Извини, Игорче, што Уставот не е и твоја куќа

Игорче може да биде и Верица или Фадил, имињата не се важни, важен е човекот, кому кога е во неволја, болен, му требаат пари за операции и лекување, а ги нема, државата го нема на својот радар, тој е прескокнат или игнориран, па граѓаните собираат донации и помагаат. Успешно помагаат и се спасени многу животи. Утре тие луѓе ќе бидат и врвни во своите области. Тоа е големината на подарувањето, што секако дека е и христијански чин. Арно ама каде е тука прегратката на Македонија како социјална држава? Каде е?

Во насловот стои Игорче, а може да биде и Верица, Наде, Вјолца, Фикрие… затоа што имињата воопшто не се важни. Зборуваме за индивидуи. Луѓе, посебни луѓе, кои се борат да преживеат. И во една таква неволна состојба тие се борат дури и за своите малолетни деца. Тоа е страшна битка, која честопати не можат да ја извојуваат без помош или поддршка, но и ја ставаат државата на сериозен тест.
Доаѓаш најчесто преку социјалните мрежи до информација дека на Игорче му е потребна итна финансиска помош за да продолжи да се лекува некаде во странство. Го вртиш бројот за донации и ти и не знаеш, но таму некаде на некоја сметка легнува таа мала помош, но наскоро ќе стане голема. Некој ќе даде и повеќе покрај вртењето на хуманитарниот број. Така покажуваме хуманост и поддршка, разбираме дека не сме сите исти и дека некои буквално се борат за својот гол живот. И треба да помагаме, и христијански е тоа. Патувајќи како новинар низ светот и среќавајќи се со македонската дијаспора, сретнав луѓе што се извонредно добро организирани и кои следат донаторски акции во Македонија и помагаат. Организираат игранки или балови, се собираат по црквите и собираат донации. Еднаш имав можност да се сретнам во Швајцарија со една македонска група, која ме информираше дека во моментот собираат поголема сума пари за лекување на едно малолетно момче што настрадало на детското игралиште во Влае. Секоја чест. Ги знаеме и нашите домашни шампиони што секојдневно работат на собирање донации и кои развија една извонредно добра шема. Секоја чест, големи луѓе! Дури се борат и со „скамерите“, кои, има и такви нелуѓе, ловат пари на туѓи несреќи, па објавуваат лажни повици за донации. Чувајте се од овие пробисветотви, арамии што немаат срце.
Да заклучиме – можеби како нација не сме некои шампиони во донирање, но и покрај нашиот статус на посиромашна држава и на многу изгубени вредности уништени од борбата за опстанок и грабање во перидот на транзицијата, сепак сме добри. Останала некоја човештина во многумина од нас. Значи, донираме, сакаме да помагаме. И крв даваме за да спасиме нечиј живот.
Но, има едно НО што ме провоцира, зашто сакам да бидеме подобри како општество, да се споиме со државата, зашто таа ни бега, се оддалечува од нас. Како да си ја вратиме, да биде наша, а ние нејзини? Зарем не сме сите еднакви пред Уставот, таа наша заедничка куќа, нашиот дом македонски? Одговорот е дека сите сме еднакви, ама некои се поеднакви, што кажува дека сме почнале да се расипуваме.

Уставот на Република Македонија во делот Основни одредби во членот 1 е од јасен појасен: Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Членот 8: Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот; слободното изразување на националната припадност; – владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска; политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори; правната заштита на сопственоста; слободата на пазарот и претприемаштвото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Тука ставам точка и ќе подвлечам – Македонија е социјална држава и гарантира социјална правда. Старите рекле „пружи ги нозете колку што ти е чергата“, ама уставната черга некако куса, или нозете предолги. Не е вклопена работава.
Игорче е само еден од многуте што немаат приходи или немаат доволно приходи, а на кои им се неопходни здравствена заштита и посериозна интервенција, а подоцна и лекување. Зошто нашава социјална држава го нема на радарот Игорче (всушност ги нема сите, затоа што веќе денес или утре има некој нов таков случај), па наместо ние да собираме донации, таа да си го преземе товарот што мора да го преземе? Штом не е така, тогаш уставотворците само онака за декор го впишале и тоа „социјална“ зашто убаво звучи, оти кога се распадна СФРЈ презедовме каков-таков социјален модел на држава. Мислам дека беше подобар од овој сегашниов квазисоцијален. Дали моделот на солидарност, така се собираат пари во Фондот за здравство, не е добар? Имавме 30 години да го подобриме, но ништо од тоа.

Отишла Македонија да си направи рендген-снимка во Брисел, па добила лоши резултати. Дали ни е јасно каков ни е системот на нашиов модел на социјална држава?
И кога државата ќе потфрли, граѓаните се организираат и практично преземаат дел од надлежностите на државата во делот на здравствената асистенција. А, замислете што би се случило кога тоа би се направило во доменот на безбедноста и одбраната?

Втор пример. Жесток. Извесна Гордана, мајка на три, сега возрасни деца, станала и баба, нема пензија. Таа е на возраст од речиси 70 години, некогаш се снаоѓала додека можела да грбачи и ’рмбачи, но откако се оперирала од канцер на градите, мора да се штеди. Гордана се лекувала, помагале блиски, а сега исто така ѝ требаат пари за лекови, за контроли. Таа не може на внучето да му купи ни еден сладолед. Таа на први не добива порака по СМС дека добила пензија, зашто никогаш не успеала да собере доволно работен стаж. Не станува збор за неписмена жена, туку напротив, но им се посветила на домот и семејството, додека сопругот работел и тука и надвор, но… Нејзиниот сопруг починал без да оствари право на пензија. Како ќе го турка животот Гордана во оваа наша уставно дефинирана Македонија како социјална држава? Како? Секој преглед овде се наплаќа, и тоа дебело. Влегуваш во супстандардна ординација, кај некој матичен лекар и крц – немаш осигурување и ти го вади ценовникот, кој не е супстандарден. Нема милост, драги мои, парите ја украдоа социјалната и солидарна Македонија. Аш, ја снема.
Што не е во ред со Македонија – Уставот, луѓето, или нешто трето???
Европската комисија дала дел од одговорите, но можела да оди и подлабоко, ама изгледа не сакала да крева паника. „Здравството е еден од најголемите корисници на националниот буџет, а инспекциските служби се ранливи на корупција. Не постојат ефикасни критериуми за одредување на цените на здравствените услуги или лековите. Постапките за лекување во странство не се ниту транспарентни ниту објективни. Органите за надзор на пазарот сè уште имаат несоодветен персонал и нејасни и преклопувачки надлежности. Повеќето активности поврзани со здравството во стратегијата за борба против корупцијата останаа неспроведени. Зајакнувањето на интегритетот, анкетните листови и дигитализацијата се потребни за да се помогне во спречувањето на корупцијата во областа на заштитата на потрошувачите и здравјето“.
Ете, отишла Македонија да си направи рендген-снимка во Брисел, па добила вакви резултати. Дали ни е јасно каков ни е системот на нашиов модел на социјална држава?
И кога државата ќе потфрли, граѓаните се организираат и практично преземаат дел од надлежностите на државата во делот на здравствената асистенција. А, замислете што би се случило кога тоа би се направило во доменот на безбедноста и одбраната?
Јас се уште сонувам вистинска социјална држава Македонија, во која има вистински здравствен систем и услуги на високо ниво. Дека живеам во таква Македонија, а не во држава што имаше најголема смртност од ковидот на светско ниво