- Пакс Американа е завршена приказна, на тој пат е и Пакс Европа. За жал. Ќе биде мачно да се гледа овој европски процес на идентитетска трансформација. Во Копенхаген на самитот на Европската заедница дознавме дека е јасно оти ништо не е јасно и за ништо нема цврст договор. За Македонија, која 20 години чека европско членство, стигна веста како важна, а не мора да биде, дека планот на Европската комисија, Украина и Молдавија на забрзан колосек да се примат во ЕУ со тоа што ќе се укине правото на вето, не поминува. Не го соборил само Орбан туку и Франција, Холандија, па и Грција. Во Копенхаген, пред кралската вечера, јајцата донесени од пазар се искршиле и е направена европска кајгана. Дали Македонија ќе мацне нешто од неа? Хммм? Имам дилеми, зашто ако нѐ сакаа во ЕУ, досега според сработеното ќе влезевме
Пакс Американа е готова, објавено е од поодамна, ќе се „билда“ нова Америка. Процесот е во тек. По брзинското проветрување на административниот апаратус по победата на Доналд Трамп, сега следува подлабоко чистење внатре. Првата последица е ставање клуч на одредени владини институции затоа што се нема пари заради политички несогласувања. Тоа во САД е нормална појава веќе со децении и секогаш Магарето и Слонот на крајот наоѓале најмал заеднички содржател. Кај нас Лавот и Розата се далеку од математичката операција НЗС, тие се зад своите црвени линии. И тоа е нешто, наша специфика.
Пакс Европа! Бај, бај, чао, оревуар, ауфидерзен… се менува мировниот европски концепт. Жално, а можеби и трагично ќе биде, затоа што уште има живи сведоци од поморот наречен Втора светска војна. Има историска меморија на Првата светска војна, има длабоки рани од големите Балкански војни во кои настрадаа Македонците расчеречени на четири страни, оти петта уште не е измислена, а ќе биде и тоа, но Македонците никој не ги спомнува како жртви. Безимени, неважни, топовско месо. И самите Македонци заборавија на Македонците!
Сите ние сме на тест, некој нѐ испробува, ама кој? Првин летаа неидентификувани балони над Америка и се крена паника. Како тоа тој заштитен систем не ги забележал навреме туку си летале и летале. Сега летаат дронови над Европа, се крева паника, аеродромите се блокирани, нема летови, за среќа нема жртви. Дали тој што тестира не сака жртви? Европските лидери, велат 47, се собрани во Копенхаген, Данска, за да се разговара за иднината на континентот. Гала-вечера на која може и неформално да се разговара за маките што ја притискаат Европа. Кралот Фредерик Десетти и кралицата Мери Елизабет се домаќини, а вечерата е закажана точно во 19 часот. И ова е важно за западните лидери (западна цивилизација), затоа што таа култура е научена на ред, на прецизност, таа сака кралеви и кралици, принцови и принцези. Во нашите македонски приказни ние си имаме преданија за селанчиња, ама умни, за вештерки и караконџули, за ѕверови, самовили и други натприродни појави. Наш е мариовецот Итар Пејо, наш е и Силјан Штркот. Но, сега нема да се надмудруваме, нели, да ги видиме картите на геополитичката карта. Некој рече светот е џунгла, а Европа (ЕУ) ќе мора да научи да игра според правилата на џунглата. Тоа не е само совет туку и директива.
Да се вратиме на Америка, каде што неодамна министерот за војна Пит Хегсет, на еден величествен собир каде што доминираат воените униформи, им одржа „буквица“ (воен термин од ЈНА) како треба да изгледа еден американски војник. Пит им кажа дека нема повеќе да се толерираат бради и долги коси, војници со стомачишта неподготвени за терен. Тоа, според него, не е патриотски чин, затоа што тој што носи униформа треба да ја брани земјата, нацијата, граѓаните. За такви војници нема да има место во американската армија. Мене како војник во ЈНА ме учеа на „рад, дисциплина и послушност“. Ниту брада имав, ниту долга коса, а наместо стомак, ми се броеја ребрата. Такви бевме. Е, сега дојде ред и на Американците. Воените извици и барабани ќе ги слушаме сѐ погласно, да немаме дилеми околу тоа. Се движиме забрзано кон сериозен конфликт меѓу Западот и остатокот од светот. Тие што мислат дека ова сега се подготовки за засилен судир меѓу Украина и Русија, односно Европа и Русија, се лажат ако мислат дека ќе остане само на тоа. Цел НАТО е во воена игра, сите негови крила се размавтани. Мајко мила, Источниот фронт секогаш бил поприште на истребувачки битки! И не се само Русите во добра воена форма, а ги гледаме и воените пактови што се веќе создадени. Да потсетиме само на фактот дека Русија ги смени својата воена доктрина и стратегија уште за време на првиот мандат на Трамп. Особено се важни промените во доменот на употребата на нуклеарниот арсенал, затоа што Американците решија да се коцкаат во нуклеарно бинго. Москва го прифати ризикот.
Европа е во трансформација, но прашањето е дали таа ќе успее да стане вистинска воена сила за кратко време за да може да парира, затоа што е соочена со сериозна опасност од имплозија, внатрешна експлозија од низа нерешени прашања, многу замрзнати конфликти, многу сепаратизам, национализам, левичарење. Мене не ми изгледа возможно за толку краток период Европа да го смени својот идентитет, да ја смени мисловната матрица, народот да ги заборави приказните за принцовите и принцезите. Сепак, Европа оди натаму, таа е решена да војува велејќи дека треба првин да биде способна самата да се одбрани. Сега е во фаза на Среќна нова 1948, кога мора да се определиш дали си за или против. Не е време за демократски избор.
Ќе биде мачно да се гледа овој европски процес на идентитетска трансформација. Во Копенхаген на самитот на Европската заедница дознавме дека е јасно оти ништо не е јасно и за ништо нема цврст договор. Можеби Европа ќе го пронајде, а можеби ќе се загуби. За Македонија, која 20 години чека европско членство, стигна веста како важна, а не мора да биде, дека планот на Европската комисија, Украина и Молдавија на забрзан колосек да се примат во ЕУ со тоа што ќе се укине правото на вето, не поминува. Не го соборил само Орбан туку и Франција, Холандија, па и Грција. Во Копенхаген, пред кралската вечера, јајцата донесени од пазар се искршиле и е направена европска кајгана. Дали Македонија ќе мацне нешто од неа? Хммм? Имам дилеми, зашто ако нѐ сакаа во ЕУ, досега според сработеното ќе влезевме.
Оттука, добро е да кажеме дека и Македонија ќе мора да игра според законот на џунглата, а повикувањето на правилата на светскиот поредок во моментов не допира да ушите на светските лидери од заглушувачките детонации на воената реторика. Тие не сакаат мир. Тие не повикуваат на мир. ОН не повикуваат на мир, туку се пасивен посматрач. Не е ни во ВАР-собата за да каже кој е во офсајд и кој ги прекршил правилата на меѓународниот кодекс. Карл Билд во своја колумна препорачува седиштето на ОН да се дислоцира од Њујорк, нешто што јас го напишав порано во една моја колумна, но не од аспект на антиамериканизам. Сметам дека треба да се оствари библиското пророштво и новата светска организација да се премести во центарот на некогашниот свет, Блискиот Исток. Зошто тоа да не биде во денес разурнатата Газа?
На крајот ќе завршам со една моја претходна теза – дали има бунт на бродот Баунти, мислам за состојбите во ЕУ и Европа како поширока слика што нѐ интересира нас. Она што сега е силен знак, кој ние во Македонија мораме да го препознаеме, е будењето на суверенизмот. Пораката од повеќе земји е дека тие ги ставаат националните закони над тие на ЕУ во доменот на одбраната. Ете еден голем чекор. Тоа може да значи дека и не сите земји сакаат да влезат во војна. Особено не со Русија, која е нуклеарна суперсила. Тоа значи дека Европската комисија не ја прифаќаат како нивна влада, туку си имаат своја, и дека политичката моќ треба да оди кон Европскиот парламент. Е, таму политичките сили имаат поинаков распоред. И токму затоа, драги мои тркачи на локалните избори, спомнувајте ја повеќе Македонија во своите кампањи, не заборавајте ѝ го името, тоа денес е особено важно!