Неодамна се навршија точно 34 години откако Бугарија прва ја призна независноста на Македонија, чин што тогаш се протолкува како искрен гест на пријателство во време кога земјава тргна сама по својот пат, разделувајќи се од федерацијата во која помина безмалку пет децении.
Еден бугарски дипломат, кој учествувал во процесот на носење одлука за признавање на земјава, своевремено изјави дека на почетокот на 90-тите години од минатиот век започнувала нова ера во која Бугарија требаше да влезе со имиџ на земја што размислува за иднината, а не за минатото. Со таква енергија и во Македонија беше дочекана бугарската одлука за признавање, со надеж дека двете земји во иднина заеднички ќе чекорат по европскиот пат, меѓусебно ќе градат тесни и пријателски врски и ќе гледаат кон иднината.
Иако тоа признавање тогаш беше само државно-правно, односно Бугарија призна само територија, институции и меѓународен субјективитет, сите бугарски политичари јасно истакнаа дека Бугарија не признава посебен македонски народ, ниту, пак, посебен македонски јазик, со што без оглед на најавите за гледање кон иднината, бугарскиот поглед остана завртен наназад.
И покрај тоа, македонскиот народ беше исклучително благодарен за овој чин, особено што тој дојде во време кога во земјава сè уште беше присутна југословенската војска и кога постоеше реална опасност да дојде до конфликт и многу брзо да ја снема кревката независност.
Надежите беа дека низ годините и овие рецидиви од минатото ќе бидат оставени зад нас, дека Македонците и Бугарите ќе пишуваат нови страници на соработка, на блискост, на заедничка иднина. Така и почна. Македонците одеа во Бугарија, Бугарите доаѓаа кај нас во тие тешки години за да си помогнат меѓу себе во тие турбулентни транзициски времиња. Бугарска нафта пристигнуваше во земјава кога Грција ја затвори границата и не дозволуваше дотур на енергенти во Македонија, а во 1999 година тогашните претседатели на Македонија и на Бугарија, Ѓорге Иванов и Петар Стојанов, потпишаа заедничка декларација, документ со кој двете држави ја нормализираат комуникацијата, користејќи формулација што овозможи практична соработка без да се решаваат идентитетските спорови. И тоа беше вистинската формула двете држави да градат блиски и пријателски односи, преку соработка во образованието, одбраната, здравството, културата, туризмот, политиката, во сето она што е заедничка цел на две блиски и пријателски земји.
Пред приемот на Бугарија во ЕУ, Македонија несебично потврди дека меѓу нас нема отворени прашања, што беше еден од предусловите Бугарија да го помине европскиот филтер за добри меѓусоседски односи. На тоа можеше од бугарска страна да се надоврзе еден пријателски гест и признавањето од пред 34 години да се дополни со признавање на македонскиот народ и јазикот што тој народ го говори. Во 2017 година беше потпишан и Договор за пријателство и соработка, со кој Бугарија се обврза дека ќе го помага македонскиот пат кон ЕУ. Но, за жал, се случи потпишувањето на Преспанската спогодба и старите сеништа од минатото се вратија, пораснаа апетитите на официјална Софија, се промени реториката, се ставија блокади на македонските евроинтеграции и се врати говорот од некои минати времиња. Деновиве повторно сведочевме на еден таков говор, од типот да ни се замрзнат европските фондови, па да ја гледаме ЕУ низ крива макарона и слично, само затоа што некое лице скршило стакло на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје. Патем, лицето беше експресно приведено и секако ќе си ја добие заслужената казна.
Во овие тешки и неизвесни времиња, кога не се знае каде оди светот, најважно е првите соседи да се држат заедно, да се поддржуваат, да се помагаат, да градат заеднички политики со кои ќе можат да се одбранат од сите закани, кои несомнено ќе ги има сè повеќе. Не ни се потребни трагедии и несреќи за да си помагаме, туку тоа треба да биде наша заедничка цел постојано, во секој момент, без никакви предрасуди, туку отворено, како луѓе на луѓе.
Затоа е добро да се вратиме на работите што нè поврзуваат, да ги оставиме разликите зад себе и да гледаме низ една нова перспектива. За тоа е клучно да се интензивира инфраструктурната соработка, да се градат патишта, железница, повеќе гранични премини, да се поттикне соработката во здравството, образованието, науката, во културата, во спортот, во економијата, во туризмот… Има милион мали нешта што можат да нè поврзуваат, за разлика од тие две-три работи што градат ѕидови меѓу две блиски општества.
Можеби решение за тоа е повторното враќање на декларацијата Иванов-Стојанов од 1999 година, како начин да се прекине оваа агонија во меѓусебните односи и двата народа да се вратат кон она што отсекогаш меѓусебно го негувале, пријателство и добри односи.
Само така како соседи ќе успееме, оти слогата куќа гради, а неслогата разградува.
Ќе завршам во духот на вчерашниот празник, Богојавление-Водици: Бог се јави!
Нека се јави и разумот кај оние што мислат дека со негирање, сеење раздор и лоша мисла ќе успеат и натаму да држат далеку едни од други две блиски општества, два пријателски народа, две блиски соседни земји што заедно можат многу, а раскарани нема да постигнат ништо.
































