Да погледнеме малку и кон македонската уметност во овие политички пренатрупани времиња и периоди, впрочем добро ќе ни дојде и мало свртување кон неа како некој вид ескапизам, во смисла на бегство од политиката и секојдневните обврски. Јас веројатно не сум најголемиот познавач на македонската уметност, ама сепак, со оглед дека имам историја на „библиотетско минато“ (релативно доста време поминато на клупи во библиотека), имам некои лични ставови за уметноста воопшто, а и за македонската посебно. Сакам да кажам дека во голема мера ќе генерализирам и ќе допрам точки што мене ме имаат допрено.
Да почнам од книжевноста, одамна имам изградено мислење дека трите најважни македонски писатели се Коста Рацин, Глигор Прличев и Васил Иљоски. Оваа тројка за мене е најважна, иако може и да испуштам некој битен.
Прво, сите го сакаат Рацин. Таквата теоретска претпоставка се должи на неговата поезија преку која се истакнати душата и суштината на македонскиот народ, на работниците, на сиромашните и на сите обесправени. И како таков тој има моќ да сплотува, да создава единство, да обединува, да ги брише границите на меѓусебноста и индивидуалноста и да создава единство на идентитет. Ретки се тие што ја имаат таа моќ.
Кај Прличев, тоа што ми остави впечаток е визуелната моќ на „Сердарот“. Сите знаеме дека делото беше наградено во Атина, и за талентираноста и мудроста на Прличев, но за мене најсилна е визуелната моќ на „Сердарот“, кој и сто години од настанувањето изгледа исто свежо, како да гледаш филм кога го читаш.
Додека го читав Васил Иљоски во универзитетската библиотека пред повеќе од 20 години, на пауза се симнав на кафе во бифето и тогаш мојот пријател поет и детска телевизиска ѕвезда Марко Петрушевски, сега починат, бог да го прости, ме праша што читам. Јас му велам „Бегалка“, на што тој ми кажа дека Иљоски е како Шекспир, со што ми ја зеде мислата што ја имав додека го читав. На ова се досетив кога во текст на „Нова Македонија“ за Иљоски имаше пренесена изјава на професорот од Филолошкиот факултет, Димитар Пандев, во која и тој нагласува дека Иљоски е наш Шекспир, а таквата констатација веројатно важи и за други познавачи на Шекспир и Иљоски. Разликата е во тоа што Шекспир за овие стотици години континуирано се преработува, се усовршува и се модернизира и јазично, ама и се осовременува, и се збогатува и делото, барем така велат шекспиролозите. Делото на Иљоски е богато со мудрости, речиси исто како оние на Шекспир, кои се збогатувани низ вековите. Дури мислам дека Иљоски е потценет поради неговата фолклорна боја во творештвото. За современиот човек средбата со „Бегалка“ изгледа како средба со фолклорно дело и поради тоа многумина не успеваат да ја видат големината на авторот, иако уживаат во делото.
Како и писатели, имаме и големи сликари. Кога во своите рани дваесетти години случајно видов во книга слики од Мартиноски, Лазар Личеноски итн., на некој начин чувствував дека тоа се големи сликари иако моето разбирање на сликарството и на уметноста воопшто, независно од медиумот, се разви многу подоцна. Сликарството нема национални и географски бариери, со што може да биде и подостапно за светот. Македонија веројатно има големи сликари затоа што традицијата ја одиграла својата улога. Во Македонија со векови под ропство, не можеле да се развиваат другите уметности како на Запад, со што настанувањето на романот се врзува со државата. Значи Македонија во ропство, освен народното творештво, имаше сликарска традиција во црковното сликарство, со голем број ремек-дела што ги исполнуваат црквите. Тоа беше можност и ликовно да се едуцираат заинтересираните и да се пренесува таа традиција на мајстори на ликовната уметност.
Меѓу нашите најголеми живи македонски уметници ги сметам Милчо Манчевски и Влатко Стефановски. Сите знаеме дека за Влатко со право се вели дека е виртуоз и тоа е она што него го карактеризира пред светот. Виртуозноста повеќе упатува на мајсторство, на умешност пред уметност. Додека за Милчо е слично и со оглед на тоа дека филмот и режијата бараат исто така многу повеќе умешност на сметка на уметност, иако има режисери со понагласена уметничка црта. Оваа карактеристика на режисер на филм е корисна бидејќи умешноста или занаетчиството бараат и промисленост, организираност и ум.
Заедничко за сите овие големи уметници што Македонија ги изнедрила е што стекнуваме слобода и преку нивното творештво. Слобода во размислувањето, во идеите, националните определби, во создавањето и во желбата за постигнување совршенство. Тие твореле и во тешки времиња и нивната замисла успеала да биде изразена и да се пробие за да го облагороди и обедини народот. Токму затоа и на денешниот празник на ослободувањето треба да ги истакнеме нивните врвни постигнувања.
Сотир Ристо


































