На годинашниот 81. Филмски фестивал во Венеција, Македонија нема свој претставник ниту во редовните ниту во придружните програми. Нѐ нема ниту на реномираниот маркет, ниту имаме претставник во некое од жиријата. Годинашното комплетно отсуство, и не само од овој туку од сите поголеми фестивалски случувања, е показател дека во Македонија во последниов период нема подготвеност за снимање филмови, а уште помалку такви со потенцијал да стигнат до најважните филмски фестивали во светот
Деновиве очите на светската јавност, и не само на филмската, се свртени кон црвениот тепих на Лидо ди Венеција, каде што по 81. пат се одржува блескавата „Мостра“, еден од најпрестижните светски филмски фестивали. Годинава фестивалот е обележан со враќањето на големите ѕвезди во Венеција, како Анџелина Џоли со биографскиот „Марија“, Тилда Свинтон и Џулијан Мур со „Соба до врата“ на Алмодовар, Бред Пит и Џорџ Клуни со „Волци“, Лејди Гага и Хоакин Феникс со продолжението на „Џокер“, Тим Бартон, во придружба на Моника Белучи, со „Битлџус“… Ова издание веројатно ќе остане запаметено како едно од повпечатливите.
За жал, Македонија годинава не е дел од ниту една од програмите на фестивалот. Иако е несвојствено за нашата кинематографија да биде дел од главната натпреварувачка програма (впрочем, тоа не се случило откако Милчо Манчевски го освои „златниот лав“ во 1994 г. за „Пред дождот“), во изминатите три години редовно бевме дел од програмата „Хоризонти“, посветена на новите трендови во светската кинематографија. За разлика од етаблираната секција „Венеција“, која го доделува престижниот „златниот лав“, „Хоризонти“ е од понов датум и фестивалот ја претставува како селекција на филмови што ги претставуваат најновите трендови на современиот филм, како и деби-изданија и независни филмови што се спротивставуваат на жанровските филмови и тенденции, кои откриваат и демонстрираат креативна оригиналност.
Со годинашното отсуство дури и во оваа програма е прекинат континуитетот од 2021 година наваму, кога по пауза од 21 година Македонија се најде во официјалната селекција на „Хоризонти“ со филмот „Вера сонува за морето“, копродукција помеѓу Македонија, Косово и Албанија, потоа наредната, 2022 година, со „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, првпат по две децении со мнозински проект, па до минатата година, кога македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски беше дел од истата програма и ја доби наградата „квир лав“… Лани во програмата „Авторски денови“ беше прикажано и најновото филмско остварување на Теона Стругар Митевска, „21 ден до крајот на светот“, а Тамара Котевска беше еден од тројцата светски автори со свое излагање во Венеција на темата „Филмови што влијаат на општеството и ја менуваат свеста на луѓето за важни социјални теми“.
На годинашниот 81. Филмски фестивал во Венеција, кој ќе трае до 7 септември, Македонија нема свој претставник ниту во редовните ниту во придружните програми. Нѐ нема ниту на реномираниот маркет на „Мостра“ (во 2016 година на проектот во развој на Теона Митевска, „Господ постои – нејзиното име е Петрунија“, беше селектиран за „Геп фајненшл маркет“, каде што се претставуваат филмски проекти во развој од целиот свет). Немаме ни претставник во некое од жиријата (четири пати во жирито на федерацијата на филмската критика „Фипресци“ членуваше филмскиот критичар и долгогодишен директор на фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски, а во 2012 г. Манчевски беше член на жирито на 69-то издание на фестивалот).
Годинашното комплетно отсуство е показател дека во Македонија во последниов период нема подготвеност за снимање филмови, а уште помалку такви со потенцијал да стигнат до најважните филмски фестивали во светот. Каде да се лоцираат причините за отсуството од натпреварувачките селекции во Венеција, Кан или Берлин – светото тројство кога станува збор за најважните европски филмски смотри (единствено „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ бил наш претставник за „златна мечка“ на Берлинале, покрај Манчевски во трката за „златниот лав“)?
Веројатно лобирањето е задолжителен дел од пробивот и промоцијата на филмските дела, бидејќи на овие фестивали пристигнуваат илјадници филмови, а голем дел од нив селекторите воопшто и не гледаат, па без силно лоби и препораки, и добар филм може да помине сосема незабележано. Но поразувачката реалност е дека ние и воопшто немаме филмови што би можеле да влезат во натпреварувачките програми на големите фестивали (Македонија годинава нема ни кандидат за „оскар“ затоа што немало филм што ги исполнува условите на Американската академија). Вистина е дека до ваков пробив не се доаѓа брзо и едноставно, ама лобирањето и маркетиншкиот аспект се само дел од патот што треба да се изоди. Не е доволно да се испочитува процедурата и да се испрати копија од филм. Она што треба да претходи е добро осмислена стратегија за промоција на филмовите и на нивните автори, пред сѐ излегување од анонимноста и изолацијата. И, се разбира, успехот следува по многу труд и работа, особено што доаѓаме од регион каде што кинематографијата не наидува на особен меѓународен прием.
Филмовите се скапа работа велат оние што ги прават, но често тоа е само изговор, зашто најчесто проблем се идеите, а не парите. Кај нас, се чини, ни недостигаат и двете. А и како да се снимаат квалитетни филмови ако единственото со што се занимаваат добар дел филмаџии се меѓусебни подметнувања и обвинувања за тоа кој колкав дел од колачот си присвоил (настрана фактот што дел од тие пари не е искористен за основната дејност – снимање филмови), занемарувајќи го фактот дека за малите кинематографии, големите фестивали и награди значат многу, дека тие ги подгреваат надежите и ја подигаат нашата самодоверба, отвораат многу порти и прават многу повеќе за авторите, но и за државата, од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика
Но најмалку што треба да направите е да имате – филм! Оттука, многу повеќе причините треба да ги бараме во состојбите во македонскиот филм од независноста наваму, кои кулминираа особено во последниов период. Жално е што безмалку единствените вести што доаѓаат од филмските кругови не се вести за нови филмови и успеси, туку се соопштенија, меѓусебни преписки и обвинувања на релацијата Агенција за филм, Друштво на филмски работилници, министри за култура, поединечни режисери и продуценти, околу тоа кој колку (или кој повеќе) проневерил или злоупотребил пари од буџетот за филм на државата, кој кому му е миленик, кој со кого и во каква релација е (пријателска, клиентелистичка, партиска, сопружничка…) Злоупотреба на службената положба, несовесно работење, непотизам, клиентелизам, корупција, непочитување на законите, реваншизам, политика… тоа е декорот што ја опкружува домашната филмска дејност. Па, кога згора на тоа имате ограничен буџет за филм во споредба со остатокот од светот (но кој и не е така мал ако се земат предвид милионските суми што се споменуваат во ревизорските извештаи), тешко дека ќе создадете квалитетна продукција што ќе биде конкурентна со онаа во развиениот свет.
Ама факт е дека и не е сѐ во парите. Филмовите се скапа работа велат оние што ги прават, но често тоа е само изговор, зашто најчесто проблем се идеите, а не парите. Кај нас, се чини, ни недостигаат и двете. А и како да се снимаат квалитетни филмови ако единственото со што се занимаваат добар дел од филмаџиите се меѓусебни подметнувања и обвинувања за тоа кој колкав дел од колачот си присвоил (настрана фактот што дел од тие пари не е искористен за основната дејност – снимање филмови), занемарувајќи го фактот дека за малите кинематографии, големите фестивали и награди значат многу, дека тие ги подгреваат надежите и ја подигаат нашата самодоверба, отвораат многу порти и прават многу повеќе за авторите, но и за државата, од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика.