Граѓаните не се глинени гулаби

Мавтањето и заканата со огнено оружје на јавно место и негово вперување во народот, како последниот случај на плоштадот „Скендербег“, се тежок престап што мора да се осуди и санкционира. Државата не смее да си дозволи да има институции што не си ја работат работата како што треба и затоа ни се случува ова што ни се случува, што, пак, предизвикува загрозеност, но и згрозеност на граѓаните, кои ја губат довербата во институциите и безбедносните органи

Последниот инцидент на протестите против прифаќањето на францускиот предлог, на кој неколку лица на плоштадот „Скендербег“ извадија пиштоли и ги вперија кон граѓаните што протестираа, говори дека во државата постојат сериозни институционални пропусти, односно нефункционирање на одредени државните органи и тела, кои треба да се грижат за сигурноста и безбедноста на граѓаните.
Среќна околност е што во таа мешаница сè помина без повредени, или не дај боже загинати лица, оти во спротивно којзнае во која насока ќе отидеше целата работа.
Но едно е повеќе од сигурно, по ваков тип инциденти граѓаните почнуваат да се чувствуваат несигурни кога се на улица, што е недозволиво за земја-членка на НАТО и претендент за влез во Европската Унија.
Но да тргнеме со ред. Сето ова што сега ни се случува е резултат на потфрлањето на институциите и луѓето што работат во тие институции, поточно партиските кадри со кои тие се претрупани и кои, со мали исклучоци, ниту имаат знаење, а уште помалку капацитет да ја работат работата што им е доверена. Мавтањето и заканата со огнено оружје на јавно место и негово вперување во народот се тежок престап што мора да се санкционира. Дури и самиот однос и третман кон оружјето и на граѓаните и на институциите се чини како да се и премногу толерантни, па се добива впечаток како некако да се прогледува низ прсти на одредени несакани појави кога ќе се појават. Зашто кај нас некако многу често преку посегнување по оружје се манифестираат и радост и незадоволство. Се пука во воздух на свадби, на прослави, по избори, а се пука во воздух и кога некој сака да испрати и некоја друга порака или да заплаши некого. И кога сето тоа поминува неказниво, може да дојде и до други посериозни инциденти како последниот.

Затоа, несомнено, се потребни целосно ресетирање и многу поригорозен пристап на институциите кога е во прашање оружјето.
Во минатото на пример во поранешна Југославија се знаеше кој сè може да има оружје во државата и на кој начин да дојде до него. Ако некој граѓанин сакаше да купи оружје, следуваше долга процедура на испитување дали тој е подобен за носење оружје, се испитуваше неговиот комшилак, се правеше негов психолошки профил, за на крајот да се утврди дали тој човек е „на тенок фитил“ и дали може да ја загрози безбедноста на граѓаните. Ако веќе му се дадеше дозвола за поседување оружје, тогаш се водеше евиденција колку куршуми купил, ако ги употребил требаше да ги врати чаурите и да образложи каде е пукано и со која цел.
Веќе од самостојноста наваму како да се изгуби контрола кој сè поседува пиштоли и пушки, така што големи количества нелегално оружје завршија во Македонија, најмногу по ограбувањето на воените магацини во соседна Албанија и за време на конфликтот во Косово. Одеднаш оружјето се најде насекаде, се продаваше дури и преку огласи, а надлежните институции не најдоа начин како да го спречат и да го исконтролираат тоа. Дури напротив. Има примери кога разни видови оружје почна да исчезнува и од нивните магацини. Загрижувачки е и што оружјето како да стана неодминлив декор за разни поводи.

Доволно е само да се отиде на неколку свадби или друг вид прослави во одредени делови на земјава и може да се забележи нелегално оружје колку за една цела мала армија. Затоа и не треба да изненадува извлекувањето пиштоли на јавно место. Но што ќе се случи ако сите граѓани, чувствувајќи дека нема кој да ги заштитува на улица, и самите набават пиштол? Ќе шетаме ли наоколу сите со пиштолите опашани во појас како каубои? Како во вестерните од Дивиот Запад.
Она што сега надлежните треба да го направат е да им поднесат кривични пријави на предизвикувачите на инцидентот со пиштолите, исто како што им поднесоа кривични пријави на оние што пред некој ден дивееја пред Собранието и повредија полицајци. Секако, мора детално да се преиспитаат и отклонат и сите пропусти од аспект на безбедносно покривање на протестот. Постојат стручни служби што знаат како се прави тоа и во тој сегмент не смее да има експериментирања или какви било недоречености.
Дури и секој обичен граѓанин што служел воен рок знае како се превенираат безбедносни ризици, а во македонската полиција има многу професионалци што следеле еден куп обуки и од европските, но и од американските безбедносни сили. Ако трасата на протестантите ти е однапред позната, тогаш треба да знаеш каде би можеле да бидат критични точки за евентуални тензии и инциденти и таму треба да се постават заштитен кордон и специјалци во резерва.

Она што можеше да се забележи е дека напаѓачите мавтаа со пиштолите и фрлаа со камења кон граѓанската колона, која се движеше слободно, а пар полицајци од страна го гледаа целиот настан, веројатно плашејќи се и самите да се инволвираат во спречување на насилството, да не заработат и тие некоја тупаница. Ова беше, со воен речник кажано, „тотален страничен удар“. Граѓаните слободно се движеа мислејќи дека институциите и законите во оваа држава ги штитат, но очигледно не било така.
Како и да е, ова институционално фијаско предизвика загрозеност, но и згрозеност на граѓаните, кои ја губат довербата во институциите и безбедносните служби. Замислете едно дете како се шета со своите родители и одеднаш некој вади пиштол и мавта со него наоколу. Тоа дете утре ќе се плаши да излезе од дома и ќе има трауми цел живот. Но и не мора да е дете. Може да биде кој било. Зашто никој не е имун, ниту отпорен на трауми, од куршуми и оружје.
Уште повеќе што не треба да се бараат какви било изговори и да се релативизира целата работа, бидејќи ова е многу поопасно од што било друго. Вадењето оружје никогаш не води кон добро.

Следната институција што треба итно да постапи е Обвинителството, кое треба веднаш да побара приведување на лицата со оружје и да поведе судска постапка против нив, при што треба да следува и соодветна казна. Не смее да се дозволи да имаме институции што не си ја работат работата како што треба и затоа ни се случува ова што ни се случува.
По сето ова, главната дилема што се наметнува е дали македонските граѓани се заложници на вооружени насилници што потегнуваат пиштоли кога ќе им текне, а безбедносните служби се само неми набљудувачи. Ако по ова нема соодветна енергична реакција и одговор, тогаш излегува дека сите ние сме обични глинени гулаби во кои секој може да пука како да е на ловиште. Па дури и на ловиштата има чувари и правила на однесување. Само на ова наше „урбано ловиште“ нема правила, а и чуварите како да исчезнаа.