И по една година, уште исто боли…

  • Она што сега може да се направи, освен само вербално да се зборува колку трагедијата нè погодила сите, е да им се помогне на родителите на настраданите, да знаат постојано дека не се заборавени од државата, но и од целото македонско општество. Тоа значи и дека државата и нејзините институции не треба да се олабават и повторно да прогледуваат низ прсти за слични аномалии што доведоа до трагедијата во Кочани

Помина една година од страшната трагедија во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Како да беше вчера тоа злокобно неделно утро кога бев седнат покрај компјутерот за да ги проследам најновите вести, да видам што се случило на домашната и на светската политичка сцена. Тоа е наша професионална деформација, дури и тогаш кога сите одмораат, ние проверуваме да не се случило нешто. А поарно никогаш да не се случеше тоа што утрото се најде на сите насловни страници во домашните и во странските медиуми. Буквално во еден момент ми се пресекоа рацете и нозете, едноставно не ми се веруваше во она што го читав. Толку млади животи да згаснат одеднаш во еден миг, тука, на чекор до своите домови, до своите родители, кои и не насетувале дека таа вечер можеби последен пат им дале џепарлак, ги прекориле родителски да се вратат со време дома, да внимаваат некој да не им подметне дрога, да не се враќаат сами… И повеќе не ги видоа…
На една година од трагичниот настан, во Кочани осамнаа 63 бели празни столчиња, како симбол на „63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“.
И по една година е тешко да се најдат зборови на утеха, оти ги нема, не постои такво нешто што ќе ја надомести загубата, која е ненадоместлива, загубата што секој родител ќе ја носи длабоко во своето срце и својата душа додека еден ден повторно не се соедини со своето најмило. Сега, тука, остануваат само тагата и деновите еден по друг колку да се врти душа.
Една година и сè уште ми трепери срцето додека ги пишувам овие редови. Не познавам ниту еден од тие млади луѓе што таа вечер ѝ се радуваа на младоста, но од тој трагичен момент толку пати си помислив во себе како немаше некој внатрешен глас да поучи некого да не ги пали прскалките, да направи вистинска дискотека во која сите ќе се чувствуваат безбедно, да стави повеќе врати за нормално напуштање на објектот, да инсталира огноотпорни материјали и противпожарна заштита, да издаде онолку билети колку што можат безбедно да се сместат луѓе во внатрешноста… Барем некој да го ставеше прстот на челото и да помислеше дека млади деца се собираат секоја вечер таму и дека нивната безбедност нема цена, дека едно или две сепариња повеќе или помалку нема да го направат побогат, дека две или три функционални врати ќе значат повеќе спасени животи наместо да се грижи дали низ тие врати и прозорци некој ќе влезел без билет, па затоа морало да се вадат кваките и да се ставаат решетки на прозорците. Знам дека некој од оние што биле одговорни за клубот, а кои се соочуваат со правдата, сега би отвориле и десет врати, слободно би пуштале и малолетници внатре на џуниор-забави, па дури и би замижале на оние што без билети се шмугнуваат благодарение на познанството со шанкерот, келнерот, музичарите… Ама доцна е, се случи, 63 бели птици летнаа засекогаш.
Она што сега може да се направи, освен само вербално да се зборува колку трагедијата нè погодила сите, е да им се помогне на родителите на настраданите, да знаат постојано дека не се заборавени од државата, но и од целото македонско општество.

Тоа значи и дека државата и нејзините институции не треба да се олабават и повторно да прогледуваат низ прсти за слични аномалии што доведоа до трагедијата во Кочани. Гледам по Скопје некои од клубовите отштемале понекој отвор за дополнителна врата, ја опшиле рамката онака со пур-пена што гори како луда и ослободува токсини, купиле пет-шест нови противпожарни апарати и мислат дека ја завршиле работата. А самите објекти, прчварници. Ако во Скопје е така, тогаш може да замислиме како е во другите места низ државата каде што вообичаено контролата е многу помала, а конекциите меѓу локалните моќници и локалните власти се испреплетени како црева.
Можеби ќе звучи ригорозно, но државата не треба да даде ниту една дозвола за каков било ноќен клуб ако не исполнува максимални безбедносни услови. МАКСИМАЛНИ! Подобро младите нека се жалат дека немало ноќен живот отколку сите подоцна да жалат за не дај боже нешто слично на Кочани.
Нека се вработуваат инспектори наместо административци што седат по канцеларии, па нека излезат сите на терен, заедно со полицијата, нека ги чешлаат сите објекти, станбени, угостителски, да нема ниту милиметар отстапка ако нешто не е направено според безбедносните протоколи.
Ако нешто треба да научиме по една година од трагедијата во „Пулс“, тогаш треба вечно да паметиме дека 63 животи згаснаа во една ноќ за многу други генерации да живеат безбедно и сигурно. Тоа е најмалку што им должиме на оние што изгубија некој свој сакан во оваа трагедија, а државата треба да знае да го вреднува и да го почитува тоа. Нека им е вечен поменот!