретичар и академик, вели дека историјата има смисла само под услов, прво, нејзината линија на движење да е влезна и, второ, во некоја нејзина точка да завршува со нешто што го надминува сето она што ѝ претходело. Во оваа смила, обновата на старите и подигањето на новите македонски цркви во почетокот на 19 век означуваат нова влезна точка во една бурна и сложена историска ера, која има свои особености и се разликува од претходните периоди. Всушност изградбата на црквите, првите книги (напишани на македонски народен говор), борбата против Цариградската патријаршија и грчкото културно влијание, црковно-училишните општини, борбата против странските пропаганди, антиегзархиското движење, револуционерното движење, политичкиот и националниот сепаратизам, народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна „се мост, а не цел“.
На 2 август 1944 година заврши историскиот процес што започна во почетокот на 19 век, на тој начин завршија и беа надминати сите сложености и особености што беа карактеристични за овој период, беше надминато сѐ што му претходеше на создавањето на македонската нација и македонската држава!
Доколку го земеме предвид напишаното, неизбежен е заклучокот дека како нација и општество треба да ја поздравиме одлуката што беше најавена од Министерството за образование и наука (МОН) дека со новата концепција за основно образование се предвидува историја да се изучува како посебен наставен предмет. На тој начин македонските ученици ќе ја имаат можноста да се запознаат со извонредните личности како што е македонскиот великан Гоце Делчев, кој велеше: „Јас не ги мразам Османлиите како народ, јас војувам против османлиската тиранија како владејачки систем“ или „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“.
Во наративот на македонската национална историја нема говор на омраза, всушност македонскиот народ никогаш и не се одликувал со институционализиран шовинизам и радикализам. Историјата вели дека Македонците никогаш не претендирале за нешто туѓо, нечија територија или нечиј јазик. Такви претензии во македонската историја не постојат. Доколку сакаме да го разбереме историкот дух на нашите предци, можеме да го објасниме со реченицата – свои на своето. Оттука, македонската историја е борба за слобода и борба за сопствена држава. Илјадници знајни и незнајни македонски херои ги жртвуваа животите за македонската држава, а преку изучувањето на историјата во образованието, новите генерации ќе разберат дека оваа држава не е случајна творба, како нешто минливо.