Непребол. Македонија тагува. Загубивме 59 животи, 59 семејства останаа завиени во црно. Часови одминуваат, но болката и револтот не поминуваат и никогаш нема да се заборават. Трагедијата не избира ниту датум ниту време ниту име. По неа остануваат само солзи и неизлечива болка. Што ни преостанува друго освен да се молиме за повредените. Бог да биде со нив, што побрзо да се вратат во секојдневниот живот. Страшниот пожар што изби во неделата наутро во дискотеката во Кочани ја потресе македонската спортска јавност. Во оваа страшна трагедија животот го загубија и тројца македонски активни спортисти, фудбалерот на Шкупи Андреј Лазаров (25), Дамјан Танески (18), фудбалскиот голман што бил дел од младинскиот состав и младинските погони на Вардар и Скопје, потоа Брегалница и Кит го, како и кошаркарот Петар Ивановски (18), член на Дино баскет од Кочани. Три млади животи, три надежни имиња, кои допрва требаше да градат спортска кариера, одеднаш згаснаа во пламените јазици што немилосрдно косеа сѐ пред себе. Поради трагедијата, спортот во Македонија е стопиран една седмица, а на терен ќе мораат да истрчаат само фудбалерите на Македонија против Лихтенштајн, како и ракометарите на Алкалоид, кои играат против Баја Маре во рамките од Купот на ЕХФ
Но македонското спортско срце е големо. Обединети во тагата, тоа срце исполнето со болка и спомени за изгубените животи ја споделува тагата со семејствата и блиските на настраданите. Нивниот светол дух засекогаш ќе живее во спортистите, спортските работници, спортските федерации, клубовите. Но не само кај нас туку и оние што функционираат во странство не стоеја со скрстени раце, туку веднаш се понудија за помош, за да им помогнат колку што можат на повредените и на семејствата на настраданите, колку што можат да ја ублажат сета оваа трагедија што ги погоди Македонија и нејзиниот народ, што секако е само за пофалба. Да се потсетиме само на некои. Поранешниот фудбалски селектор на Македонија Игор Ангеловски и фудбалерот Стефан Ристовски понудија несебична помош за семејствата на повредените што се лекуваат во Загреб. Ангеловски и бившиот капитен на црвено-црните Стефан Ристовски настапува за екипата на Динамо од Загреб. Истото тоа го стори и поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија Милан Стојаноски, кој живее во Белград. Тој со објава на социјалните мрежи се понуди за каква било помош за семејствата на сите оние повредени што се префрлени во Белград на лекување, притоа нудејќи сместување и каква било помош.
Подршката не изостана ниту од далечниот австралиски континент. Македонските иселеници во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс се солидаризираа со семејствата на настраданите во големата несреќа што ги погоди Кочани и Македонија.
Клубовите на иселениците во Сиднеј и во другите градови во Австралија упатија повик до сите хумани луѓе в сабота во што поголем број да присуствуваат на фудбалскиот натпревар што македонскиот клуб Рокдејл Илинден ќе го игра со Блектаун сити, а собраните средства од влезниците ќе се донираат за семејствата на настраданите. Пријателски дуел со иста намена ќе биде одигран помеѓу Вардар и Црвена звезда во Скопје. Притоа секако ќе бидат испратени и многу молитви, како што направи фудбалерот на Данди јунајтед, Кристијан Трапановски, кој постигнатиот гол за својот клуб на градското дерби со Данди во фудбалското првенство на Шкотска емотивно го прослави посветувајќи им го на жртвите на големата трагедија во неговата Македонија. Откако ја затресе противничката мрежа, македонскиот фудбалски интернационалец Трапановски емотивно падна на колена, погледнувајќи кон небото и изговарајќи молитва наменета за жртвите во Македонија.
Сите овие примери и секако оние што допрва ќе следуваат само покажуваат дека и во тагата и непреболот спортското срце е големо и не го заборава човештвото, она за кое треба секој да се бори и да го даде својот придонес и во најстрашните мигови. Спортистите го докажаа тоа на дело.