И потсмевот нека даде надеж

  • И сепак, колку и да звучи парадоксално, во целата оваа врева се случува еден значаен пресврт: за првпат по долго време, јавно и гласно, се зборува за враќање на иселениците. Темата што со години беше маргинализирана или сведена на празни патриотски фрази, сега влезе во центарот на јавниот дискурс – дури и преку потсмев

Од разочараност, песимизам и чувство на бесперспективност до масовно иселување. Таква е демографската траекторија на Македонија во последните децении, во кои како најалармантни проблеми постојано се спомнуваат бесповратното заминување на работоспособното население и одливот на мозоци, отворајќи прашања како да се задржат младите во државата.
Деновиве се апелира до иселениците да се вратат дома, но наспроти сериозноста на повикот, тој наидува на иронија, па дури и на потсмев, со лавина од пародии на социјалните мрежи?! Шегите што кружат на интернет се сурови, но искрени, правејќи споредбата меѓу уредениот, богат и предвидлив Запад и Македонија, оптоварена со долгорочните проблеми на институционална нестабилност, корупција и недоволно висок животен стандард. Публиката се смее на хуморот, но тој е горчлив. Шегите се своевидна одбрана од разочарувањето, начин да се преброди апсурдот. Кога реалноста е тешка, иронијата станува последното прибежиште.
И сепак, колку и да звучи парадоксално, во целата оваа врева се случува еден значаен пресврт: за првпат по долго време, јавно и гласно, се зборува за враќање на иселениците. Темата што со години беше маргинализирана или сведена на празни патриотски фрази, сега влезе во центарот на јавниот дискурс – дури и преку потсмев.
Токму тука повиците на премиерот Христијан Мицкоски до иселениците треба да се гледаат како почеток, а не како конечна цел. Тие можат и мора да бидат иницијална каписла за промените што одамна се одложуваат: вистински економски реформи, создавање функционални институции, беспоштедна борба против корупцијата и создавање услови во кои младите нема да бараат билет во еден правец. Затоа што без тие промени, секој повик за враќање ќе звучи празно и ќе остане материјал за нови пародии.
Факт е дека до вчера бесперспективноста кај младите беше толку длабока што речиси секој трет размислуваше да ја напушти земјата. Особено загрижува фактот што идејата за напуштање на земјата се јавува уште во најмладите години, кога наместо да се фокусираат на личната наобразба заради подобро реализирање во својата татковина и нејзин напредок, младите размислуваат како своето стекнато знаење и квалитет подобро да ги продадат надвор. Иселувањето доби загрижувачки размери и сè уште продолжува. Затоа вистинското прашање не е дали некој ќе се врати утре, туку дали државата конечно ќе испрати јасен сигнал дека е подготвена да се менува денес. Велат на младите е иднината, но клучното прашање, всушност, е каква ни е сегашноста.
Оптимизмот не се создава со изјави и статистики, туку со правна држава, достоинствени плати и чувство на сигурност. Иселениците нема да се вратат затоа што некој им кажал дека „работите одат на подобро“, туку кога тоа ќе го почувствуваат во сопствениот живот.
Дали ќе победат оптимизмот и „зборувањето за убави работи“ или песимизмот и бесперспективноста не е прашање на реторика, туку на одговорност. Тоа е задача на сите – на власта, на институциите и на општеството во целина. Само тогаш враќањето ќе престане да биде иронична тема и ќе стане реална можност. Во спротивно, доколку не се случат промени во однос на подобрувањето на условите за живот, политичката ситуација, вработувањето, животната средина… и понатаму ќе се соочуваме со континуирано заминување на младите, при што неповратно од Македонија ќе заминуваат умот, енергијата и креативноста што можат да ѝ помогнат на земјава. Затоа вистинско време е сите засегнати страни во земјата (државните институции, бизнис-секторот и академската заедница) да понудат соодветни решенија за економските политики, обезбедување повисок раст на БДП, стабилен и одржлив развој, искоренување на корупцијата и зајакнување на институциите и правниот поредок, што ќе придонесе не само за подобар животен стандард туку и Македонија да стане подобро место за живот.
Враќањето на иселениците и задржувањето на младите би било најголема победа уште од независноста на државата, од која зависат одржувањето функционално општество и нашата иднина.

Сотир Ристо