Економско-енергетските предизвици за ЕУ, кои генерираат социјална загрозеност на населението, поради падот на стопанството, сериозно се закануваат да прераснат во закана за сигурноста на Европејците: непреченото одвивање на стопанството, индустријата, реалната економија, работните места, па и загрозување на досегашниот начин на живеењето на европските граѓани. Трпението на Европејците сѐ повеќе се тенчи пред изборот за сопствениот животен стандард и политичко-воените амбиции на геополитичките елити. Европските лидери се растргнати меѓу сојузништвото со САД, кое имплицира континуирана поддршка на Украина, што значи продолжување на војната (без видлива опција за барање излез во договор за мир), и притисокот на своите незадоволни граѓани од таквата состојба
Откако помина првата година од воениот конфликт на европскиот континент, меѓу Русија и Украина, дефиниран како „регионален со глобални последици“, навидум како да стивна онаа првична паника за енергетски ресурси, па и за храна во европските земји. Но тоа е само навидум. Вистината е дека со секој ден гладот за енергенти, дефицитот од замаецот за европското стопанство, прекинат синџири на снабдување, инфлација, пад на индустрија итн., е сѐ поголем. Намерно или не, медиумскиот интерес за текот на војната (како некаков вид дефокусирање) повеќе се насочи на политичките и геополитичките проекции и предвидувања за победите или поразите на страните во конфликтот, а иницијативите барем за прекин на воените активности (ако во мигов не е можен конечен мир како решени) се чини се игнорирани од двете страни.
Но, реалноста е дека речиси секојдневно, доколку малку повеќе човек се задлабочи во пребарување на интернет, се сретнуваат информации за банкроти. На пример: „Германија ја тресе нов банкрот: Познат производител на електрични автомобили на колена – не можат да ги вратат парите за однапред платени возила“ или „Култна фабрика престанува со работа по 123 години“, „Голем трговски синџир во Австрија става катанец на продавниците: Новиот сопственик најавува отпуштање на 3900 работници“… Обично на крајот на секоја информација за нов банкрот, медиумите потсетуваат дека бранот на банкротот силно ја има погодено малопродажбата, како во Германија, така и во светот. Се затвораат продавници за облека, синџири за мебел и различни специјализирани малопродажби.
Ваквите наслови се само површинскиот дел од економската криза, што се манифестира видливо пред европската јавност, предизвикана од ефектот на војната што се води на источниот крај од континентот, дури и меѓу земји што не се дел од Европската Унија, но со кои земјите од ЕУ (особено Германија) економски, енергетски, трговски интензивно соработуваа и својот развој во голема мера го темелеа на таквата соработка. Војната во „соседството“, предизвика реални проблеми во земјите на ЕУ, па и економски најмоќните во неа се соочуваат со предизвиците на скротување на инфлацијата, високите цени на енергентите што е причина за трендот на деиндустријализацијата, но и бегството на фирмите во САД.
Економско-енергетските предизвици за ЕУ, кои генерираат социјална загрозеност на населението, поради падот на стопанството, сериозно се закануваат да прераснат во закана за сигурноста на Европејците: непреченото одвивање на стопанството, индустријата, реалната економија, работните места, па и загрозување на досегашниот начин на живеењето на европските граѓани. Трпението на Европејците сѐ повеќе се тенчи пред изборот за сопствениот животен стандард и политичко-воените амбиции на геополитичките елити. Европските лидери се растргнати меѓу сојузништвото со САД, кое имплицира континуирана поддршка на Украина, што значи продолжување на војната (без видлива опција за барање излез во договор за мир), и притисокот на своите незадоволни граѓани од таквата состојба.
Првата и најголема траума од секоја војна и секое нејзино продолжувањето е загубата на човечките животи, на двете страни од судирот. Секоја човечка жртва само го зголемува товарот на бесмисленоста на оружените судири, особено во 21 век, кога сето историско искуство на човештвото потврдува дека сите војни завршуваат на преговарачка маса. Покрај стравот од можноста за неконтролирано ескалирање на војната од регионална во глобално прелевање во некоја точка од иднината, во сегашноста на европските граѓани сѐ повеќе се дефинира чувството дека тие не се виновни за бесмисленоста на војната во „соседството“. Но и покрај тоа, и тие на свој начин ја плаќаат цената на војната. Можеби не плаќаат со човечки животи (како оние во Украина), но сметките на Европејците за многу животни потреби се неколкупати поголеми отколку во некои други земји во светот. Продолжувањето на војната во Украина, Европејците го плаќаат во форма на рекордно високи цени на енергенти, рекордно висока инфлација, рекордно високи цени на храна, стоки итн. Конкурентноста на европската економија е полоша од кога било. Во земјите на ЕУ гасот во последнава година се плаќа седум пати поскапо отколку во САД, а струјата трипати поскапо во споредба со цените во Кина.
Одложувањето на барањето мировно решение за конфликтот, кој трае 16 месеци, меѓу Русија и Украина, ја става ЕУ во сериозна неволја. Трендот на пад на БДП во Унијата се заканува да ги направи бесцелни процесите што се водат во неа, како проширувањето и внатрешните реформи, што според Брисел треба да доведат до праведна демократија на континентот.
И сега Унијата има проблеми со двојните стандарди во однос на спроведување на сопствените принципи во спроведувањето на овие процеси, но со проекцијата за економска депресија (доколку продолжи војната), сериозно се доведуваат во прашање нејзините адути, односно атрактивноста на нејзините фондови, со кои ги одржува авторитетот и влијанието врз кандидатите, и покрај тоа што не е секогаш веродостојна во своите ветувања. Впрочем, Македонија има трауматично искуство со веродостојноста на ЕУ, но и понатаму е на европскиот пат. Поедноставно кажано – попусто ќе бидат проширувањето и апсорпцијата на нови членки (а членство сега им се нуди и на Украина и Молдавија) ако ЕУ ја изгуби својата сигурност, безбедност, својата моќ, а сето тоа базирано на втемелени универзални принципи, кои полека се уриваат.
Секако, постојат повеќе теории за иднината и опстојувањето на ЕУ, кои главно се поврзани со сојузништвото со САД и дистанцирањето од Истокот во новата прераспределба на моќта и зоните на влијание. Сепак, економскиот прогрес и праведноста се основните принципи за стекнување, но уште повеќе за одржување на моќта. А тие, прогресот и правдата секогаш подобро виреат во мир, а најбрзо „гинат“ во војна!