Македонија си ја завери својата државност на најдемократски начин, а дека таа треба да биде меѓународно признаена потврди и европската Бадентерова комисија. Народот ќе рече арно ама! Ако тогашниот претседател Киро Глигоров еднаш гласно извика дека „Македонија е сѐ што имаме“, Европа низ Лисабонската декларација порача дека никогаш нема да признае држава со името Македонија. Не беше лесно да се урне тој европски бедем
Македонија, и покрај сите маки и страданија, притисоци, уцени и закани, има повод и причина не само да го одбележува туку и да го слави 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија. Не ставајте ве молам „северна“, оти на тој светол датум беше прогласена суверена, независна и самостојна Република Македонија. И тоа треба да се памети и да не се заборави, и таа линија на борба за слобода, права, човечност и државност не смее предолго да остане испрекината. Таа борба, македонска борба, е нашата ЕКГ-линија, нашето срце, нашиот живот. И долга е таа линија, а 8 Септември е еден од маркерите на современиот македонизам. Од каде извира тој, кои се неговите извори?
„Во овој момент, во ова историско место ’Св. Отец Прохор Пчињски’ и на овој историски и свет ден Илинден, кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание, со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава…“. Ова се зборови на најстариот делегат, велешкиот учител и илинденец Панко Брашнаров, со кои го отворил Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, кое се одржало на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Панко во една реченица ја опфатил таа долга линија на борбата за слобода и за своја обновена модерна држава што ги опфаќа границите на етничка Македонија. Тој мислел и на Карпош и на Кресна и на Илинден и на многу знајни и незнајни војводи и војвотки што ја пролеале својата крв за Македонија. За поколенијата што доаѓале. Затоа АСНОМ е таков мермерен префинето изграден и изгладен демократски столб (неговите одлуки создаваат модерна демократска држава базирана на Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година) што ако се удри врз него, тоа ќе значи чин на самоуништување. Тој е меѓникот од кој не смее да се отстапи. Тој е аманет оставен од Брашнар, Ченто, Пирузе, Апостолски, Арсовски, Чаловска…., а е ехо на пораките од Гоце, Даме, Карев, Питу. За АСНОМ историчарите напишале дека е „апогеј на македонската националноослободителна борба, оти токму со него, преку конституирањето на македонската национална држава на 2 август 1944 година, конечно се овоплотија државотворните пориви на македонскиот народ. И не, не беше тоа чин на некаков заговор, туку чин што произлезе од легалното и легитимно право на самоопределување, кој се изнедри од епската националноослободителна и антиокупаторска борба против бугарскиот, италијанско-големоалбанскиот и германскиот окупатор“. Некои додаваат и против големогрцизмот, кој, за жал, повторно го чувствуваме.
Факт: На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95 отсто од граѓаните што излегле на референдумот, позитивно одговориле на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ Удрена е тапијата на македонската самостојност, со чиста изразена волја на народот, откако претходно Собранието донесе декларација за независност. Дали имаше колебање, па и страв од неуспех? Да. Но, ајде да се потсетиме на зборовите на Исус кон неверниот Тома кога му вели дека ги сака безгрешните, но поблиску до срцето му се тие што грешеле (биле колебливи или исплашени), па тргнале на правиот пат. И затоа шампањското што се отвори среде плоштадот „Македонија“ во Скопје кога се соопштија референдумските резултати симболично покажа дека беше пуштен на слобода долго затворениот македонски дух за своја држава и тој едноставно експлодира.
Македонија си ја завери својата државност на најдемократски начин, а дека таа треба да биде меѓународно признаена потврди и европската Бадентерова комисија. Народот ќе рече арно ама! Ако тогашниот претседател Киро Глигоров еднаш гласно извика дека „Македонија е сѐ што имаме“, Европа низ Лисабонската декларација порача дека никогаш нема да признае држава со името Македонија. Не беше лесно да се урне тој европски бедем, иако донекаде се успеа. Оти името ни е големо и ќе посегнат по него. Си знаел Блаже. Си знаеле и Анте и Гане. Ако денес повампирува фашизмот, ако повторно се зборува за нов холокауст, тогаш и ние со право токму за овој ден предупредуваме дека антимакедонизмот е појавен во најстрашните форми. Денес, во 21 век, на еден од најстарите европски народи не му се признава правото на суверенитет, на сопствена нација, на име на држава, на јазик, на наследство, па и на границите. Оти не е само името, името беше формата на тој антимакедонизам, сето друго е суштината на тој антицивилизациски процес. Еден голем поддржувач на Македонија, поранешниот американски висок функционер Лоренс Иглбергер велеше дека „спорот за името е непотребен и неоснован. Има ли нешто понезрело и поглупаво од уценувањето на една нација и негирање на нејзиното членство во меѓународните организации“.
Затоа што и 33 години по изгласувањето независност Македонија е држава што е меѓу најсиромашните, се води како полудемократија со хибриден режим, несигурна, загадена, па дури и неперспективна. Демографски осудена на пропаст. Зошто е така? Ова е прашање за нас, не за некои странци. Ова е нашата незавршена домашна задача. Изградивме куќа со какви-такви темели, но каква фасада ќе ставиме?
Во однос на грчките обвинувања за наводната антиквизација во Македонија, Иглбергер велеше дека никој нема право да ја присвојува античката македонска историја. „Грција тврди дека Македон или Македонија, како и Александар Македонски се нејзини. Ова е погрешно. Античките Грци никогаш не тврделе дека Македонија е нивна и тие никогаш не ги прифатиле Филип или Александар како свои владетели. Грчките тврдења за Македонија се засноваат на историски погрешни информации“, глаголеше Иглбергер.
Каде сме денес? Отстапивме ли од нашата македонска линија, тоа ЕКГ на македонското срце? Можеме да одговориме и со прашалник, но никако не смееме да гледаме на ова низ призмата на дневна политика. Премногу јасно ни е дека од асномските принципи е отстапено, што како природен процес, а повеќе како притисок однадвор, но и одвнатре, уцени и погазувања на сите меѓународни принципи, конвенции и закони. За Македонија не важи правото, туку некои специјални политички узанси, кои едвај може да се применуваат, па затоа се применува присила. Ако со Лисабонската декларација Европа нѐ пушти да се движиме со две врзани нозе, тогаш мора да кажеме нешто и за рацете. И тие врзани: со еден хибриден договор скроен да биде и мировен и насока за идното уредување, тоа е Охридскиот договор, потоа новата територијална поделба произлезена од конфликтот во 2001 година. Македонија е внатрешно кроена по урнекот на Версај, но овде по некои етнички линии. Потоа, Преспанскиот договор, кој не смееше да се урне со волјата на народот на референдум (според ДИК, тој не беше успешен, но власта измисли топла вода и рече, еурека, референдумот е консултативен), а од тој договор произлезе и Договорот со Бугарија (Софија си рече ако може Атина, можеме и ние). Па, така, со сменето име (а тоа значи и идентитет) влеговме во НАТО како регион наречен Република Северна Македонија. Изгубивме (предадовме) суверенитет, историја и име, ама добивме заштитен чадор. Што би рекле, „изгубив ќерка, ама добив зет“.
Така, 33 години по тој историски 8 Септември, Македонија повторно е пред сериозни предизвици. Дали ќе успее да го зачува столбот на АСНОМ? Дали новата генерација на политичари има чувство и однос кон македонската историја, традиции, пожртвуваност, борба? Која линија ќе ја продолжи? Дали политичкиот простор е премногу загаден од клиентелизам, корупција, непотизам и негативна селекција? Дали општеството има сили да се бори против овие сериозни проблеми, плус растечката злоупотреба на дроги, криминал, сѐ поголемото видливо присуство на мафиите? Дали сме кадарни да се соочиме со предизвиците во регионот и во светот? Дали знаеме да препознаеме кои ни се пријатели, сојузници и поддржувачи и во арно и во лошо? Премиерот Христијан Мицкоски јавно замоли да не се отвораат етнички тешки теми (кои можат не само да поделат туку и да предизвикаат тензии и конфликти), па еве затоа ги поставуваме овие прашања, оти тие го мачат народот. Затоа што и 33 години по изгласувањето независност, Македонија е држава што е меѓу најсиромашните, се води како полудемократија со хибриден режим, несигурна, загадена, па дури и неперспективна. Демографски осудена на пропаст. Зошто е така? Ова е прашање за нас, не за некои странци. Ова е нашата незавршена домашна задача. Изградивме куќа со какви-такви темели, но каква фасада ќе ставиме?