Гласови на разбирање

  • Македонско-бугарските односи не можат да се градат врз основа на анахрони бугарски тенденции за асимилација или историско ништење на Македонците. Меѓусебните односи бараат зрелост, почит и признавање на различноста. Бугарите со македонско потекло, како луѓе што ги носат двете култури во себе, имаат морална и историска одговорност да бидат гласови на разбирање, гласови на уважување, гласови на поврзување, а не на поделба. Тие можат да бидат сведоци на заедничката историја, мостови на културна соработка и гласови на помирување – ако изберат да го признаат она што е нивно, а не да го негираат. Сѐ додека овие нешта не се променат во Софија, Македонија и Бугарија нема да можат да изградат добрососедски односи, бидејќи Македонија како држава, општество и нација не може да преговара за својата историја или јазик

Неколку релевантни извори потврдуваат дека во Република Бугарија живеат илјадници, а можеби и еден милион бугарски граѓани со македонски корени – особено во Благоевград, Петрич, Сандански и во Гоце Делчев, но и во Софија и во други градови надвор од пиринскиот крај. Оваа реалност се должи на неколку историски и геополитички околности како што се Балканските војни или Првата светска војна. Македонците со генерации живеат во бугарското општество и преку бугарскиот национален наратив, кој пристигнува од институциите, кај дел од нив се создаде бугарска национална свест. Историски гледано, Македонците секогаш биле етаблирани во бугарското општество и не случајно многумина бугарски претседатели, премиери или министри биле Македонци, како и истакнати дејци на бугарската научна мисла. Оттука и произлегува денешниот најголем проблем помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, како и помеѓу Македонија и Бугарија.
Една подлабока анализа на оваа проблематика доведува до еден апсурден заклучок – Македонија и македонскиот народ немаат проблем со бугарскиот народ, туку со елитата во бугарското општество, која има бугарска шовинистичка, хегемонистичка, па и фашистичка матрица на размислување, однесување и поведенија. Таа е главниот копјаник на антимакедонска кампања во бугарското општество.
Дека нештата се такви се потврди и од неодамнешното искажување на бугарскиот претседател Радев дека „бугарскиот идентитет е процес што треба да се развива не само во нашата земја туку и низ целиот свет и во дипломатските мисии, бидејќи се претставува друга гледна точка, која е целосно во спротивност со историската вистина“. Оттука е совршено јасно дека идентитетот е главниот проблем, поточно „идентитет на бугарската политичка елита што има македонски корени“.

Етничкото потекло не мора да се совпаѓа со декларираната (од поединецот) национална припадност. Но работите изгледаат компликувани кога поединци или групи со македонски корени, од Бугарија, „активно го негираат постоењето на македонскиот народ, јазик и култура“.(!?)
Токму ова поведение, став, нивно мислење итн. активно е искористено како аргумент во политички и дипломатски контексти, што директно ги нарушува македонско-бугарските односи. Наместо да бидат гласови на разбирање и културна поврзаност, тие стануваат алатки во реторика што го минимизира македонскиот идентитет. Ова создава недоверба, фрустрација и чувство на историска неправда кај македонскиот народ. Оттука произлегува апсурдот, само замислете бугарски граѓани со македонско потекло, кои не само што го ништат сопственото потекло туку и го поттикнуваат политичкиот конфликт. Наместо да бидат гласови на разбирање, тие стануваат алатки за асимилација и историско поништување.
Мора да потсетиме дека Бугарите со македонско потекло имаат историска и морална одговорност да бидат гласови на разбирање, гласови на уважување, гласови на поврзување, а не на поделба. Тие можат да сведочат за заедничката историја помеѓу Македонците, да поттикнат културна соработка и да изградат мостови меѓу народите – ако изберат да го признаат она што е нивно, а не да го негираат.

Токму овие луѓе – Бугарите со македонско потекло – го имаат најголем потенцијал за да бидат мост. Тие ги разбираат и двете страни, ги носат и двете култури и можат да сведочат за заедничките вредности, за историските врски и за болките на поделбата. Но за да ја исполнат таа улога, потребно е надминување на некои анахрони состојби од минатиот век, потребно е прифаќање на македонскиот народ како легитимен субјект: со своја историја, јазик и култура, а сопственото потекло да не се користи за политичка негација, туку за културна поврзаност.
Македонско-бугарските односи не можат да се градат врз основа на софиските фашизоидни тенденции за асимилација или историско ништење. Тие бараат зрелост, почит и признавање на различноста. Бугарите со македонско потекло, како луѓе што ги носат двете култури во себе, имаат морална и историска одговорност да бидат гласови на поврзување, а не на поделба. Тие можат да бидат сведоци на заедничката историја, мостови на културна соработка и гласови на помирување – ако изберат да го признаат она што е нивно, а не да го негираат.
Сѐ додека овие нешта не се променат во бугарското општество, Македонија и Бугарија нема да можат да изградат добрососедски односи, бидејќи Македонија како држава, општество и нација не може да преговара за својата историја или јазик.