Истокот на брз колосек – Македонија на крстопат

Светот влегува во најдинамичниот период на геополитички промени по завршувањето на Студената војна. Поделбите стануваат подлабоки, блоковите поостри, а глобалната архитектура што со децении се темелеше врз западниот модел – демократски, либерален и економски поврзан – се соочува со предизвик без преседан. Во овој трансформативен контекст се појавува нова оска на моќ: партнерството Русија–Индија–Кина, неформално наречено РИК. Иако не е институционализиран блок, неговата тежина на глобалната сцена е очигледна и растечка.
Но додека големите сили се усогласуваат, судираат или соработуваат, што значи ова за малите држави? Особено за Македонија, која веќе две децении чекори кон Европската Унија и која, паралелно со евроатлантската ориентација, мора да се позиционира соодветно во свет полн со нови економски и политички ризици.
Триаголникот Русија–Индија–Кина го симболизира подемот на источната моќ. Кина, како индустриски и технолошки џин, Русија, како ресурсна и воено-нуклеарна сила, и Индија, како демографски и економски феномен, создаваат мрежа што им дозволува да излезат од западните модели и да создадат сопствена архитектура на влијание.
Овие три држави развиваат интензивни трговски, енергетски и технолошки врски. Руската енергија, кинеската инфраструктура и индиската услужна економија се надополнуваат и создаваат „паралелна глобализација“ – што не зависи ниту од доларот, ниту од западните пазари ниту од институции како ЕУ или Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
За многу земји во развој ваквите промени претставуваат привлечна алтернатива. За големите се стратегиски предизвик. За малите се потенцијален ризик доколку не умеат да се снајдат меѓу интересите на големите играчи.
Европската Унија веќе не е она самоуверено геополитичко јадро од пред две децении. Соочена со внатрешни разочарувања, бавни интеграциски процеси, проширувања што се одложуваат и економска конкуренција од Кина, Унијата го губи темпото. Долготрајните блокади, билатералните спорови меѓу членките и недостигот од стратешко единство ја ослабуваат позицијата на ЕУ на светската сцена.
Балканот, кој историски секогаш служел како монета за поткусурување на европската политика, повторно станува поле на натегања. Во исто време кога ЕУ ја промовира идејата за стратешка автономија, таа не успева да понуди брза и конкретна перспектива за регионот. И токму тука растечката моќ на РИК ја менува играта.
Македонија веќе две децении останува во т.н. европска чекалница, заглавена меѓу внатрешни реформи, промена на уставното име, историски спорови и непрекинати барања од соседите. Иако земјата ја заврши најтешката фаза – влезе во НАТО, изврши реформи на безбедносниот сектор и трансформација на институциите по западни стандарди – интеграцијата во ЕУ и понатаму е одложена цел. Во тој контекст, подемот на РИК добива дополнителна тежина за Македонија.
Прво, земјата се наоѓа во регион каде што конкуренцијата меѓу ЕУ, Русија и Кина е видлива и во инфраструктурата, и во енергетиката, и во медиумскиот простор. ЕУ вели дека Балканот е европски, но истовремено бавно го интегрира. Русија го намалува интересот, но не отстапува. Кина инвестира тивко и одмерено, но стратешки. Балканот повторно станува зона за која се натпреваруваат повеќе сили, но овој пат европската интеграција не е единствениот пат. РИК нуди финансиско влијание, инфраструктура и трговија, ЕУ нуди институционални стандарди, пазар и политичка стабилност, а НАТО гарантира безбедност.
Второ, македонскиот евроентузијазам постепено слабее. Граѓаните гледаат дека земји што стартуваа подоцна (како Хрватска) одамна се членки на ЕУ, а земји што беа многу поназад во европските процеси, како на пример Албанија и Црна Гора, полека но сигурно ги отвораат клучните поглавја. Македонија, која е заглавена во условувања и во неповолен амбиент, алтернативните модели на соработка – финансиски, економски, инфраструктурни – треба да ги побара во овој вакуум, кој сега добива сѐ поголема геополитичка тежина.
Трето, Македонија е земја со ограничени ресурси и геостратегиски чувствителна позиција. Во свет каде што големите блокови се разминуваат, малите држави неизбежно стануваат поподложни на притисоци и влијанија, но исто така и подложни на кризи како енергетска, финансиска или безбедносна.
Иако членството во НАТО ја позиционира Македонија јасно во безбедносен контекст, економската и технолошката соработка и понатаму остануваат отворени полиња. Земјата може да соработува со Кина во инфраструктурата, со Индија во ИКТ-секторот или со Русија во ограничените економски сегменти, но тоа не смее да го наруши нејзиниот европски курс.
Проблемот е во тоа што овој „танц меѓу блоковите“ станува сè покомплексен. ЕУ сè помалку има време и трпение за земјите што „играат на повеќе табли“, а САД очекуваат јасно определување. Паралелно, РИК нуди економски можности што за малите држави понекогаш изгледаат попримамливо од бавните европски процеси.
Затоа Македонија се наоѓа во период кога мора да ја покаже својата стратешка зрелост – да ги препознава ризиците, но и да ги извлече максималните придобивки без да стане заложник на глобалните судири. Истовремено земјата мора да остане отворена за економска соработка со Истокот, но внимателно да ја калибрира својата надворешна политика за да продолжи и по патот на евроатлантските интеграции. Да ја покаже својата стратешка зрелост и да го искористи секој прозорец на можност. Во ерата на мултиполарност, само државите што умеат да размислуваат брзо, да проценуваат трезвено и да дејствуваат мудро ќе успеат да ги обезбедат својот суверенитет и развој. Македонија мора да биде една од нив.