Што им е заедничко на Галичник, Велестово, Дојран, Дрим…, но и на Смилево, Цапари, Буково, Долно Оризари… Станува збор за востановување неколку фестивали во последниве години, дисперзирани низ државава, кои учествуваат во градење една култура за оживување делови од Македонија во кои не само што се собира уметничката и културна фела туку и се доближуваат уметноста и културата до локалното население, кое во поголемиот дел од годината најчесто и нема друг допир со уметноста и културните настани
„Убавината во тоа кога ги гледаш делата на овој фестивал, прво – под отворено небо, тоа е навистина една посебна магија. Го дишеш чистиот воздух на Галичник, ги гледаш соѕвездијата и си потполно споен со космосот, паѓаат ѕвезди додека гледате филмови, дува ветер, заладува, телото се регенерира, а синергијата што кружи за време на проекциите е навистина незаборавна…“, вака го опишува своето искуство актерот Ѓорѓи Јолевски, како дел од жирито на годинашното петто издание на „Галичник филм фестивал“, кој се одржа неодамна, привлекувајќи голем број филмски ентузијасти, режисери, актери и љубители на седмата уметност. Токму местоположбата на овој фестивал е неговата најзначајна специфика. Галичник е клучна точка за македонската историја, македонскиот јазик, македонската уметност, култура… Место од каде што доаѓа Ѓорѓија Пулевски, еден од нашите најзначајни преродбеници, место што е како од бога допрено…
Дијагонално на југ, пак, деновиве се спушти завесата и на третото издание на меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“ во Стар Дојран. Овој фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и автори што живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земји е прв филмски фестивал од ваков формат во Македонија, кој успеа да го збогати културниот живот во градот и околината, прв што се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото, локација што беше неправедно занемарена кога станува збор за културните настани. Според првиот човек на фестивалот, Јани Бојаџи, Дојран е суштината на Медитеранот во Македонија, тој е последната граница на Медитеранот и природно е таму каде што постојат граници, уметниците да се обидуваат да ги преминат тие граници, место што има не само своја историја и своја сегашност туку и своја иднина, а неговата идеја е таа иднина да ја сподели со целиот Балкан и Медитеранот, како природна средина на која ѝ припаѓа самиот Дојран.
Покрај брегот на Охридско Езеро, пак, се случуваат повеќе летни фестивали, но покрај оние веќе етаблираните со долгогодишна традиција како „Охридско лето“ и „Струшките вечери на поезијата“, последниве години езерото ги пречекува и гостите на „Бич филм фестивал“, промовирајќи локации како што е старото градско јадро, на локацијата на плажата Сараиште, но и бродот „Армада“ во самите води од Охридско Езеро како посебна атракција. Над езерото, пак, во амбиенталното село Велестово се одржува Поетската ноќ, чие годинашно издание заврши во неделата на сретсело во Велестово и со изложба на фотографии во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, како и разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања. Да не го заборавиме и „Дрим шорт филм фестивал“ во Струга, чие осмо издание се одржува со идејата за „бесконечна слобода“, за оние што измислуваат нови универзуми и за оние што патуваат низ нив, за оние што веруваат и за оние што не веруваат…
Што им е заедничко на овие фестивалски случувања? Освен што се одржуваат во летните месеци (јули и август) и се посветени на уметноста и културата, сите тие имаат цел да ја шират културата, но и да ги промовираат локациите на кои се одржуваат: Галичник, Велестово, нашите прекрасни езера… Станува збор за градење една култура, за оживување делови од Македонија во кои не само што се собира уметничката и културна фела туку и се доближуваат уметноста и културата до локалното население, кое во поголемиот дел од годината најчесто и нема друг допир со уметноста и културните настани.
Можеби на највистински начин оваа мисија ја исполнува патувачкото кино на тековниот „Македокс“, повеќеслојна платформа што ја „посадија“ документаристи и докуљупци задоени со медитеранска мисла, на која, како што велат организаторите, креативноста ѝ е прва друшка, а документарниот – омилен јазик.
Годинава „магаренцето“прошета во Битолско и Демирхисарско, се растовари на сретсело во Смилево и пред Офицерскиот дом во Битола, а во септември ќе се одвлечка и до Цапари, Буково и Долно Оризари. Лани на проекциите во сите посетени места имаше околу 180 гледачи, локално население што дотогаш немало можност да присуствува на филмска проекција во своето село. Дел од програмата се прави и по избор на месното население, секогаш се имаат предвид желбите на локалното население и со заемна комуникација се приспособува програмата на нивните интереси. Се издвојува простор и за најмладите генерации со проекција на филмови бидејќи младите се најмногубројни посетители на проекциите на патувачкото кино…
„Преку бесплатни проекции под отворено небо, патувачкото кино раскажува, ама и забележува приказни, тоа е неговата суштина. Спојува луг?е, енергии, судбини, преплетува исконски и современи приказни. На културата гледа пошироко од киносалите и помпезните настани. Ги носи на грб филмовите и го полни самарот со приказни до кои ретко се допира ако не се оди пред кооперација, на сретсело, ако не се испие кафе или ракија, со некои добри луг?е…“ Колку убава приказна!