Свето Тоевски
Македонија има повеќе од 20 закони за животна средина и 400 подзаконски акти, има и најнов „Национален план за управување со отпад“ – ама има и повеќе од две илјади диви депонии. Едноставно кажано, не секоја општина, туку секое село и маало ни станаа дива депонија, на која се фрла сѐ и сешто! Се зголемува количеството произведен отпад, а се намалува неговото третирање, вклучително и рециклирање. Во 2023 година, Македонија произведе 878.303 тони отпад, но само 0,2 отсто од тој отпад беше рециклиран, а остатокот заврши на депонии. Поодделно од тоа, според извештајот на Заводот за статистика од април годинава, вкупното количество собран комунален отпад во 2023 година изнесувало 621.686 тони и споредено со 2022 година бележи зголемување од 2,6 отсто. Најголемото количество собран комунален отпад, 99,8 отсто, се исфрла на депонија, вели државната статистичка институција. Затоа ги имаме скопска Дрисла, Вардариште, Трубарево, гостиварско Русино, потоа депониите Шапкар кај Струмица и депонијата кај селото Добрашинци… Цела Македонија е „накитена“ со депонии. Затоа тие депонии беа „податливи“, со своите илјадници тони лесно запалив отпад, некои и намерно да подметнат пожари на нив, како што се случуваше во изминативе неколку седмици околу Скопје и низ Македонија, и да испуштат огромни количества штетни, па и канцерогени материи во воздухот.
Што може да се прави, за чии искуства вреди да се размисли дали можат да се применат барем делумно во Македонија, за да биде помалку загадена, со помалку расфрлан отпад, со помал број диви депонии, со повисок степен на рециклирање на отпадот, но и на кој начин? Ајде да разгледаме еден пример… Азиската град држава Сингапур не случајно се нарекува „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“! Тој е единственото место во светот каде што нема отпад. Како го реши Сингапур својот голем проблем со отпадот? Повеќе од две милијарди тони глобален отпад се генерираат годишно во оваа мала островска држава. Сингапур е опседнат со чисти патишта, рециклирање и „преработка на отпад“, со негова повторна употреба секогаш кога може.
Во текот на 20 век Сингапур беше многу неразвиен град држава, загаден, со валкани улици, со граѓани што фрлаа ѓубре кај што ќе стигнеа. Но Сингапур увиде дека така не смее да продолжи. Уште во 1968 година се започна со своевидна „казнена експедиција“ низ Сингапур, со остра, но неопходна кампања под мотото „Да го одржиме Сингапур чист!“, изрекувајќи им драконски високи казни на сите несовесници што фрлаа отпад низ градот и кои создаваа и таму депонии, со какви што се бориме денес ние во Македонија. Оттогаш (како прекуноќ), улиците во Сингапур станаа чисти и во неговата околина повеќе ги немаше „смрдливите планини“ од отпад.
Наметнувањето на високите казни беше само еден помал дел од палетата на преземени еколошки мерки. Главната беше почетокот на остварувањето на еден навистина агресивен план за максимално собирање и рециклирање на индустрискиот и комуналниот отпад. Во 2012 година беше прогласен „Зелениот план на Сингапур“, една своевидна тамошна „еколошка револуција“ во управувањето, складирањето и повторното употребување, односно рециклирање на најразновидниот отпад. Во Сингапур сè што може да се рециклира се рециклира.
Сегашната еколошка свест на Сингапурци е многу висока, но пред 40-50 години и тие беа како нас, а денес се светски еколошки шампиони! Како изгледа сингапурското комунално еколошко секојдневие? Сингапур има население од 5,5 милиони. Повеќето жители живеат во високи станбени згради. Секој стан е опремен со централен канал за отстранување отпад. Преку овие канали се насочува отпадот, но во различни канти за отпадоци, појасно кажано, процесот на сортирање започнува уште од становите во зградите од страна на граѓаните. Наместо да се симнуваат долу, тие го фрлаат отпадот сортиран и го спуштаат низ каналите за фрлање удолу и тој оди во посебно обележани со боја различни комори за различен вид отпад. Системот за управување со отпад во Сингапур е извонредно ефикасен: секој ден илјадници камиони го собираат отпадот од зградите и го транспортираат до специјални бункери. Работниците за отпад доаѓаат во редовни интервали (таму нема нивни штрајкови, таму не се случува да не им исплаќаат плати по три и повеќе месеци како во Македонија!) и го преземаат фрлениот и веќе првично сортиран отпад. Тие работници дополнително го сортираат отпадот – кој попрво не се нарекува отпад, туку „рециклирачки материјали“, заради транспорт до фабрика за преработка. Ѓубрето се компактира, се набива и се подготвува за патувањето до горилница со филтри, за да нема никакво загадување на околинскиот воздух.
Во тие горилници – високотехнолошки постројки, се пали и од тоа се добива електрична енергија, што ги напојува домовите и бизнисите низ целата земја. Добиениот чад внимателно се филтрира за да се заштити животната средина, додека пепелта се меша со цемент за да се направат еколошки тули! На пластичниот отпад му се дава нова намена; една сингапурска компанија од преработениот пластичен отпад разви иновативен материјал што го заменува традиционалниот битумен во изградбата на патишта. Всушност, ѓубрето во Сингапур едноставно исчезнува! Оваа релативно мала држава е светски лидер во создавањето иднина без отпад: таму отпадот ефикасно се отстранува, а рециклираните пластични шишиња се користат за изградба на некои од најдобрите патишта во светот! Постојано растечката популација на Сингапур и процутот на економијата резултираа со седумкратно зголемување на цврстиот отпад за половина век. Но Сингапур не би бил Сингапур, ќе повторам, ако не смислел генијални и ефикасни решенија. Затоа повеќе нема класични депонии на отпад во Сингапур, како во Македонија, туку има зеленило.
Оттука прашањето: дали не сме способни и ние во Македонија да прогласиме наша „локална еколошка револуција“? Зарем не можеме оние наши 0,2 отсто, а некои велат 0,7 отсто рециклиран отпад, да ги зголемиме за почеток барем за десет пати, а потоа пак за уште десет пати? Дали не може и во Македонија да се изградат вистински фабрики за преработка на сметот и за негово согорување во високотехнолошки горилници, како во Сингапур, по што пепелот и кај нас ќе наоѓа примена во градежните активности, па дури и во изградбата на улици? Зборуваме за горилници со целосни аерофилтри како во Сингапур. Зарем не може и македонската држава да ископира и практично да спроведува колку е можно поголем дел од искуствата на оваа азиска држава, нека биде, комбинирано и со искуства од Шведска и другите еколошки напредни европски држави? Комбинирајќи дел од искуствата и праксата на европските држави, може и Македонија да стане „балкански Сингапур“ во справувањето со отпадот и во поглед на неговото искористување, така што ќе исчезнат сегашните неколку илјади диви депонии и еколошкиот хаос, во кој допрва ќе тоне Македонија. Би било многу добро кога претставници на македонските институции и на еколошките власти би направиле една „студиска“ (не туристичка!) посета во Сингапур, па да донесат и во Македонија сознанија за нивните вредни искуства.