Без комплетни, длабоки и радикални реформи, ниту една странска инвестиција, колку било таа и да е голема нема да нѐ спаси од апаратите за реанимација. Да биде трагедијата уште поголема, потсетувам дека ние самите до скоро се погриживме да се доведеме до коматозната состојба
Неколку дена пред да седне во премиерската фотелја на Илинденска и пред официјалното предавање на владиниот кабинет од страна на техничкиот премиер Талат Џафери, новиот премиер на државата, Христијан Мицкоски, ни соопшти не толку неочекувана, колку најблаго речено траурна вест, дека државата економско-финансиски се наоѓа во клиничка смрт, од која тешко дека наскоро ќе може да се извлече.
Со други зборови кажано, премиерот Мицкоски ни соопшти дека поради празната државна каса и предвреме потрошените пари, функционалноста на институциите, а со тоа и на вкупниот систем, е во – агонија.
Граѓаните на Македонија, кои во изминатите над три децении од независноста станаа имуни на вакви и слични црни вести, останаа доста вчудовидени, бидејќи од премиерот не добија веднаш дијагноза за тоа дали болеста, односно состојбата е излечива и со каква терапија и колку време ќе треба да се третира за да се излезе од „коматозната состојба“.
И додека најголемиот дел од јавноста се прашуваше како понатаму и кој ќе влезе во конзилијарниот тим што треба да ја оздрави и да ја крене на нозе државата, премиерот Христијан Мицкоски, со неговиот тим, не губејќи воопшто време, инстантно почна со терапијата.
Иако тој по професија не е лекар туку инженер, сепак како човек што знае со каква терапија се лекува не само нашиот туку кој било економски систем во светот, почна да отвора и да најавува нови инвестиции во државата, кои не само што ќе ја подобрат крвната слика на Македонија туку ќе отвораат можности за нови работни места.
Не чекајќи болеста целосно да метастазира и да парализира, Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски почна уште од првиот работен ден да промовира претходно обезбедени нови инвестиции и инвеститори, а заспаните да ги „разбуди“. Севкупно, сите, според него, не само што ќе ја кренат на нозе државата туку ќе им ја вратат и надежта на граѓаните на Македонија дека има не само лек туку и спас за државата.
Ентузијазмот што во овој момент го демонстрира Владата заслужува внимание и поддршка. Но без целосна реформа на комплетниот систем во државата во сите области и дејности – „нема ништо од бизнисот“, што би рекол Цацко од К 15
Мицкоски уште на вториот работен ден на Владата го означи почетокот со реализација на најголемата инвестиција досега во делот на обновливите извори на енергија во регионот, од над 500 милиони американски долари, во парк на ветерници што ќе биде сместен помеѓу три општини, Карбинци, Радовиш и Штип.
Со оваа инвестиција е планирано инсталирање на 55 ветерници што ќе произведуваат еден терават-час електрична енергија, или еден милион мегават-часа, што е приближно дваесетина проценти од целокупното производство на електрична енергија во земјава. Оваа инвестиција ќе отвори нови 630 вработувања.
– Ваквиот почеток на мандатот, со ваква доста голема инвестиција, покажува дека како влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршувањето на овој проект дури 100.000 македонски домаќинства ќе можат да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници – изјави премиерот Мицкоски.
Дека Владата сериозно ја има сфатено работата дека само со нови инвестиции и отворање нови работни места може не само да ја излекува туку и да ја застане на здрави нозе Македонија, премиерот Мицкоски покажа по стигнувањето во САД, на самитот на НАТО во Вашингтон, каде што речиси истиот ден ја промовираше новата инвестиција на компанијата „Вабтек“, која одлучи да го зголеми своето производно портфолио со уште една дополнителна инвестиција, која ќе биде лоцирана во технолошко-индустриско развојната зона – Скопје.
Мицкоски од Вашингтон, по средбата со Грег Сброко, извршен потпретседател на американската компанија „Вабтек“, изјави дека инвестицијата ќе изнесува 35 милиони евра и дека во новата фабрика ќе бидат вработени повеќе од стотина работници. Со оваа инвестиција Македонија ќе има зголемен извоз, а тоа значи дека ќе имаме позитивно влијание врз бруто-домашниот производ.
– Компанијата „Вабтек“ ќе го има мојот личен фокус. Очекувам дека оваа инвестиција ќе биде многу скоро завршена и дека не само оваа инвестиција туку ќе можеме да додадеме уште некоја нова инвестиција што ќе дојде од компанијата „Вабтек“ – изјави Мицкоски во Вашингтон.
Паралелно со овие две нови инвестиции во кус период јавноста на Македонија беше сведок и на третата милионска инвестиција.
Тоа е инвестиција на фирмата „Eпсотех Македонија“, која постои повеќе од 60 години. Во оваа фирма, чија вредност изнесува 20 милиони евра, ќе бидат ангажирани 100 нововработени лица.
Дека економијата ќе биде во фокусот на Владата, Мицкоски најави и на предавањето на престижниот Универзитет „Џонс Хопкинс“ во Балтимор.
– Очекуваме неколку стотици милиони евра оваа година, нови инвестиции и проширување на истите тие и отворање на повеќе од 1.000 нови вработувања. Треба јавноста на Македонија да биде подготвена и за убави нешта. Нашата цел е да ја вратиме надежта дека може да нѐ биде – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
По црните најави на почетокот на мандатот, убавите вести што во изминатите денови им беа соопштени на граѓаните на државата, во најмала рака на трауматизираната и депримирана јавност во најмала рака ѝ дојдоа како мелем на рана.
Со таквите позитивни најави за нови странски инвестиции се врати надежта кај граѓаните на Македонија, кои во последно време, по траурните најави за состојбата во која се наоѓа државата, безмалку гласно се прашуваа како ќе преживеат.
Инвестициите, како на странските така и на домашните компании, се најдобриот лек за справување со негативните состојби во кои се наоѓа Македонија. Тие се повеќе од потребни, бидејќи само тие инвестиции можат да ги наполнат државниот буџет и празните фондови.
Без нови инвестиции и отворање нови работни места, системот не само што тешко ќе се излекува од клиничката смрт во која се наоѓа туку не ќе може да се најдат луѓе што ќе можат да го погребат.
Во последно време, токму поради немањето доволно работа младите не гледајќи перспектива, во сѐ поголем број ја напуштаат државата.
Битола и битолчани се најдобри сведоци што значат инвестициите на странските компании. Благодарение на отворањето на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, каде што работат над 6.000 работници, и компанијата „Таскфорс“, околу 8.000 битолчани претежно млади останаа да живеат во Битола и не го напуштија градот.
Доколку не беа отворени овие две компании сега и најголемиот број од нив ќе бараа егзистенција во некоја од европските држави. Поради немањето работа младите ја напуштаат државата. Жално е што со младите во доста голем број заминуваат и нивните најблиски, баби, дедовци, да им ги чуваат децата или внуците. Македонија станува држава на пензионери, кои одамна го одработиле својот работен век.
Затоа во овој момент добредојдени и за поздравување се политиките на Владата за привлекување странски инвестиции. Но паралелно треба да се работи и на мотивирање на домашните компании да инвестираат во нови проекти, кои ќе го зголемуваат општествениот колач. Владата ќе мора со иста таква посветеност да работи и на воспоставување правна држава, во која сите ќе имаат еднакви шанси и можности, борба против корупцијата и криминалот, клиентелизмот, непотизмот, професионализација на администрацијата и државниот апарат…
Само доколку така се (с)уреди државата ќе можеме да се надеваме дека Македонија ќе биде држава по мера на секој човек. Ентузијазмот што во овој момент го демонстрира Владата заслужува внимание и поддршка. Но без целосна реформа на комплетниот систем во државата во сите области и дејности – „нема ништо од бизнисот“, што би рекол Цацко од К 15.
Без комплетни, длабоки и радикални реформи, ниту една странска инвестиција, колку било таа и да е голема нема да нѐ спаси од апаратите за реанимација. Да биде трагедијата уште поголема, потсетувам дека ние самите до скоро се погриживме да се доведеме до коматозната состојба.