Неодамнешните случаи со загрозување деца во Скопје и во Велес укажуваат на потребата за покажување поголема емпатија и грижа, како и за обрнување
поголемо внимание на најблиските, пријателите и колегите, но најмногу на најмладите, со цел како општество подобро да се справиме со предизвиците на кои наидуваме, живеејќи во средина секојдневно оптоварена од голем број проблеми. Потребно е да бараме одговори и начини за превенција пред да биде предоцна
Бебе во тешка здравствена состојба било оставено во центарот на Велес, по што го пронашол случаен минувач и го однел во болница, каде што педијатрите со вложување големи напори успеале да му го спасат животот. Оваа вест од минатиот викенд со сигурност ги вознемири сите што наидоа на неа, оставајќи ги да се прашуваат кој го оставил беспомошното седуммесечно бебе на улица и како воопшто се случил ваков инцидент? Набргу, во велешката општа болница се појавила мајката на детето, која е на приближно 20-годишна возраст, се претставила и потоа заминала, според информациите споделени од полицијата.
Ваквиот потресен настан во извесна мера потсетува на филмот „Губејќи го Ајзеа“ од 1995 година, во кој оскаровката Хали Бери глуми млада мајка, зависничка од дрога, која го остава своето бебе во контејнер и ветува дека набргу ќе се врати по него, но го прекршува дадениот збор кон синот Ајзеа откако зема наркотици. Таа подоцна завршува на рехабилитација, се одвикнува од употребата на дрога и по три години дознава дека нејзиниот син е жив и посвоен од брачна двојка. Ликот што го толкува Хали Бери тогаш влегува во правна битка, во која со силна решителност и голема желба за соединување со нејзиниот син, се бори за враќање на старателството над Ајзеа. Овој филм едно време се даваше мошне често на нашите телевизии, но мајката од Велес е мошне млада и веројатно не го гледала, за можеби да извлече поука за грижата за своето бебе.
А имаме и поново домашно филмско остварување на оваа тематика снимано годинава, инспирирано од сличен случај како оној во Велес, што исто така може да послужи како предупредување. Станува збор за долгометражниот филм наречен „17“, снимен според вистинит настан што се случи во 2016 година, кога студентка од Скопје го фрлила во канта за отпадоци своето живородено бебе, во тоалет на граничниот премин „Табановци“ и заминала на апсолвентска екскурзија во странство. Македонија и тогаш беше згрозена од овој чин што, за жал, заврши со смртен исход, со згаснување на тукушто почнатиот живот на новороденчето, прашувајќи се како и зошто дошло до трагедијата. Можеме само да се надеваме дека филмот што зборува за секојдневните притисоци со кои се соочуваат младите, живеејќи во општество во транзиција, навистина ќе допре и до оние за кои е наменет.
Згора, македонската јавност речиси истовремено со случајот во Велес беше дополнително вознемирена и од сознанието дека четворица тинејџери на возраст од 15 до 17 години биле пронајдени во несвест во стан во Скопје, при што кај сите било докажано присуство на психоактивни супстанции во крвта по лабораториска анализа. За среќа, тинејџерите, како и бебето во Велес го избегнаа најлошото.
Откако ќе помине првичниот шок, почнуваат да се бараат одговори за причините за ваквите немили случувања, со цел тие да се превенираат и никогаш повеќе да не се повторат. Во ситуација кога се намножија голем број проблеми што секојдневно го тиштат народот, може само да се претпостави какви се нивните ефекти по здравјето и по психичката состојба. Па така, имаме вжештена реторика на домашната политичка сцена, во која од ДУИ се слушаат и отворени закани за радикализација со цел да го озаконат принципот „победник со победник“, здружен притисок од соседите Грција и Бугарија, кои намеруваат да употребат тајни и не толку тајни оружја против Македонија, пожари што беснеат низ државава, слично како и цените на секојдневните намирници, а тука е и африканскиот топлотен бран чии ефекти при екстремно високи температури ги чувствуваме со денови.
Јасно е дека предизвиците се големи, па не е греда ниту да се побара помош за тие да се пребродат. Извесно е дека ќе се огласат социолози и психолози, лекари и други стручни лица, кои знаат како да помогнат и да советуваат. Но секој треба да тргне првенствено од себеси, да покаже емпатија и грижа, да не замижи ако забележи и непознат човек на улица за кој се сомнева дека му е потребна помош, да обрне поголемо внимание на најблиските, пријателите и колегите, но најмногу на децата, пред да биде предоцна. При последните случаи во Велес и во Скопје избегната е трагедија, но тие укажуваат дека ситуацијата е крајно сериозна.