Имаме ли капацитет да покажеме дека можеме

Наспроти сите јавно декларирани заложби на првите луѓе на државата, наспроти голем број апели на меѓународниот фактор за почитување на законите и прописите, наспроти позитивните практики низ светот, некои од „недопирливите“ јавни службеници си тераат по старо. Како досега, што би рекол еден познат политичар, со задоволство цитиран од негов собеседник. Деновиве се изнагледавме примери со нагласен сомнеж за сериозни криминали, кои бараат соодветна разврска. Нивното расчистување, како што налага законот и во разумен рок, нека биде првиот доказ дека можеме самите да се справиме со злото што ја подјадува државата. Секое одложување и одолговлекување ќе одат во прилог на оние што го вперуваат прстот во правосудството, сомничејќи го за неспособност. Ќе се увериме ли конечно во спротивното?

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира што Судскиот совет и Советот на јавни обвинители назначија свои членови за членови на Управниот одбор на Академијата на судии и обвинители. Тоа е спротивно на законот, а постапката ја извршија нетранспарентно, со отсуство на јасни аргументи и образложенија, вели коалицијата.
Вака приближно гласи веста што деновиве ја објавија речиси сите медиуми. Случајно е избрана меѓу повеќето слични и зборува за начинот на работење на дел од огромниот државен апарат. Наспроти сите јавно декларирани заложби на првите луѓе на државата, наспроти голем број апели на меѓународниот фактор за почитување на законите и прописите, наспроти позитивните практики низ светот, некои од „недопирливите“ јавни службеници си тераат по старо. Како досега, што би рекол еден познат политичар, со задоволство цитиран од негов собеседник.
Интересно е да се следат сите овие катадневни манифестации на самоволие и непочитување на законите, истовремено со паралелното откривање на сомневања и индиции за криминални однесувања на доскорешните државни и локални функционери, од кои повеќето се веќе проследени до правосудните органи, па се чека нивна евентуална разврска. Речиси да нема ден, а власта да не презентира информации за нов скандал, за нова злоупотреба од поголеми размери.
Па така, ако пред извесно време јавноста реагираше дека во наводите за можни злоупотреби на поранешната министерка за култура се работи за навистина минорни суми за толку големо медиумско внимание, овој пат бројките што ѝ се презентираат на јавноста се загрижувачки. Ако се точни наводите и ако навистина се толку големи сумите како што се презентираат деновиве, тогаш обвинителствата и судовите би требало што побргу да се фатат за работа и да откријат докрај за што се работи. Ако навистина некој така безмилосно го празнел државниот буџет за да си ги полни џебовите, тогаш во најмала рака треба да се издејствува враќање на парите назад, а сите што се дрзнале да бркнат во медот да заминат на заслужен одмор зад високите ѕидови на Идризово. Ништо помалку и ништо повеќе.

Треба ли да наведуваме примери? „Околу 60 компании од различни дејности испумпале 3,2 милиони евра од буџетот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) со фантомски проекти“, „Во компанијата МЕПСО постојат сомнежи и индиции за злоупотреба на три милиони евра“, се само мал дел од информациите што деновиве предизвикуваа оправдана реакција на јавноста. Секојдневно слушаме во неверица со каква леснотија се испумпувале пари од државната каса, какви сѐ злоупотреби се правеле буквално на сите страни, а веројатно тоа ни оддалеку не е крајот на сето она што ќе се открие во наредниов период.
Токму затоа, потребен е брз и одлучен одговор за сите вакви злоупотреби, пред сѐ за да се покаже дека правосудството има капацитет да се справи со предизвиците, но и за да им се укаже на сите што се инволвирани во вакви дејанија дека веќе нема да се толерира нивното однесување. Нема белки повторно да бидеме сведоци на „наши“ и „ваши“ судии и обвинители што ќе ги чуваат случаите „заборавени“ во своите фиоки со години, како што беше случајот многу години наназад, па се редеа легенди за „тефтерчиња“, за обвинители блиски до овој или оној, за кланови и што уште не.

Гледавме сѐ и сешто, само не видовме ред, колку и да звучи сурово.
Срамота е само да седиме како да сме беспомошни и да чекаме Европа да ни кажува како да работиме и каде грешиме. Крајно време е да ги засукаме ракавите и самите да си ставиме ред во државата.
Деновиве се изнагледавме примери со нагласен сомнеж за сериозни криминали, кои бараат соодветна разврска. Нивното расчистување, како што налага законот и во разумен рок, нека биде првиот доказ дека можеме самите да се справиме со злото што ја подјадува државата. Секое одложување и одолговлекување ќе оди во прилог на оние што го вперуваат прстот во правосудството, сомничејќи го за неспособност. Ќе се увериме ли конечно во спротивното?