- Не смееме да забораваме дека секој глас е мало зрно, но кога ќе се соедини со другите станува жетва. Таа жетва е довербата што политичарите мора да ја обработуваат секој ден – со чесност, со работа и со визија. Ако жетвата се занемари, гладот на разочараноста е неминовен. Стариот римски политичар и филозоф Кикерон велеше дека „благосостојбата на народот е највисок закон“, односно дека ден по изборите, политичките превирања замираат и се издига знамето на заедничкиот интерес
Во едно мало село се собрале жителите за да решат каде да ја изградат новата чешма. Едни сакале да биде до училиштето, други до црквата, трети на плоштадот. Долго расправале, но на крајот одлучиле да ја постават на средината на патот што ги поврзува сите три места. Така секој ќе има пристап, рекол најстариот човек во селото. Оваа приказна е едноставна, но носи сила порака – локалната самоуправа и општините се токму таа чешма, односно заеднички извор што треба да биде достапен за сите, а не причина за кавги и поделби.
Каде сме ние како општество и држава во оваа приказна? Денес зборот демократија честопати се користи како празна флоскула, па, оттука, потребно е да се потсетиме на нејзиниот најконкретен и најопиплив израз – локалната самоуправа. Таа не е машина што собира даноци и издава дозволи, туку, напротив, таа е жив организам, пулсот на македонските граѓани, огледало во кое се гледаат сите наши потреби, предизвици и надежи. Општината е повеќе од институција, таа е нашата улица, училиштето на нашите деца, паркот во кој се одмораме, воздухот што го дишеме. Кога зборуваме за локална власт, не зборуваме за далечни политички елити, туку за луѓе што секојдневно ја обликуваат нашата непосредна средина.
За жал, премногу често локалните избори се претвораат во продолжение на големата политичка битка. Наместо разговор за отварање нови работни места, погони, обработливи земјоделски површини, водовод, средени депонии, училишта или локален развој, слушаме реторики без суштина. Политичарот, кој треба да биде прв слуга на заедницата, честопати ја заборава својата должност и наместо да гради производствени погони, мостови и патишта, тој гради ровови за политички битки. Последиците се видливи, а граѓаните ја губат можноста да влијаат врз сопствената средина, јавните услуги стануваат бавни и неефикасни, а довербата во институциите се топи како снег на пролетно сонце.
Не смееме да забораваме дека секој глас е мало зрно, но кога ќе се соедини со другите станува жетва. Таа жетва е довербата што политичарите мора да ја обработуваат секој ден – со чесност, со работа и со визија. Ако жетвата се занемари, гладот на разочараноста е неминовен. Стариот римски политичар и филозоф Кикерон велеше дека „благосостојбата на народот е највисок закон“, односно дека ден по изборите, политичките превирања замираат и се издига знамето на заедничкиот интерес. Впрочем, граѓаните не гласаат за симболи, туку за да имаат чесна работа, ангажман и валоризација од тоа. Да имаат асфалт на улиците, чист воздух, училишта што ќе ги воспитуваат нивните деца.
Од друга страна, стоиците нѐ учеа дека власта е доблест само ако служи. Со други зборови, политичарите не се владетели туку чувари. Чуварот не владее, туку штити. Тој не гради кули за своја слава, туку мостови за заедничка иднина. Старите мудреци нѐ учеа и уште нешто, дека државата е силна кога граѓаните се свесни за својата улога. Со други зборови, будноста на граѓаните не е закана, туку најголемата гаранција за демократијата. Оттука, политичарите што ќе ја прифатат критиката како поттик, а не како напад, ќе изградат општини што ќе бидат пример за зрелост и стабилност.
Изборите се само првиот чекор. Вистинската демократија започнува ден по изборите – кога страстите стивнуваат, а разумот треба да преовладее. Локалната самоуправа е темелот на демократијата. Ако тој темел е здрав, целата градба ќе стои цврсто. Ако е запоставен, ѕидовите ќе се распаднат. Затоа, време е да се вратиме кон суштината: да ја гледаме општината не како арена за политички пресметки туку како заеднички дом што бара грижа, одговорност и љубов.
На самиот крај ќе завршиме со уште една приказна – анегдота, надевајќи се дека ќе биде разбрана нејзината суштина. Еден стар градоначалник, познат по својата скромност, секое утро пред да оди во канцеларија правел една необична рутина – шетал по улиците на својата општина, без придружба, без медиуми, само со мал тефтер во џебот. Седнувал на клупа во паркот, разговарал со пензионери, слушал мајки пред градинка, запишувал што недостига, што боли, што радува. Кога еднаш некој го прашал зошто го прави тоа, тој одговорил: „Не можам да водам град ако не го слушам неговиот глас. Демократијата не живее во кабинетот, туку на улицата“.
































