Идеологијата на „ќемидадешковците“

Македонскиот народ не е маса. Сѐ би можел да си претставам, но никогаш не можам да помислам, дека македонското племе, дури и да се удвои, да се учетвори, би можело да се претвори во маса, во некакво безлично колективно цело. Во тоа пројавување на македонската природа не треба да се бара некакво сознајно противдејство на општото, туку треба да се види живата вера во Македонецот, вера во сопствените сили, доверба во сопственото искуство

Можеби некому ќе му звучи апсурдно, но реалноста вели дека во 21 век македонското општество е сведок на една бугарска пропаганда, која има цел да го видоизмени македонското национално чувство. Со децении разно-разни бугарски емисари со своите антихумани дејанија го вообразуваат македонскиот народ како стадо овци. И тука нема ништо ново! Денес, некој си дава за право постојано да ги навредува националните чувства на Македонците, но тоа не треба да нѐ зачудува. Дека нешта си останале исти и не се промениле потврдуваат и спомените на македонскиот револуционер и деец Христо Поп Коцев. Во тие спомени, објавени во 1922 година во главниот град на Бугарија, можеме да прочитаме дека македонските учители биле навредувани со зборовите – просјаци, ќемидадешковци, цигани и ќе ми дадеш пари ќе се чинам Бугарин. Овој однос кон Македонците се должи на една апсурдна идеологија, која е неразделно поврзана со санстефанскиот идеал – велика Бугарија од Црно Море до Охрид.
Но како размислуваат бугарските пропагандни емисари? Имено, нивната логика наметнува едно апсурдно видување дека „Македонецот нема индивидуално убедување, туку резонирање на толпа“. Оттука бугарските пропагандисти постојано повторуваат дека: жителите на Македонија се во заблуда, тие се излажани за историјата на географскиот регион Македонија. Просечниот Македонец е југоносталгичар, 90 отсто од жителите на Република Македонија се Србо-Македонци, не можеш да им објасниш на над милион Македонци што го прифатиле српскиот македонизам како своја идеологија дека Македонија е бугарска. Мнозинството од словенското население на македонската држава ја прифатило идеологијата на српскиот македонизам, идеологија што довела до уште едно небугарско, уште повеќе антибугарско македонско национално чувство… и сѐ така до бесконечност“.
Пак прашувам: Што побогу сакаат бугарските пропагандисти?! Македонското општество да ги прифати своите бугарски национални и јазични корени и да се престане со фалсификување на македонската историја, со други зборови да се прифати како вистина дека македонската нација е вештачка творба. Затоа постојано македонскиот граѓанин е бомбардиран со дезинформациите дека Гоце Делчев е бугарски национален деец, кој се борел за слободата на македонските Бугари, какви глупости!

Неколкупати досега сме ја нагласувале апсурдноста на ова искажување, но повторно ќе ги повториме пишувањата на списанието „Македонија“. По објавувањето на биографијата на Гоце Делчев од страна на Пејо Јаворов, споменатото списанието во април 1904 година објави една статија во која се вели дека Јаворов говорел за сепаратизам, како и дека Јаворов бил добар поет, но слаб историчар и не ја познавал психологијата на сепаратистите. Во понатамошниот дел можеме да прочитаме дека „сепаратистите не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам“. Во споменатиот текст во фуснота исто така може да се прочита и следното „владиката Теодосиј во 1893 или 1894 година издавал крштелни сведителства во кои наместо Бугарска егзархија пишувало православен христијанин“.
Историските документи и сведоштва ја потврдуваат глупоста на современата бугарска пропаганда, но историјата нема ништо заедничко со бугарските пропагандни дејанија. Како и секоја пропаганда, денешната бугарска пропаганда се служи со манипулации, навреди, инсинуации, фалсификувања, вадење од контекст и сѐ така тоа нема крај. Заблудени од својата идеолошка матрица, бугарските пропагандисти не го сфаќаат тоа. Без разлика дали по стотина пати ќе ја повторуваат истата лага, лагата нема да стане вистина затоа што Македонецот е на јасно, си ги знае своите корени, како што неговите предци си ги познавале.
На крајот, ќе завршиме со зборовите на Георги Томалевски, кој во 1927 година во Софија го објави следното: „Македонецот е најсилен во личната акција. Стилизиран индивидуалист, роден во душата со бунт против секое ограничување, тој дава израз на тоа свое самочувство и тогаш, кога е поставено на карта и неговото суштествување. Македонскиот народ не е маса. Се би можел да си претставам, но никогаш не можам да помислам, дека македонското племе, дури и да се удвои, да се учетвори би можело да се претвори во маса, на некакво безлично колективно цело.

Во тоа пројавување на македонската природа не треба да се бара некакво сознајно противдејство на општото, туку треба да се види живата вера во Македонецот, вера во сопствените сили, доверба во сопственото искуство. Да организираш еден народ на кого одделните елементи не се така силно индивидуализирани во една едно целна акција не толку тешка и невозможна, но да си водач на Македонија, треба не само да си над обичниот раст на водачите, но и да си генијален. Без колебање може да се каже, дека во македонските борби се јавиле личности, кој со својата волја, со својата упорност, ако беа на друго место, историјата би ги одбележала со големи букви, затоа што така како што ги гледаме во траурната книга на нашиот народ, така како што слушаме за нив, тие имале многу оган, многу енергија и духовна моќ. Сега да се обидеме да фрлиме еден поглед по внатре во пазувите на македонската душа. Ако прифатиме, дека секоја личност, секоја индивидуа и народ се под знакот на четирите космички стихии, за Македонија и македонскиот народ ќе го прифатиме огинот. Во огинот се раѓа и во огинот завршува секое дело. Тој апокалиптичен почеток свети во секој чекор на нашиот народ. Огнената стихија е отпечатена во општите, главните линии на македонскиот карактер: во неговите решенија – брзи и стихијни, во бунтот, во верата што ја има во себе си“.