Токму Вајц и неговиот извештај за Македонија, во кој експлицитно се споменува признавање на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, се во фокусот на двете соседни дипломатии. Имено, ако извештајот биде усвоен, тоа може да предизвика во следната фаза да паднат Бугарија и Договорот за добрососедство со Македонија. Но ако се случи тоа, тогаш логично е дека во некоја следна фаза ќе паднат и Грција и Преспанскиот договор. Сега кога сето ова ѝ станува јасно и на пошироката меѓународна заедница, станува уште појасно зошто дојде до толку силно активирана дипломатска грчко-бугарска офанзива. Откако Томас Вајц го најави својот предлог-извештај за Европскиот парламент, Грците и Бугарите работат деноноќно во барање сојузници за да не дозволат извештајот да се усвои
Во далечната 1852 година, Карл Маркс во својот есеј „Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарта“ ја обзнани фамозната мисла дека „историјата се повторува, прво како трагедија, потоа како фарса“. Но која е суштината на оваа мисла? Во споменатиот есеј, Маркс посочува дека државниот удар на Наполеон Трети е смешно повторување на доаѓањето на власт на неговиот чичко, познатиот Наполеон Бонапарта. За Маркс, државниот удар на Наполеон Трети бил фарса, затоа што ги немал тежината и контекстот на оној спроведен од неговиот чичко. Со други зборови, политичкото дејствување на Наполеон Трети било имитација без суштина, празна карикатура и апсурдна пантомима на необмислени политики, како и комедија родена од погрешно поставена сериозност и неуспех да се научат лекциите од минатото. Во еден поширок контекст, повторените настани како фарса ја истакнуваат човечката тврдоглавост, бидејќи ги гледаме истите историски грешки како се повторуваат, а кога Маркс вели дека повторувањето на историјата е фарса, всушност нѐ предупредува дека без вистинско размислување и промени во нашето битисување се доведуваме во ситуација на ништовност.
Колку и да звучи чудно, денес повторно ги гледаме истите грешки од минатото како се повторуваат. Совршен пример за оваа се последните дипломатски активности на бугарскиот премиер Росен Желјазков и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Пошироката македонска јавност можеше да прочита или да слушне дека Желјазков на средбата со Теодорос Русопулос, претседателот на Парламентарното собрание на Совет на Европа, побарал да се заштитат правата на бугарската заедница во Македонија. Во овој правец беше и содржината на официјална страница на бугарската влада каде што можеме да прочитаме дека Желјазков порачал дека нема да се дозволи Советот на Европа да се користи за антибугарска кампања, како и дека Советот на Европа треба да има важна улога во заштитата на правата на бугарската заедница во Македонија.
И да нема никакво изненадување. Ова е само последица и операционализација на лобирањето од страна на грчкиот премиер Мицотакис во рамките на 71. конференција на „Билдерберг“, која деновиве се одржа во Стокхолм, Шведска. Поставеноста на нештата на конференција на „Билдерберг“ не ни дозволува да дознаеме што точно говорел Киријакос Мицотакис, но очигледно е дека ја искористил за лобирање. Доколку ја земеме предвид досегашната грчка политичка поставеност кон Македонија, можеме да претпоставиме дека се говорело и за нас, но низ грчка призма. Имено, дека неговото присуство во Шведска било во рамките на нивната дипломатска офанзива, овој пат со барање на сесрдна поддршка и од билдерберзите, со цел да се спречи усвојувањето на предлог-извештајот за напредокот на Македонија, изготвен од известувачот на Европскиот парламент, Австриецот Томас Вајц, на седницата на Европскиот парламент на 24 јуни 2025 година.
Според искусни познавачи на состојбите и според последните информации што доаѓаат, токму Вајц и неговиот извештај за Македонија, во кој експлицитно се споменува признавање на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, се во фокусот на двете соседни дипломатии.
Имено, ако извештајот биде усвоен, тоа може да предизвика во следната фаза да паднат Бугарија и Договорот за добрососедство со Македонија. Но ако се случи тоа, тогаш логично е дека во некоја следна фаза ќе паднат и Грција и Преспанскиот договор.
Сега кога сето ова ѝ станува јасно и на пошироката меѓународна заедница, станува уште појасно зошто дојде до толку силно активирана дипломатска грчко-бугарска офанзива. Откако Томас Вајц го најави својот предлог-извештај за Европскиот парламент, Грците и Бугарите работат деноноќно во барање сојузници за да не дозволат извештајот да се усвои.
Очигледно е дека нашите соседи имаат активна дипломатска агенда за Македонија. Досега Бугарија и Грција ги користеа дипломатските канали за постојан притисок врз Македонија, а паралелната дипломатија и лобирање не треба да нѐ зачудуваат, бидејќи во минато Софија и Атина постојано беа активни на овој план. Во декември 2012 година, Бугарија го искористи своето гласање во ЕУ за да го одложи датумот за почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, но за многумина ова беше усогласување на Софија со претходната тврда линија на Атина.
Во случајот со Македонија, слободно можеме да кажеме дека историјата навистина се повторува, прво како трагедија, потоа како фарса. Бугарската и грчката надворешна политика отсекогаш биле поттикнувани од бугарскиот и грчкиот радикален национализам, Македонија за нив беше нивна земја, а припадниците на македонскиот народ составен дел од бугарската или грчката нација.
Сите денешни дипломатски активности на Софија и Атина имаат паралели во историјата, но се и потврда за тврдоглавоста на Бугарија и на Грција кон Македонија.
Но историјата не е бесконечно циклична, како што нѐ учеше Ниче, и не секогаш се повторува како фарса. Напротив, човекот може да ги избегнува грешките и да напише ново поглавје. Во ситуација кога светот се соочува со многу предизвици, Софија и Атина треба да престанат да ја перципираат Македонија како сениште, туку како самостојна нација и држава со свои карактеристики и особености. Колку побрзо го разберат ова, толку побрзо ќе се создадат услови за добрососедство и партнерство за надминување на заедничките предизвици.
Далибор Станковиќ