Има ли Македонија кораб (арка) да ја преживее европската бура?

Во Европа беснеат бури, некои земји се во големи кризи, а се чини најголемата бура се случува во Франција, каде што падна владата по само 91 ден владеење, а веќе е подготвен и свилениот гајтан за претседателот Макрон…, но тука некаде се и шансите за пробив на Македонија

Во Европа беснеат бури и тоа нема никаква врска со климатските промени. Ајде, народски да речеме дека климата е природна појава и циклуси што се во доменот на Господ, а бурата е во доменот на политичарите. Метафорично, тие во последнава декада ги извадија и ноќите на долгите ножеви и кристалната ноќ и вартоломејските колежи, па и една варијанта на Барбароса… во некоја друга посуптилна форма. Но факт е дека сме во бурни времиња. Факт. Како што е факт дека Европската Унија станува сѐ поочигледен создавач на кризи, наместо да ги решава, да ги спречува и да реагира предвремено. Ние како држава Македонија и како Македонци сме во таа бура. Дали имаме наша арка? Можеме ли да испливаме, да не се потопиме? Секако дека можеме. Но првин мораме да ја направиме арката, а доцниме. Се тркаме со времето – побрзи ќе бидат поплавите или изградбата на коработ. Ете, им давам на нашите политичари улога на столари, дограмаџии, тишлери, наместо на овчари, кои имаат задача што поскоро да се фатат за теслите и да го направат коработ, кој својот етимолошки корен го има во старозаветните приказни, каде што Господ му ги дава законите на Мојсие (Хореб или Кореб).

Најголемата бура се чини во моментов се случува во Франција, а таа како глобален играч има влијание, ако не глобално, барем во многу држави и региони и надвор од Европа. Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН таа има морална обврска и право да се грижи за светскиот мир. А како кога е во криза? Претседателот Емануел Макрон реши да се коцка, па и да прокоцка многу од својот политички кредибилитет кога распиша предвремени избори, кои ги изгуби. Сега неговата влада предводена од премиерот Мишел Барние падна по само 91 ден и влезе во графата на премиер со најкус мандат. Не издржа ни до стотка. Падна зашто не може да владее, а обидот да носи закони со декрет е стопиран во парламентот. Сега е прашање дали Макрон ќе остане претседател до 2027 година или на неговата „конзерва“ пишува – рокот истекува во декември 2024 година?

Дали ќе го направиме коработ за да ги преживееме европските бури? Или ќе направиме два, онака како што сме поделени во Македонија по етнички линии? Или ќе правиме еден голем кораб, а некои ќе ги вадат тајно чивиите? Постојат повеќе варијанти, а токму во криза се гледаат силата на народот и мудроста на неговите водачи. Она што го видовме со училишната приредба на дечињата во Челопек, кои носеа пушки и ознаки на УЧК, е синдромот на двојната реалност (биполарно однесување на нацијата). Во кого нишанеа тие дечиња, кого убиваа тој ден? Утре ќе се вработат и ќе делат канцеларии со колеги за кои ништо не знаат, а некогаш нишанеле во нив, а ниту тие, пак, ќе знаат нешто за нив. Добро реагираше министерката Јаневска

Во соседна Германија сега размислуваат за предвремените општи избори, Меркел ги промовира своите мемоари, а она што остана од владата на Шолц ја рециклира политиката на некогашната лидерка на ЦДУ, па богами и најмоќната политичарка во Европа – почнува процесот на масовно враќање нелегални имигранти. Ќе ги враќаат и кај нас со специјални летови до скопскиот аеродром. А, после?
Кога Германија и Франција се во криза, не само политичка туку и економска, кога ни се враќаат сликите на работничките протести од 70-тите години на минатиот век, јасно е дека Европа зацапува во лош циклус, во лошо време кога и зимата тропа на врата, а гасот го снемува и станува поскап. За ЕУ нема добри вести ни од Украина, а сега ни од Грузија. Во Брисел страхуваат за европските вредности! Бидете сигурни дека тие случувања немаат врска со базичните вредности на Унијата, оти самата ЕУ отишла предалеку од тие базични вредности. Јасно е дека моите вредности не се исти со тие во Финска или во Данска, како што ни во Грузија не споделуваат исти вредности со другите народи. Поентата е дали ќе има заедничка почит на различните вредности.
Кога на Макрон му е веќе ставен свилениот гајтан и јасно е дека канцеларот на Германија, Олаф Шолц, има неизвесна политичка иднина, најверојатно ќе биде сериозно поразен на изборите, прашањето е каква е сега Унијата откако и Велика Британија излезе од тој блок? Се чини дека Брисел го загуби моторот, движечката сила, но и влезе во замката на двојните стандарди спакувани како флоскула – ги браниме вредностите. Така, во моментов како најстабилна и најмоќна политичка фигура се профилира и гордо стои на сантата мраз на немирното море претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Интересно е да се анализира нејзиниот тим во кој доминираат жени. Две потпретседателки – Тереза Рибера и Хена Виркунен, а за надворешната политика е задолжена Каја Калас, додека за проширување Словенката Марта Кос. Ако анализираме врз основа на архетипот на жената, можеме да очекуваме жестоки политики, пуштање нокти особено кон Русија, но ништо понежни нема да бидат ни кон членките во Унијата. Дали е тоа добро или лошо не знам, но и Макрон е соочен со „женскиот елемент“ во ликот и делото на Марин Ле Пен. Нејзината порака до Макрон за гласањето за доверба на владата беше – моравме, затоа што ти ги уриваш темелите на француската држава. Ножевите се веќе извадени, одамна. Таа кажа – седум години те трпиме, доста беше. Сега се тестира градбата на францускиот брод што плови во разбранувано море. Порано имаше добри столари, но и добри кормилари. А, сега?

Сега сме на Балканот, каде што во политиката сѐ уште има повеќе овчари од столари, но и тоа е нешто. Научен е Балканот на маки и тешкотии, на перипетии и дворски игри. Србија е повторно блокирана, таа барем засега, нема да може да го отвори кластерот 3, зашто против се Финска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Дали е ова казна за Вучиќ и за Србите дека не го признаваат Косово? Само во еден дел, во другиот е најава што во иднина ќе ги чека Србите на патот кон ЕУ – соседите Хрватска и Бугарија им „телефонираат“ дека тие ќе имаат свои побарувања. А токму Хрватска им испратила нонпејпер на Црногорците, кој содржи десет точки меѓу кои границата (опааа!), сопственоста на бродот „Јадран“, пронаоѓањето исчезнати лица, името на градскиот базен во Котор, гонење воени злосторници, ставот на Подгорица за логорот во Јасеновац… Воопшто тоа не се лесни прашања и покрај тоа што овие држави некогаш беа во братско-единствена Југославија. Други времиња беа тоа, се заборавило, а ни сукцесијата на имотот на непостојна СФРЈ уште не е докрај распределен. Има и за земање и за враќање.

Што може Македонија да очекува и може ли да направи пробив на своите политички аргументи, пред сѐ дека Уставот нема да се менува ултимативно? Има сериозни назнаки дека може, но стратегијата треба да се прави кон пробивање на внатрешните ѕидови на Европската комисија. Со Фон дер Лајен беше разговарано и овде во Скопје, но треба да се пристапи до Марта Кос. Нејзината изјава (следете го женскиот архетип) дека Македонија мора да го смени Уставот, „ништо повеќе ништо помалку“ (nothing more, nothing less), е изјава бастион и тој мора да се нападне. Во политиката мора да се најде простор меѓу ништо повеќе и ништо помалку, затоа што ни реченицата „на крајот на денот“ не значи дека денот завршил и оти нема ноќ кога ќе се преспие и ден кога ќе се дојде до нови идеи, нови решенија. За Македонија е компликувана состојбата со тоа што Бугарија е во долгогодишна криза и не може да избере претседател на Собранието и да формира влада. Сепак, упорноста на Мицкоски во Брисел аргументирано да ја повторува македонската позиција, Муцунски да ги подотвора дипломатските врати, а претседателката Силјановска-Давкова да биде антипод на агресивната позиција на тимот на Фон дер Лајен со нејзината културна дипломатија, секако ќе дадат резултати. Не случајно Атина почна да се јавува, оти радарите на Мицотакис чувствуваат промени. А тие ќе бидат сѐ повидливи со доаѓањето на власт на новата американска администрација.
Но, коработ, дали ќе го направиме коработ? Или ќе направиме два, онака како што сме поделени во Македонија по етнички линии? Или ќе правиме еден голем кораб, а некои ќе ги вадат тајно чивиите? Постојат повеќе варијанти, а токму во криза се гледаат силата на народот и мудроста на неговите водачи. Она што го видовме со училишната приредба на дечињата во Челопек, кои носеа пушки и ознаки на УЧК, е синдромот на двојната реалност (биполарно однесување на нацијата). Во кого нишанеа тие дечиња, кого убиваа тој ден? Утре ќе се вработат и ќе делат канцеларии со колеги за кои ништо не знаат, а некогаш нишанеле во нив, а ниту тие, пак, ќе знаат нешто за нив. Добро реагираше министерката Јаневска.

Во меѓувреме од Бугарија стигнаа вести дека нивните ученици на тестирањата по природни науки и математика биле на 14 место од 59 земји. Ние бевме некаде на опашката. Можеби некои од тие тестираните мавтале со знамиња или палеле знамиња, наместо да учат, да бубаат и да размислуваат за своите кариери, а не да им отвораат работа на столари што ќе прават мртовечки сандаци.