Тоа што предизвикува внимание во последно време е што на недостиг од работници се жалат не само стопанските субјекти од приватниот сектор туку и државни институции, кои, според македонските услови, секогаш биле привлечни за вработување. За апсурдот да биде поголем, во Железницата, покрај обучени машиновозачи, механичари и бравари, недостигаат (внимавајте) и благајници и кондуктери! Зарем од толкавата превработеност во државната и јавната администрација нема некој што може да се преквалификува и обучи да им ги проверува и наплатува картите на патниците во возовите
Во државната компанија за железнички сообраќај се соочувале со голем недостиг од кадар. Потребен е стручен персонал од сите професии – машиновозачи, бравари, механичари, благајници, кондуктери… Најалармантно било со недостигот на 40 машиновозачи и доколку итно не се одобрат нови вработувања, тоа ќе се одрази на редовното работење на компанијата. Во изминатите години многу сме читале и слушале за недостигот од квалитетен и обучен кадар, на што предупредуваа(т) многу фирми од приватниот сектор. Но тоа што предизвикува внимание во последно време е што на недостиг од работници се жалат не само во приватниот сектор туку и државни институции, кои, според македонските услови, секогаш биле привлечни за вработување, но недостижни за дел од граѓани, кои не можеле да ги „поминат“ партиските рампи. За апсурдот да биде поголем, во Железницата, покрај обучени машиновозачи, механичари и бравари, недостигаат (внимавајте) и благајници и кондуктери! Прашањето што само се наметнува е зарем од толкавата превработеност во државната и јавната администрација нема некој што ќе може да се преквалификува и да се обучи да им ги проверува и наплатува картите на патниците во возовите, кои на домашните и застарени пруги се движат со брзините од „минатиот“ век? Како што можевме да разбереме од изјавите на синдикалниот лидер, поголемиот дел од машиновозачите бил пред пензионирање, а сега нема нови вработувања на „железничарите“, кои долго време работеле на одредено време.
Проблемот со недостигот од квалификувана работна сила, или поинаку кажано за работниците за кои е потребно да имаат одредени вештини, е присутен уште од почетокот на економската и политичка транзиција на земјата. Се сеќавам на приказната од пред петнаесетина години што ни ја раскажа тогашниот министер за земјоделство, при посетата на сточарска фарма во беровскиот крај и за тешкотиите да се најде овчар за пристојна плата во тоа време, која изнесуваше околу 30 илјади денари со обезбедена храна.
Според кажувањата, еден сопственик на млекарница за да најде чувар на овците, покрај високата плата, во трлото некаде во планините обезбедил и слободен пристап до интернет, за да може вработените да бидат поврзани со преостанатиот свет! Колку луѓе сега би се јавиле на овој „отворен“ конкурс за одгледувачи на овци и за молзачи е непознато. Но тоа што знаеме е дека многу домашни фарми и преработувачи на млеко се жалат дека многу искусни сточари веќе се заминати во странство за многу подобри финансиски услови.
Во досегашниот посттранзициски период, носителите на власта во Македонија го правдаат недостигот од стручна работна сила со постоењето на „миграцијата, која е глобален феномен“, за да поентираат со податоците дека тоа им се случува и на побогатите и развиени земји како на една Германија или Америка. Како нов „аргумент“ што се користи од властите како одговор на забелешките на домашните производствени компании, кои упорно бараат слободен и квалификуван работник, се споменува и факторот „функционална неписменост“. Според објаснувањата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во Агенцијата за вработување процентот на невработени навистина сѐ уште е висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот. Неоспорно е дека повеќето невработени лица што се пријавени во бироата за вработувања не поседуваат работни вештини што се бараат од новите производни и информатички технологии, за што говори и примерот на компаниите што работат во развојните економски зони и кои постојано бараат работници. Причините за несоодветниот состав на невработените лица се многубројни, од несоодветниот образовен систем во Македонија, која „продуцира“ многу кадри со академски и докторски дипломи, па сѐ до оној најважниот момент, а тоа е сигурноста што им ја дава работното место, сфатена од аспект на постојано вработување и секако и пристојни примања.
Прашањето што треба да си го постават креаторите на економските политики во земјата е како овие домашни и „нефункционални“ кадри брзо се приспособуваат на пазарите на трудот во високоразвиените земји! Според податоците на меѓународните финансиски институции, процентот на тие што сега имигрираат за разлика од тие што имигрирале пред 20 или 25 години е со повисока образовна структура. Значи со високо образование, наместо како што било пред 25 или 30 години кога тие што имигрирале биле со пониско образование.
Како нов „аргумент“ што се користи од властите како одговор на забелешките на домашните производствени компании, кои упорно бараат слободен и квалификуван работник, се споменува и факторот „функционална неписменост“. Но прашањето што треба да си го постават креаторите на економските политики во земјата е како овие домашни и „нефункционални“ кадри брзо се приспособуваат на пазарите на трудот на високоразвиените земји!
Ова значи дека одговорноста за заминувањето на младите работници од Македонија, кои се во својата најголема продуктивна возраст, првенствено треба да ја бараме кај нас дома. Ако пред дваесетина години први од земјата заминаа нашите сточари, потоа ѕидарите, па заварувачите и возачите на камиони и автобуси, сега низата ја продолжуваат лекарите и информатичарите. И така со ред.
Во градењето сеопфатна развојна стратегија за здржување на домашните работници и образовани кадри, неопходно е да учествуваат сите субјекти во државата. Во прв план треба да бидат Владата и министерствата преку градење издржливи и развојни програми за стимулирање на домашните работници, што ќе овозможи да дојдат до израз стручните и професионалните лица, а не партиските критериуми за вработување и напредување во кариерите. Тоа подразбира и подобрување на животниот стандард за македонските граѓани што ќе одлучат да останат во својата татковина, во што треба да се вклучат и стопанските субјекти. Во спротивно, бројот на тие што одлучиле да заминат во странство постојано ќе се зголемува.